Шалке со 6 бодови предност, половина лига во борба за опстанок | Теми | DW | 12.02.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке со 6 бодови предност, половина лига во борба за опстанок

Успеси на германските претставници на светското првенство во биатлон, како и на тениската репрезентација во Девис-купот

Радост на стрелецот: Кевин Курањи (Шалке)

Радост на стрелецот: Кевин Курањи (Шалке)

Победата над Херта Берлин со два спрема 0 е шеста последовна на Шалке, единствена екипа која во пролетниот дел не загуби ни бод. Во Гелзенкирхен сега почнуваат гласно да зборуваат за шампионска титула, последен пат освоена пред 49 години. “Јас уште од почетокот реков дека можеме да бидеме прваци и остануваме на тоа. Во вториов дел си изработивме предност од шест бодови, но имаме да одиграме уште 13 натпревари и таа многу бргу може да се стопи. Мораме да се концентрираме на наредниот натпревар” – без еуфорија укажува тренерот Мирко Сломка.

Во дербито на колото Штутгарт - Вердер 4 спрема 1: прв пораз на Вердер на туѓ терен по половина година, но и потврда на кризата на претходниот лидер на табелата. Вердер ги загуби сите четири дуели против директните конкуренти Штутгарт и Шалке. Штутгарт, пак, дома е непоразен од лани во август. Репрезентативниот голман Тимо Хилдебранд со задоволство констатира: “Стигнавме до таму да можеме да се носиме и со вакви екипи - едноставно, играчки сме многу силни. Кога назад добро ќе се поставиме, тешко е за било кој тим нешто да направи”.

Конечно победа на Баерн, минимална -1 спрема 0 против Арминија Билефелд, но од значење бидејќи е прва во пролетниот дел. “Ова денеска беше работна победа врз која може натамошно да се надградува. Ние сите – и тимот, и јас - знаеме дека мораме напорно да работиме за да направиме натамошен напредок” – оцени преодниот тренер на Баерн Отмар Хицфелд. Актуелниот првак сега заостанува 11 бодови зад Шалке, пет зад Вердер и четири зад Штутгарт, а четири бодови изнесува и неговата предност пред Нирнберг и Херта.

Арминија, пак, не само што пролетва нема победа, туку веќе девет кола не го почувствува тоа задоволство. По поразот од Баерн тренерот Томас фон Хезен објави дека се повлекува од кормилото на тимот од Билефелд и образложи: “Во првите натпревари не освоивме бодови и таа ситуација - и врз основа на дискусијата околу тренерот, внесе толку немир во клубот, што сега дојде денот на кој мора да се каже: в ред, на тимот му е потребно мирно опкружување за да ги постигне целите за кои е способен, а тоа и натаму е опстанок во лигата”. Томас фон Хезен уште пред стартот на пролетниот дел најави дека нема да го продолжи договрот што му истекува на крајот од првенството, а е спомнуван како кандидат за тренер на Борусија (Д) или на истоимениот тим од Менхенгладбах, и за спортски директор на Хамбургер. Неговиот досегашен помошник Франк Гајдек од денеска го презема тренирањето на Арминија.

Нирнберг со многу среќа победи во Бохум со 2 спрема 0 и ја потисна Херта од петтото место, кое води во Купот на УЕФА. Сигурни во средината на табелата се и Баер Леверкузен, кој дома спаси бод во дуелот со Анјтрахт Франкфурт што заврши 2 спрема 2, Хановер кој на ист начин и со ист резултат се извлече дома во средбата со Волфсбург, и донекаде Борусија Дортмунд. Сите други се во борба за опстанок.

Таму, пак, најголеми чекори во вториот дел направи Мајнц со освоени 10 од 12 можни бодови – на викендот “жртва” беше Енерги, победен со 4 спрема 1. Хамбургер по цели 10 месеци конечно победи на домашен терен - и тоа убедливо 3 спрема 0 против Борусија Дортмунд. Борусија Менхенгладбах и Алеманија Ахен одиграа 0 спрема 0 – недоволно за обата тима. Хамбургер сега има 18 бодови, Бохум, Борусија (М) и Алеманија по 20, Мајнц 21, Енерги 22, Анјтрахт и Арминија по 23, Волфсбург 24, Борусија (Д) 25. Сосем мирен не може да биде никој од нив.

Германија најуспешна нација на СП-биатлон

Извонреден настап на германските биатлонци на светското првенство што се одржа во италијанскиот центар Антлиц во Јужен Тирол: пет златни, по три сребрени и бронзени медали е нивниот биланс. На последниот ден 30-годишниот Михаел Грајс, олимписки победник, беше најдобар во трката на 15 километри. Првиот негов златен медал од светските првенства го прослави со знамето на покраината Баварија. Самиот објасни зошто: “Истовремено Анди второпласиран, си помислив: ние Баварците напред, тогаш ќе постапам малку поинаку, ќе го земам баварското знаме. Германците треба да ни простат, наредниот пат пак ќе го земам германското”.

Андреас Бирнбахер, инаку светски јуниорски првак, приреди изненадување со второто место, пред францускиот ас Рафаел Поаре. За него ова е прв медал од сениорските светски првенства.

“Ова, мислам, беше најтешката трка во која сум учествувал, но и најуспешната” – рече Бирнбахер.

Женската штафета во состав Мартина Глаго, Андреа Хенкел, Магдалена Нојнер и Кати Вилхелм суверено го освои златниот медал со речиси една минута и осум секунди предност пред Франција. Трета беше Норвешка. Магдалена Нојнер со три златни медала е најуспешен учесник на првенството: “Некако, не сакав да заврши сонот и ова е лудо убав крај на светското првенство”.

И Кати Вилхелм подолго време сонувала за победа на германската штафета на светско првенство по цели осум години: “Целата сезона размислував дека мораме повторно да победиме во штафетната трка”.

Германија ја елиминира Хрватска во Девис-купот

Германските тенисери по подолго време забележија победа во првото коло на светската група од Девис-купот, иако во Хрватска имаа тежок противник. Конечниот резултат е 3 спрема 2. Јунакот на мечот Томи Хас се најде на рацете од соиграчите во селекцијата бидејќи победи во двата поединечни дуела.

Во четвртфиналето противник на Германците им е Белгија, која приреди изненадување и со ист резултат (3 спрема 2) ја елиминира Австралија. Германците против Белгија досега имаат седум победи и ниту еден пораз.