1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште едно вето од Бугарија за македонската евроинтеграција

БГ
8 декември 2021

Официјална Софија нема да дозволи Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во декември годинава. Бугарија смета дека само Албанија е подготвена за тоа, соопшти владата во Софија.

https://p.dw.com/p/440xm
Стефан Јанев
Техничкиот премиер на Бугарија Стефан ЈаневФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Бугарија нема намера да ја промени позицијата за Северна Македонија до крајот на годинава и нема да одобри почеток на преговори со ЕУ. Ова е позицијата на техничката влада во Софија утврдена на седницата во средата. 
„Бугарија ќе се придржува до декларацијата на Народното Собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ“, соопштија од владината прес-служба во Софија.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи деновиве изјави дека се уште постои надеж дека бугарскиот став ќе се смени до одржувањето на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември. 
Но, официјална Софија смета дека, засега, само Албанија е подготвена да ги започне преговорите за членство, и покрај тоа што Европската комисија и неколку поголеми земји-членки на ЕУ сметаат дека двете балкански земји треба да останат во пакет. 

„За Бугарија, одлучувачки останува основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат. Бугарија верува дека Албанија е подготвена за напредок на патот кон ЕУ, и постои подготвеност да се поддржи усвојувањето на преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, соопшти техничката влада во Софија. 

Петков бара шест месеци за преговори 

Надежите на официјално Скопје дека новата влада на технократот Кирил Петков, која треба да биде избрана деновиве, би можела да ги помрдне работите од мртва точка се исто така на „стаклени нозе". Петков, имено, во интервју за германскиот магазин Шпигел во вторникот оцени дека ќе бидат потребни шестмесечни преговори за да се дојде до решение.
„Треба да формираме работни групи и да им дозволиме да работат шест месеци, за да не бидат само националистите на обете страни тие што ги носат одлуките.“
„Давањето зелено светло за почеток на преговорите сега, без дискусија, само ќе ги зајакне националистите на обете страни“, рече Петков за Шпигел. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема