Флекенштајн: Шанса треба да добие следната партија | Македонија | DW | 31.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Флекенштајн: Шанса треба да добие следната партија

По долгата политичка криза не сум сигурен дека широка коалиција е добро решение за Македонија, вели во разговор за ДВ, европарламентарецот Кнут Флекенштајн

ДВ: Поранешниот премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да формираат влада до крајниот рок во неделата. Како гледате на ваквиот развој: како неуспех или позитивен исчекор за земјата, имајќи ја предвид долгата политичка криза?

Флекенштајн: Не сме ние тие што треба да оценуваат каква влада би била подобра. Тоа им го оставаме на граѓаните и на партиите во Македонија. Ние сме заинтересирани за стабилна влада која ќе започне да ги имплементира неопходните реформи, ќе го почитува договорот од Пржино и ќе му овозможи на Специјалното јавно обвинителство да продолжи да си ја врши работата.

Нам не ни е важно дали се работи за стариот премиер или за нов, дали е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, важно е мнозинството во парламентот и продолжување на европскиот пат. Доколку тоа се случи ќе ја имаат нашата поддршка.

ДВ: ВМРО-ДПМНЕ побара нови избори откако не успеа да формира влада. Мислите дека тие ќе бидат добро решение?

Не знам што вели Уставот на РМ, но сигурен сум дека претседател не прашува само една личност да формира влада и никој друг потоа да не добива шанса. Но тоа е прашање за претседателот и за Уставот.
Околу барањата за нови избори не би коментирал,но би кажал дека нови избори значат нова кампања и ново загубено време.

ДВ: Што очекувате да бидат следните чекори на претседателот Иванов?

Не сум јас тој што треба да каже, но вообичаено кога онаа партија која има најмногу пратеници не успее, шанса добива следната партија. Барем така е во теорија. Но, можно е да се побара и од други луѓе да формираат влада. Прашање е дали неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да состави влада се должи на проблемот со лидерот или се работи за суштински проблем меѓу двете партии?

ДВ: Во заедничката изјава со комесарот Хан и вашите колеги пратеници во Европскиот парламент повикавте на силен, инклузивен и реформски консензус. И Европската Комисија во повеќе наврати ја споменува потребата од широк консензус. Значи ли ова некаква желба од Брисел за формирање широка коалиција?

Никогаш не би давал совет каква коалиција треба да се формира во друга земја. Во Германија сметавме дека е неопходно во овие тешки времиња да формираме широка коалиција. Можеби е тоа шанса и за Македонија,но не сум сигурен дека сега е вистинското време по долгата политичка криза. Како странец можам само да кажам дека ви е потребна влада со стабилно мнозинство. 

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid (Reuters/O. Teofilovski )

Дали е проблемот во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ или во суштински разлики меѓу неговата партија и ДУИ?

ДВ: Европската Комисија постојано повторува дека Западниот Балкан останува приоритет, но состојбата на теренот и ангажманот на ЕУ во таа насока добива повеќе критики одошто пофалби. Без јасна политика на проширување, сметате ли дека ЕУ има доволно инструменти за да ги одржи балканските држави на европскиот пат?

Мислам дека имаме. Но треба да биде повидлива. Знам дека трошиме милиони евра за помош на балканските држави, за нивната транзиција... Јас постојано ја критикувам ЕК дека луѓето во тие земји не гледаат доволно од тоа дека сме навистина ангажирани и дека навистина ги сакаме балканските држави во клубот. Втората работа е дека е можеби неопходно во текот на овој процес, кој трае подолго одошто веројатно очекувавме, да најдеме дополнителни инструменти за поддршка особено на подобрување на регионалната соработка, но на таа тема секако ќе расправаме во Европскиот парламент во следниот период.

ДВ: Освен демократското назадување во Македонија, тензиите растат и во Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Со оглед дека засега никој не може да предвиди каква ќе биде политиката на новиот американски претседател Трамп во регионот, подготвена ли е ЕУ да презема поголема улога на Балканот и каква треба да биде таа улога?

Сигурен сум дека ќе бидеме подготвени. Треба да причекаме да видиме каква ќе биде политиката на Трамп кон Европа, кон безбедноста и кон Балканот. Потоа треба да седнеме заедно и да видиме што можеме ние дополнително да направиме.

ДВ: Што е со руското влијание на Балканот? Се разгледува ли тоа воопшто во Брисел и постои ли загриженост?

Гледаме дека Русија, Турција и други исто така се заинтересирани, или за развој на односите со балканските држави, или за да ѝ предизвикаат проблеми на ЕУ со тоа што ќе ги исфрлат балканските држави од европскиот пат. Но треба да бидеме самоуверени. Доколку сториме доволно, доколку луѓето знаат дека навистина планираме проширување, тогаш сум убеден дека одлуките во овие земји ќе бидат јасно во корист на ЕУ. Но доколку не сториме доволно, доколку не го направиме тоа видливо, доколку само зборуваме, а не се спротивставуваме на автократските тенденции, ќе биде тешко и за нас. Ние мораме да ја завршиме нашата домашна работа, а исто така и земјите од Балканот.

ДВ: Но, што конкретно во таа насока се дискутира? Како планирате да му помогнете на Балканот?

Разговараме како повеќе да ги поддржиме социјалниот и економскиот развој. Во моментов се фокусираме на демократијата и фундаменталните слободи и права, кои се исто така многу важни, но убеден сум  дека доколку луѓето не знаат како ќе го преживеат месецот, тогаш имаме друг проблем. Мораме да се концентрираме на обете, на владеењето на правото и на основните права, но и на социјалната и економската состојба во земјите. Доколку направиме малку повеќе, особено од аспект на социјалната димензија луѓето ќе видат дека сме ангажирани и дека сакаме да помогнеме. 

Кнут Флекенштајн е пратеник во Европскиот парламент од редовите на Социјалдемократската партија на Германија од 2009 година. Член е на Комитетот за надворешна политика на парламентот, како и на телото за надворешна политика на германската СПД.

 

DW.COM

Реклама