1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора не сака руски воени бродови во своите пристаништа

ЖА/макфакс23 декември 2013

Рускиот амбасадор во Подгорица Андреј Несторенко појаснува - Русија не барала отворање воена база, туку само логистичка поддршка за поморската флота, но Црна Гора не била заинтересирана.

https://p.dw.com/p/1Af4C
Фотографија: Julian Nitzsche

Русија беше заинтересирана да разговара со челниците на црногорската војска за можноста руски воени бродови да се стационираат во пристаништата во Бар и Котор, но министерството за одбрана на Црна Гора не сакаше ниту да разговара на оваа тема. Ова денеска (23.12.2013) го изјави рускиот амбасадор во Подгорица Андреј Нестеренко во интервју за весникот „Вијести“.

Црногорските медиуми претходно објавија дека Русија побарала од Црна Гора дозвола во Бар да инсталира своја воена база, која би била логистичка поддршка за нејзината поморска флота во Средоземието.

„Тоа не е вистинска информација. Ние не баравме отворање на воени бази. Се‘ што сакавме беше наша делегација да разговара со црногорското министерство за одбрана околу можноста руски воени бродови да пристануваат во Бар и Котор заради обезбедување на материјално-технички потреби, снабдување со гориво и продукти“, наведе Нестеренко.

„Ние побаравме состанок со преставници на војската на Црна Гора, но од министерството за одбрана ни беше речено дека оваа приказна не ги интересира“.

Медиумите претходно пренесоа дека Русија бара логистичка поддршка за својата флота во Средоземјето како алтернатива, бидејќи е неизвесно дали ќе може да ја задржи воената база во пристаништето Тартус во Сирија. Оценето е дека евентуалното прифаќање на Подгорица руска војска да се стационира во Бар би значело крај на приказната за интеграција на Црна Гора во НАТО.

Од Министерството за одбрана на Црна Гора соопштија дека во редовните комуникации кои овој ресор ги има во билатерални и мултилатерални активности, ниту во една прилика не станало збор за отворање на воени или поморски бази на територија на Црна Гора.