1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Griechenland | Francis Fukuyama
Фотографија: Aristidis Vafeiadakis/Zumapress/picture alliance
ПолитикаГлобално

Фукујама: Русија доживува воена катастрофа во Украина

Михаил Бушујев
23 јули 2022

Иако Русија веројатно блефира со најавата за нова офанзива, клучно за обединетоста на Западот е Украина да си го врати југот, особено доколку Доналд Трамп се врати на власт, вели политичкиот научник Френсис Фукујама.

https://p.dw.com/p/4ES0i

Френсис Фукујама е најпознат по своето дело „Крајот на историјата и последниот човек“, каде ја изнесе тезата дека либералната демократија и капитализмот на слободниот пазар се последната точка на општествената еволуција. На крајот на јуни, руските власти му забранија влез на американскиот политички научник и филозоф во земјата. ДВ разговараше со Фукујама неколку дена откако тој ѝ се приклучи на Антикорупциската меѓународна фондација на затворениот руски дисидент Алексеј Навални. 

ДВ: Забранет ви е влез во Русија. Како се чувствувате поради таа одлука? 

Фукујама: Тоа го сметам за чест. Сите важни странски критичари на Русија и на руската инвазија врз Украина беа ставени на листата, и јас се чудев зошто им требаше толку време да ме стават и мене. 

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна рече дека „ова е само почеток“ алудирајќи на војната во Украина. Блефира ли? 

Мислам дека лаже, како и за многу други нешта. Западните воени аналитичари кои ја анализираат состојбата на руската армија забележуваат дека во моментов Русија се соочува со многу тежок недостаток на луѓе. Тие досега загубија веројатно една третина од сите сили кои ги ангажираа за окупација на Украина. Проценките за руските жртви се несигурни, но веројатно достигнуваат околу 20.000 загинати и 60.000 ранети. Притоа и со голем број заробени. И за земја со големина на Русија тоа е речиси воена катастрофа. И затоа мислам дека, со оглед на фактот што Русите имаа само маргинални придобивки во последните два месеца откако се фокусираа на Донбас, немаат уште многу во резерва, и сметам дека Путин блефира кога вели дека не ни почнале. 

Што, според Вас, би била успешна стратегија за Украина? 

Најреалистичната стратегија во овој момент е да се фокусира на југот, повторно да го отвори пристапот до Црното море со враќање на Херсон и други пристаништа на Азовското Море. Тоа е поважно од Донбас. Мислам дека враќањето на Донбас ќе биде многу тешка задача во следните неколку месеци. Но до крајот на летото ќе видиме вистински напредок на југот. Многу, многу е важно за Украина да си го врати пристапот за да може да продолжи извозот на нејзините земјоделски производи од пристаништата на Црното Море и да се прекине руската блокада на Одеса. 

Како ќе се промени состојбата доколку Доналд Трамп биде реизбран за претседател на САД? 

Доколку Доналд Трамп направи камбек во 2024, тоа ги решава сите проблеми на Русија затоа што очигледно тој е подготвен да ги повлече американските трупи од НАТО. Русија ќе ги оствари своите клучни цели и со самата ваква промена во американската политика. И затоа сметам дека е многу важно Украина да постигне напредок и да ја преземе воената иницијатива во текот на летово, затоа што единството на Западот зависи од вербата на луѓето дека е можно воено решение за проблемот во блиска иднина. Доколку луѓето сметаат дека сме соочени со ќорсокак кој ќе трае во недоглед, тогаш се плашам дека единството ќе почне да се урива, и ќе има сѐ погласни повици за Украина да предаде дел од својата територија за да запре војната. 

Како гледате на Русија во поширока глобална перспектива? Каков е тој политички режим? 

Повеќе од сѐ друго, таа во овој момент потсетува на нацистичка Германија. Нејзината единствена идеологија е еден вид екстремен национализам, но дури и помалку развиен од оној на нацистите. Тоа е исто така и многу слабо институционализиран режим. Се се врти околу еден човек, Владимир Путин, кој ги контролира сите лостови на моќта.  Доколку ја споредите со Кина, тие се многу, многу различни. Кина има голема Комунистичка партија со 90 милиони членови и голема интерна дисциплина. Во случајот на Русија, не постои таква институционализација. Затоа не мислам дека е тоа стабилен режим. Не мислам дека има јасна идеологија која може да проектира во иднина. Мислам дека оние кои се согласуваат со тоа се едноставно луѓе на кои не им се допаѓа Западот од различни причини. 

По 30 години, можете ли да го ажурирате Вашиот концепт за крајот на историјата? 

Во поинаква ситуација сме одошто пред 30 години, затоа што имавме назадување во демократијата насекаде, вклучително и во САД и Индија и други големи демократски држави во последниве години. Но напредокот на историјата никогаш не бил линеарен. Имавме големо назадување во 1930-те и преживеавме. Уште едно назадување во 1970-те, со нафтената криза и инфлација во многу делови на светот. Оттука, идејата за историскиот напредок не е мртва. Понекогаш се случуваат назадувања, но постојните институции и идеи се силни и тие преживеаја долго време, и очекувам да продолжат да преживуваат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Министерство за правда на Република Северна Македонија

За што служат законите?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница