Француски предлог- Само Софија може да го „спаси“ Скопје | Северна Македонија | DW | 20.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Француски предлог- Само Софија може да го „спаси“ Скопје

Додека македонските власти молчат се множат критичарите на предложеното француско решение за спорот со Бугарија. Дали Скопје се надева на негативен одговор од Софија и какви ќе бидат последиците? Пишува Борис Георгиевски

Димитар Ковачевски Кирил Петков Северна Македонија Бугарија

Македонскиот и бугарскиот премиер Димитар Ковачевски и Кирил Петков во Скопје

Во екот на уште една драматична политичка криза во Бугарија, и надоаѓачка бура на македонската политичка сцена, францускиот предлог за одблокирање на патот на Северна Македонија кон ЕУ донесе уште еден нов „квалитет“ во заплетот кој со години ги обременува односите на двете балкански земји. По својата базична идеја, францускиот компромис би требало да го одблокира патот на Скопје кон ЕУ и да даде нова димензија на напорите за надминување на спорот. Во суштина, македонскиот пат кон ветената земја, со него, останува заглавен, а според некои критичари, и далеку покомплициран од досега. Проблемот, велат тие, од билатерален меѓу двете држави, прераснува во спор на релација ЕУ-Северна Македонија, при што на масата, на Бугарија и се „дели“ уште еден дополнителен адут, не само во преговорите, туку и во односот кон соседот- аспирант. 

Низ годините ЕУ правеше најразлични преседани во однос на Северна Македонија, нудејќи „условени датуми“, „датум за датум“ и слични формулации, но актуелниот ги надминува сите претворајќи се во „условена препорака за условено отворање преговори“, со широки формулации кои им оставаат простор за толкување на обете страни. Ако навистина се потрудат, и официјално Скопје и Софија можат да докажуваат дека ова е добитна комбинација. Колку тие објаснувања ќе го издржат судот на јавноста, особено во Македонија, е друго прашање.  

Големата слика 

Официјален Париз достави предлог со кој обете држави, а особено националистите од двете страни, ги остави незадоволни, а останатите благо збунети и неодлучни. Би се рекло, „идеален" компромис. Особено за Франција која, доколку предлогот мине во двата главни града, ќе може да се претстави како искрен посредник кој придонел за надминување на еден долгогодишен спор, и помогнал во зацврстување на геостратешката позиција на ЕУ. 

Емануел Макрон

Француското посредништво во бугарско-македонскиот спор се случува во пресвртен момент за ЕУ. фото: Емануел Макрон

Француското посредништво во бугарско-македонскиот спор се случува во пресвртен момент за ЕУ која, соочена со руската инвазија врз Украина, сака да покаже единство, но и да се претстави како „газда во сопствениот двор“ со обидот да им даде кандидатски статус на Украина и Молдавија. Проблемот на ЕУ е што не може да го стори ни едното, ни другото, сѐ додека земјите од Западниот Балкан, кои чекаат на преговори или преговараат бесцелно со децении, седат во вечната чекалница. Оттука и притисокот да се најде компромис меѓу Софија и Скопје по секоја цена. 

Притоа, на сите, и на земјите-кандидати и на оние кои допрва сакаат тоа да станат, им е јасно дека никогаш нема да станат полноправни членки во оваа ЕУ, каква што постои во моментов. За воопшто да се случи следниот круг на проширување, ЕУ најпрво треба да се реформира. Кога ќе заврши тој процес на реформирање, и како ќе изгледа ЕУ по него- денес никој не може да каже.

Тоа францускиот претседател Емануел Макрон го кажува веќе четири години, а од неодамна го апострофира и официјален Берлин. Разликите и не се баш нијансирани. Макрон од неодамна заговара Европска политичка заедница во која, во првиот круг би биле актуелните 27 земји-членки, а во полабава политичка и економска интеграција би се нашле сите други заинтересирани, вклучително и земјите од Западниот Балкан. Со шанса, некогаш, да станат полноправни членки.

Германија се уште ја застапува позицијата дека внатрешните реформи во ЕУ можат да течат паралелно со преговорите на земјите-кандидати, т.е. проширувањето. Во тој контекст, во саботното интервју за агенцијата ДПА, канцеларот Олаф Шолц најави дека реформите ќе бидат предложени уште на претстојниот самит во Брисел, на 23 и 24 јуни. Шолц смета дека „ЕУ треба да им го олесни пристапувањето на новите членки“, и притоа да се отстрани принципот на едногласност во одлучувањето.
„За тоа да се случи, ЕУ мора да ги модернизира своите структури и процесот на донесување одлуки. Нема да биде можно да се одлучува за сѐ што се одлучува денес со едногласност, да се одлучува со едногласност и во иднина“, рече Шолц. 

Билатерализација или европеизација? 

Во таа позадина се случува актуелниот француски предлог за, барем привремено, надминување на бугарската блокада кон Северна Македонија.

Критичарите веднаш оценија дека предлогот не решава речиси ништо, а притоа дополнително го комплицира процесот на проширување, не само за земјите-кандидати, туку и за самата ЕУ. Последната изјава на Шолц, пак, отвора уште една дилема: зошто Северна Македонија сега треба да брза со решавање на комплициран и болен спор, доколку ЕУ планира да го реформира принципот на едногласност за проширувањето? 

Францускиот предлог де-факто го префрла целиот спор во рамките на ЕУ. Она што долго беше „црвена линија“ на македонските влади, или според зборовите на вицепремиерот Бојан Маричиќ, да не се дозволи „процесот на европеизација да стане процес на билатерализација“; сега станува токму тоа, велат критичарите. Слично, и премиерот Димитар Ковачевски во повеќе наврати изјавуваше дека „билатералните прашања не можат да бидат дел од Преговарачката рамка со ЕУ“. 

Дополнително, таквиот пристап долго беше, и сѐ уште е проблем и за многу држави членки на ЕУ. Во прв ред Германија и Австрија кои јавно се противеа на внесување на билатерални спорови на ниво на ЕУ. Австрија, во меѓувреме, предложи и нов принцип на интегрирање на Западниот Балкан во ЕУ.  

Гералд Кнаус

Сметам дека ова е опасно за ЕУ, вели Гералд Кнаус

Австрискиот социолог и претседател на влијателната тинк-тенк организација Европска иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус во интервју за МИА во неделата тоа го објасни на следниот начин:

„Сметам дека ова е опасно за ЕУ. Ако Северна Македонија сака тоа да го направи тоа е нејзина работа, но ова за ЕУ би бил опасен преседан, бидејќи внесувате прашања кои се целосно билатерални и кои никогаш не би требало да бидат основа за ставање на вето на европско ниво. Тоа не е добро, оти може да се појават многу други прашања во процесот на проширување со останатиот дел од Балканот. Затоа сметам дека ова е лош преседан. Дури и Северна Македонија да сака да направи какви било отстапки, бидејќи ќе реши дека тоа е вредно да се направи, направете го тоа билатерално, кажете и на Бугарија 'ова сме подготвени да го направиме', но не го ставајте во преговарачката рамка", вели Кнаус.  

Кој е контролорот? 

Франција ги сместува билатералните прашања во ткн. Акциски план во Преговарачката рамка. За волја на вистината, тие не се разликуваат драстично од она што се наведува и во ткн. Патоказ, но факт е дека се посебно издвоени и притоа таксативно се наведени следните области: „заштита на правата на лицата кои припаѓаат кон малцинства или заедници, вклучително и во делот на не-дискриминацијата, борбата против говорот на омраза, образованието, обезбедувањето ефективни мерки, механизми за пријавување и идентификување на одговорни институции за тоа."

Поддржувачите на предлогот со кои разговараше ДВ велат дека ова решение е одлично за Скопје бидејќи го става механизмот за оценка на спроведувањето на Акцискиот план во рацете на Европската комисијата. Во иднина ќе разговараме со Брисел, а не со Софија, велат тие.

Критичарите, напротив, тврдат дека со ставањето на овие барања во Преговарачката рамка, на Бугарија и се дава можност целосно да го контролира нивното спроведување и да испраќа свои претставници кои постојано можат да наоѓаат замерки за секоја тема, со оглед на нивната широка формулација. На пример, Бугарија може да најде примери за дискриминација или говор на омраза и тоа да и биде доволен повод за нови блокади во секое време. Тоа во изјава за ДВ во саботата го толкуваше поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров: 

„Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел - кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад", смета Димитров.  

Притоа, тоа не значи дека Софија би била спречена да отвора такви проблеми дури и ако ништо од ова не е наведено во Преговарачката рамка. Едноставно, членството во ЕУ и го дава тоа право. Според критичарите, проблемот е што со влезот во Преговарачката рамка, таквите прашања повеќе не се билатерални, туку се издигнуваат на ниво на ЕУ.  

Затворено прашање за јазикот? 

Поддржувачите на иницијативата велат дека францускиот предлог го става „ад-акта“ прашањето за македонскиот јазик, со тоа што ЕУ го признава како таков, а Бугарија ги изнесува своите забелешки со унилатерална декларација. За очекување е дека во таа декларација од Софија, македонскиот јазик повторно ќе биде прогласен за „дијалект на бугарскиот“, но тоа не го менува фактот дека во тој дел е направен некаков исчекор. 

Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov in Rom, Italien

Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Кирил Петков и Теодора Генчовска

Но сето останато, вклучително и самиот почеток на преговорите, останува отворено. Француското претседателство дипломатски вметнува „политичка меѓувладина конференција“ која би се одржала уште на 23 јуни, а формалниот скрининг, кој им претходи на преговорите, би започнал веднаш потоа- на 15 јули. Потоа, откако ќе се извршат измени во Уставот и во него ќе се вметнат Бугарите, како и припадниците на уште две заедници, ќе може да се одржи првата Меѓувладина конференција, а потоа и да започнат пристапните преговори со отворање на првиот кластер Фундаменти. Актуелната влада во Скопје нема мнозинство во парламентот за промена на Уставот, а лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата најави дека нема да поддржи таква промена. Дури и Мицкоски да реши да се пазари на оваа тема- цената веројатно ќе бидат предвремени парламентарни избори. Цена, која актуелната владејачка коалиција не е подготвена да ја плати. 

Притоа, за да започнат преговорите ќе треба се исполнат и други барања на Бугарија за кои, не ги знаеме сите детали. Имено, во Преговарачката рамка е вметнат и Протоколот кој го изготвиле министрите Османи и Теодора Генчовска на последната средба во Скопје. Што е договорено со него, веројатно ќе дознаеме од бугарските медиуми откако ќе се состане тамошната Комисија за надворешна политика. И тоа веројатно ќе биде само едно од многуте непријатни прашања на кои ќе треба да одговараат носителите на политички одлуки во Скопје во однос на францускиот предлог.  

Молчењето е злато 

Официјално Скопје го минува целиот овој бурен политички период со мантрата: Молчењето е злато.
„Мислам дека не е во наш интерес сега да ги кажеме нашите позиции во врска со тие предлози, додека не ги слушнеме предлозите на земјите-членки“, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Впечаток е дека францускиот предлог предизвикува нелагода кај водечките државни функционери, иако има срамежливи обиди по медиумите да се убеди јавноста дека се работи за добар предлог. 

Во суштина, Скопје е во право што не се изјаснува додека не се чуе одговорот во Софија. Евентуалното „излетување“ би значело утврдување на актуелната ситуација во некоја идна стартна преговарачка позиција. Со други зборови, ако Македонија еднаш се согласи бугарските барања да влезат во Преговарачката рамка, потоа нема назад, дури и Бугарија сега да го одбие предлогот. Одбивањето во оваа фаза, пак, ја ослободува Софија од обврската да расправа за него, а притисокот го сели врз Скопје.

Во таа насока, во земјата секако треба да се отвори дебата зошто македонската дипломатија воопшто дозволила нешто што беше одбивано како „црвена линија“ да стане „завршена работа“ од типот земи или остави? 

Ако Софија каже „да“?

Големата мака ќе биде ако владата во Софија смогне сили и успее да го протурка решението во тамошното Собрание. Како што сега стојат работите, тоа е многу малку веројатно да се случи, но доколку дојде до некаков неочекуван пресврт, прашање е дали тогаш владата во Скопје ќе има маневарски простор, и храброст, да го одбие овој предлог? 

Оттука, за Македонија е можеби најдобро да се надева дека Бугарија, за промена, ќе и направи една услуга. Одбивањето на предлогот би ја оставило Софија осамена и изолирана во ЕУ, како единствен кочничар на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан. Притисокот за некое идно решение, во таков случај, повторно би се насочил натаму. Секако, без гаранција дека до решение некогаш ќе дојде. Но за Скопје, тоа ќе значи ослободување од одговорноста да го отфрла, па и воопшто да го коментира, предлогот. Со оглед на проблемите што францускиот предлог ќе ги отвори, наместо да ги затвори, тоа во моментов се чини како единствена добитна комбинација, за Северна Македонија и за ЕУ. 

DW.COM