1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Belgien | EU-Westbalkantreffen in Brüssel
Фотографија: Nicolas Maeterlinck/BELGA/dpa/picture alliance

ФАЦ: Балкански фестивал на блокади

22 јули 2022

Бугарскиот пример би можел да мотивира и други земји да ги блокираат соседите на патот кон ЕУ, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Тоа во прв ред се однесува на најавените хрватски барања кон соседите.

https://www.dw.com/mk/%D1%84%D0%B0%D1%86-%D0%B1%D0%B0%D0%BB%D0%BA%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D1%84%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D0%BB-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%BB%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D0%B4%D0%B8/a-62562800

Откако на владата во Софија на крајот сепак ѝ успеа да го вметне билатералниот спор околу историските прашања со соседна Северна Македонија како составен дел на преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ, и во други земји се отвори дебата за „копирање“ на бугарскиот модел за остварување на сопствените интереси.

Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во тој контекст изречно ја споменува најмладата членка на ЕУ- Хрватска.

„Се работи за тоа кои услови би им ги поставувал Загреб на соседните БиХ и Србија, како и на Црна Гора, за во случај на нивно неисполнување да може да го блокира нивниот пристапен процес со вето“. 

ФАЦ притоа алудира на документ на Хрватската академија на науки и уметности (ХАЗУ) во кој се презентираат можни инструменти за заштита на хрватските интереси, а тоа се цела низа можности за блокади на соседните држави. Во случајот на БиХ се споменува спроведување на уставните реформи, односно нужноста тамошните Хрвати да добијат свој ентитет „со сите права“ кои од тоа произлегуваат. 

Барања кон БиХ 

Меѓу тие барања се и она владата во Сараево да признае дека Хрватите и Хрватска одиграле важна улога во одбраната на БиХ од српската агресија, како и барањето до властите во БиХ да престанат неоправдано да ги обвинуваат Хрватите за „наводно сторени“ воени злосторства.

„Најдолгата листа на барања е насочена кон Србија, и тоа не е никакво изненадување“, пишува ФАЦ. Според ХАЗУ, Белград ќе мора да престане да шири непријателство кон Хрватите или конечно да престане да го шири „митот за Јасеновац“, односно за „најголемиот концентрационен логор во т. н. Независна Држава Хрватска, помалиот партнер на Хилтер на Балканот меѓу 1941 и 1945, во кој според проценките се убиени околу 70 илјади Срби, Евреи, Роми и хрватски комунисти“. 

„Политички коректната“ проценка на Степинац 

Освен тоа, ХАЗУ индиректно и препорачува на владата во Загреб да го искористи нерамноправниот распоред на силите во рамките на преговорите на Србија со ЕУ за да „протурка“ и „политички коректна“ проценка на улогата на кардиналот Алојз Степинац. Освен тоа, според ХАЗУ, Србија мора да ја признае агресијата врз Хрватска во 1990-те години, во прв ред преку плаќање отштета за српскиот напад, пишува ФАЦ

Северна Македонија Скопје Протести
Протести против францускиот предлог во СкопјеФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Дел од барањата делуваат многу оправдани, смета германскиот весник. Но додава дека каталогот на ХАЗУ е проблематичен поради начелниот став кој се крие зад него: „Не се работи за отворена дебата за историски теми, која отвора простор и за меѓутонови и сиви подрачја, туку за обид да се пропише определена 'историска вистина' како единствена исправна и обврзувачка“, пишува ФАЦ

„Тенденцијата билатералните историски спорни праѓања од академската сфера да се лансираат во доменот на дневната политика, и да бидат претворени во услови за продолжување или почеток на пристапните преговори со ЕУ, е сигурен метод за конечно да запре целиот пристапен процес на Балканот“, пишува ФАЦ со ограда дека ХАЗУ сепак не е хрватската влада, односно дека тој документ не ја претставува официјалната хрватска надворешна политика. 

„Националистот“ Милановиќ 

ФАЦ проценува дека на претседателот Зоран Милановиќ (кој е наречен „хрватски националист“) би можел многу да му се допадне тој документ, и дека е само прашање на време кога и некои други политичари во Хрватска ќе ги прифатат идеите на ХАЗУ. Сето тоа, според германскиот весник, би можело да резултира со политичка динамика од која тешко ќе се наоѓа излез и дека „следната блокада на проширувањето на ЕУ би била логична последица“.

Наместо ширење на Унијата со земјите од Балканот и дискусија за почитување на критериумите како што се институционалната стабилност, почитувањето на човековите права и слично, во тој регион наскоро би можел да започне да се одржува своевиден „вето-фестивал“, заклучува ФАЦ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница