Финска и Шведска на пат кон НАТО | Свет | DW | 14.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Финска и Шведска на пат кон НАТО

Војната во Украина веројатно ќе донесе нови членки во НАТО. Финска и Шведска не се далеку од приклучување, а западната воена алијанса нема ништо против тоа. Збогување со воената неутралност.

Премиерките на Шведска и на Финска, Магдалена Андерсон и Сана Марин на заедничка пресконференција на 13 април 2022

Премиерките на Шведска и на Финска, Магдалена Андерсон и Сана Марин на заедничка пресконференција на 13 април 2022

Копнената граница на НАТО со Русија, која сега веќе се доживува како непријателска, би се удвоила од 1.300 на 2.600 километри ако Финска влезе во западниот воен сојуз. НАТО така во голема мерка би го зголемил источното крило кое мора да го брани, но од друга страна добро подготвената и опремена финска војска за Алијансата би била предност.

„Во Финска сѐ уште на сила е воената обврска. Земјата би можела да мобилизира војска од 280.000 војници, а тоа во модерна Европа е едно прилично голема армија“, вели Јакоб Вестберг, професор на шведскиот Универзитет за одбрана во Стокхолм.

Ако на сојузот му се придружи и Шведска, која не се граничи директно со Русија, за НАТО би било полесно да го контролира Балтичкото Море. Тогаш сите земји на Балтикот, освен Русија, би припаѓале на атланскиот сојуз. Шведска во НАТО би го вовела и островот Готланд, од кој би можел да се брани голем дел од Балтичкото Море, а и балтичките држави.

„На Русија би ѝ било потешко да делува во Балтичкото Море. Исто така, Шведска има пет многу модерни подморници кои би ги надополниле флотите на Полска и на Германија“, вели Вестберг за ДВ.

Шведското воено воздухопловство има 100 модерни борбени авиони. Меѓутоа, како и во многу денешни држави од НАТО, шведските копнени сили во последните децении значително се намалени. Јакоб Вестберг смета дека за оваа состојба навистина да се промени би биле потребни 10 години.

Пограничен пункт на финско-руската граница

Пограничен пункт на финско-руската граница

Организациски гледано новите приеми не би претставувале проблем

Од воена гледна точка, Финска и Шведскапомалку или повеќе се подготвени веднаш да пристапат, порачуваат од седиштето на НАТО во Брисел. Нивните војски веќе долга низа години соработуваат со единиците на НАТО. Финските и шведските војници беа вклучени во операција под команда на НАТО во Авганистан, а Финска и Шведска од 2015 година блиско соработуваат и со САД во опремување и во обука на војници.

Оваа година Финска и Шведска постигнаа и договор за заедничко одбрамбено планирање со НАТО, и е формирана заедничка поморска оперативна група. „Меѓутоа, немаше обврска за взаемна помош“, вели шведскиот воен стручњак Вестберг. Со влегувањето во НАТО и тоа би се случило, и Финска и Шведска тогаш би учествувале во борбените групи на алијансата за одбрана на балтичките држави. Сѐ уште е нејасно дали е потребно единиците на НАТО да се стационираат во овие две земји.

Повеќе: Дали неутралноста е опција за Украина?

Финската премиерка, Сана Марин, веќе со недели јасно дава до знаење оти кормилари кон НАТО. Финскиот парламент наскоро ќе расправа за нова стратегија за одбрана по рускиот напад на Украина. Одлуката би требало да биде донесена на крајот на јуни.

За поранешниот финиски премиер, Александер Стуб, одлуката веќе е донесена. Кога тоа го вели, тој се повикува и на последните испитувања на јавното мислење кои покажуваат дека 62 отсто од Финците сакаат нивната земја од статусот „активна неутралност“ да преминат во „полноправно членство“.

„Нашето население сега се води по она за што мислам оти е страв: ако Путин може да ги коле своите сестри и браќа во Украина, зошто истото не би го сторил и во Финска“, вели Стуб за ДВ. Тој вели дека сега преовладува чувство оти „не се сака никогаш повеќе да се биде сам“. Притоа, алудира на таканаречената Зимска војна против Советскиот Сојуз од 1939 и 1940 година, кога Финска загуби околу 9 насто од својата територија.

Шведска говори за нова безбедносна ситуација

Шведскиот став во моментов е малку повоздржан. Тамошната премиерка, Магдалена Андерсон, по состанокот со својот фински колега изјави дека новата безбедносна ситуација ќе биде испитана „детално и брзо“.

„Ние во Шведска сметаме дека бидејќи имаме мир веќе 200 години, уште од Наполеон, можеме да се заблагодариме на тоа што секогаш одбивавме воени сојузи“, објаснува стручњакот Јакоб Вестберг. Но, тој, исто така, вели оти оваа претстава за „ефикасна неутралност“ сега е разнишана. „Сега мораме целосно поинаку да ја процениме нашата безбедносна ситуација. Војната против Украина беше пресвртница.“

Во Шведска владејачката социјалдемократска партија прво би морала да го промени својот почетен став за членството во НАТО. Воедно, во Шведска наесен ќе се одржат избори и не е сосема јасно кога би можела да биде донесена одлуката за напуштање на неутралноста.

НАТО веднаш би дал зелено светло

На последниот вонреден самит на НАТО во Брисел, шефовите на шведската и на финската влада преку разговори со генералниот секретар Јенс Столтенберг веќе добија впечаток што би рекла Алијансата доколку аплицираат за членство. Столтенберг не криеше дека НАТО е за влез на Шведска и Финска.

Гледај видео 01:20

Руси бегаат во Финска

Како западни демократии и долгогодишни партнери во НАТО, на двете земји не им треба долг процес на пристапување, кој обично може да потрае неколку години од поканата за членство до вистинскиот прием. Во секој случај, 30-те сегашни членки на НАТО ќе треба едногласно да ги одобрат евентуалните барања од Шведска и Финска.

Досега ниту една влада јавно не се изјаснила против тоа. Поканите за почеток на пристапните преговори би можеле да бидат испратени на редовниот самит на НАТО во Мадрид, кој е планиран за крајот на јуни.

Москва не е воодушевена

Очекувано, руското раководство остро го критикува можното проширување на НАТО. „Во неколку наврати кажавме дека Алијансата останува инструмент за конфронтација и дека нејзиното натамошно проширување нема да донесе стабилност на европскиот континент“, изјави пред неколку недели портпаролот на кабинетот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Со влегувањето на Финска, НАТО повторно би се доближил до Русија. Границата на Западната алијанса тогаш би била само 200 километри северозападно од рускиот Санкт Петербург.