Фрај: Ако Македонија напредува, ќе се зголеми притисокот врз Грција | Македонија | DW | 01.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фрај: Ако Македонија напредува, ќе се зголеми притисокот врз Грција

Германија и ЕУ се сосема на страната на Македонија и се надевам дека новата влада ќе работи на тоа да ја изнесе земјата од криза, нагласува Торстен Фрај, пратеник во Бундестагот од редовите на конзервативната ЦДУ.

ДВ: Г-не Фрај, дали кризата во Македонија е навистина минато и каде Вие ги гледате проблемите за кабинетот на Зоран Заев?

Торстен Фрај: Се разбира, се надевам дека новата влада ќе ја искористи шансата и дека брзо ќе ја изнесе Македонија од кризата. Меѓутоа, кризата нема да биде минато сѐ додека владата не докаже дека повторно ја донесла земјата на вистински пат. Реформи мора да се спроведуваат и мора да се надмине поделеноста на земјата која настапи со политичката криза во последните три години. Тоа пред сѐ се однесува на постојаните етнички тензии меѓу македонскиот и албанскиот етникум, на што, според мене сосема оправдано, се предупредува во Македонија, но и во соседните земји. Дали владата на Заев е во состојба тоа да го реализира? Тоа ќе мора да го докаже, почнувајќи веднаш. Мнозинство од само четири пратеници не ми се чини многу комфорно и при тешките прашања може да се покаже како претенко. Освен тоа, за мене е јасно дека за Македонија е важно и тоа како Зоран Заев ќе се однесува кон ВМРО-ДПМНЕ. Без вклучување на најсилната политичка партија, која и натаму ужива голема поддршка кај мнозинското население, според мене, нема да има стабилност на долг рок.

Дали земјата во блиска иднина може да зачекори побрзо кон ЕУ или можеби пореално е да се очекува членство во НАТО?

Тоа зависи само и единствено од Македонија. Ако повторно има неопходен напредок, темата ќе биде повторно поблиска. Германија и ЕУ се сосема на страната на Македонија. Политиката, меѓутоа, самата мора да докаже дека сака да работи за добро на земјата и нејзините граѓани и дека нема да паѓа во старите шеми. Ако има напредок, сигурен сум дека ќе се зголеми и притисокот врз Грција по прашањето на името. Меѓутоа, прерано е да се наведува датум за почеток на преговори како што тоа неодамна го побара претседателот Иванов пред странските дипломати. Конечно, не смееме да заборавиме дека поради долгогодишниот политички конфликт се назадуваше во процесот на интегрирање. Прво Македонија мора да покаже резултати. Притоа, сосема е неважно дали може да се направи побрз напредок кон НАТО или ЕУ.

Како гледате на улогата на ВМРО-ДПМНЕ во наредните години и што би им порачале на конзервативците?

И ВМРО-ДПМНЕ мора да биде конструктивна во надминувањето на кризата и при обликувањето на иднината. Конечно, во една функционална демократија опозицијата има клучна улога. Тоа постојано им го повторував на нашите партнери за разговор. Во таа смисла, некаков бојкот на парламентот, каков што впрочем не така одамна практикуваше СДСМ, не би можел да им се објасни ниту на граѓаните ниту на меѓународната заедница.

 

Реклама