Шолц, Лашет, Бербок: кого го посакува ЕУ? | Информации и анализи за Германија | DW | 24.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Шолц, Лашет, Бербок: кого го посакува ЕУ?

Дали на новиот германски канцелар ќе му оди лесно со Европа? Во Париз, Варшава и Брисел „гледаат во стаклена кугла” спроти изборите за Бундестагот. Преглед на нивните очекувања од Бернд Ригерт.

Кандидатот за германски канцелар, Олаф Шолц на средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата

Кандидатот за германски канцелар, Олаф Шолц на средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата

Нема официјални изјави од премиерите на земјите членки, но затоа има делумно диви шпекулации од тинктенкови, добро упатени и познавачи на состојбите околу тоа кој канцелар би бил подобар за една или за друга земја: досегашниот министер за финансии на Меркел, Олаф Шолц од СПД или фаворитот на Меркел од ЦДУ, Армин Лашет, или пак анти-Меркел кандидатката Аналена Бербок од Зелените. Европската политика во предизборната кампања и на претежно здодевните телевизиски соочувања не одигра никаква улога. Што планира да прави секој од нив на тоа поле ако дојде на власт, останува тајна за ЕУ.

Франција

Емануел Макрон може да се радува. Додека новиот канцелар во Германија да ја формира коалицијата францускиот претседател ќе биде без дилеми најмоќен политичар во ЕУ. Во првата половина од 2022 ќе претседава со Советот на ЕУ и потоа ќе биде во предизборна кампања за негов реизбор во април 2022. Канцеларката во заминување, Меркел, го остави на цедило со неговите големи европски визии. Не можеше покрсј неа да наметне проширување на институциите и лабава фискална политика. . Само во однос на сензационалниот пресврт кон заедничко задолжување на ЕУ за справување со последиците од корона кризата двајцата толку различни карактери најдоа заеднички јазик. Веројатно ќе биде нешто полесно со Олаф Шолц заеднички да се трошат пари. Конечно, Шолц се фали со тоа дека всушност тој го измислил фондот за обнова по короната на база на задолжување.

Шолц ги споделува и идејата на Макрон за нужна европска „сувереност” во одбраната, индустриската политика или заштитата на климата.

Kanzlerkandidat Laschet besucht Polen

Кандидатот за германски канцелар Армин Лашет со полскиот премиер Матеуш Моравјецки

Но, и Армин Лашет исто така. Во предизборната кампања исто како и Шолц ја посети Елисејската палата и самиот се пофали дека е микс од Меркел и Макрон. Париз како на човек по потекло од Ахен, најзападниот дел на Германија, му бил поблизок од Берлин. Францускиот министер за Европа во вторникот во однос на секогаш важечкото правило за германско-француската локомотива во ЕУ рече: „Во Европа никогаш не можеш да бидеш силен ако си сам. Ние не можеме без Германија, таа не може без нас." Тоа во превод изгледа значи дека без разлика кој и да стане канцелар, Париз и Берлин ќе соработуваат. Патем, Бербок не сакаше да отпатува во француската престолнина. „Елисејската палата не е место за предизборна кампања”, оцени таа. Некои пак велат дека воопшто и не била поканета.

Полска

Матеуш Моравјецки изгледа ќе се нервира што завршува ерата Меркел и дека сега можеби ќе има поголем отпор од Берлин во однос на правната држава и вредностите. Полскиот премиер од националконзервативната партија ПиС е во континуиран спор со ЕК и со Европскиот суд бидејќи реформите во полското правосудство се спротивни на европското право. Поранешниот советник на Моравјецки, филозофот и лобист Томаш Кравчик, за ДВ вели дека за Варшава сега е потешко бидејќи нивата влада во Берлин без разлика на составот, ќе има помалку обзири. Меркел била „разбирач на Полска” и карактер што балансира. ЕК наскоро во Берлин ќе има поцврст сојузник, претпоставува Кравчик.

Кандидатката за германска канцеларка Аналена Бербок со канцеларката Ангела Меркел на седница на Бундестагот

Кандидатката за германска канцеларка Аналена Бербок со канцеларката Ангела Меркел на седница на Бундестагот

Кандидатот Лашет во предизборната кампања ја посети Полска и споменал нешто неспецифично од типот на “практични решенија” во спорот околу правната држава.

Аналена Бербок сигурно ќе го преземе цврстиот став на зелените колеги од Европскиот парламент против растечката анти-ЛГБТ политика во Полска, смета филозофот. Но, затоа пак таа според него би била идеален кандидат за земјата на друго поле, имено со категоричното одбивање на германско-рускиот гасовод Северен тек 2. Лашет се залага гасоводот да проработи. Шолц вели “треба да се догради, но всушност и не ни е по секоја цена потребен”.

Шесттемина со очекувања

Социјалдемократските премиери од Шведска, Финска, Данска, Малта, Шпанија и Португалија би славеле ако Олаф Шолц по 16 години Германија од црно ја прешалта во црвено. Тоа би било голем поттик за европските социјалдемократи кои изминатите 10 години доживеаа пад и дури  сега полека се враќаат на сцената. За осум конзервативни премиери пак би било жално ако најголемата земја во Унијата веќе не ја предводи демохристијанин.

Луѓето

А, што мислат Европејците? Според анкета на тинк-тенкот „European Council on Foreign Relations" („Европски совет за надворешни односи”) мнозинството Европејци ја сакале Меркел како кризен менаџер бидејќи со неа асоциираат некој на кого можеш да се потпреш. Тоа го очекува мнозинството и од новата влада во Германија, исто како и воздржаност во фискалната политика. Но, севкупно испитаниците во оваа анкета сметаат дека „златната ера” на Германија се движи кон крајот.

Експертот

Какви се размислувањата во Брисел? Германија останува најголемата и економски највлијателна земја членка без разлика на конкретниот канцелар. Нема да има драматична промена во однос на европската политика, смета директорот на тинктенкот „European Policy Centre" („Центар за европски политики”), Јанис Еманулидис во разговор за ДВ. „Убаво би било да има идеја во која насока треба да се движи ЕУ за да се има некаква ориентација. За жал не сум многу убеден дека ќе видиме такво нешто од новата влада во Берлин." Германските службеници во ЕУ се прагматично лефтерни. Работата прво си продолжува како и до сега, без разлика кој ќе победи. Големите одлуки ќе бидат одложени додека новите ликови да фатат ред и потоа ќе се види како ќе се тера понатаму.