1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни промени во или за политичка криза

18 февруари 2011

Речиси цела опозиција е вон парламентот, а тој ја повторува праксата од 2008 година, кога со забрзано темпо беа усвоени околу 150 закони. Контраверзната пракса сега ги вклучува и најавените уставни промени.

https://p.dw.com/p/R27Y
Парламентот работи речиси без опозицијаФотографија: Petr Stojanovski

Ненадејно, без поширока дебата што ја бараа професорите, но и со незадоволство пред се‘ кај Скопскиот државен универзитет, владејачките пратеници сепак ги прифатија оспоруваните измени во Законот за високо образование. Владата исто така брза, пред евентуални нови предвремени избори, да создаде прописи за легализација на над 200 илјади дивоградби.

„Во последно време Собранието експресно, по скратена и итна постапка, донесува закони, како што беа измените за високото образование. Законодавниот дом и без опозицијата има мнозинство за работа, но одлуките се инвалидни “, оценува за Дојче веле Бајрам Положани, професор по уставно право и екс-судија на Уставниот суд.

Skopje Zentrum
Фотографија: DW

Политичка берза на различни интереси

Ненадејната иницијатива на 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за нов амандман со што се предлага заминување на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд од Судскиот совет, кој ги избира и разрешува судиите, ја отвори политичката берза на различни интереси. СДСМ побара да не застаруваат делата на криминал сторени за време на сомнителните и спорни приватизации или продажби на државните компании. Нова демократија инсистира на вклучување на Бадентеровото правило при донесувањето на одлуките на Уставниот суд, но и на Републичкиот судски совет.

Двете партии се надвор од парламентот, без елементарен дијалог власт-опозиција. Од другастрана не се знае дали коалицискиот партнер ДУИ ќе ги поддржи дополнително иницираните уставни промени, без притоа да испостави и своја политичка сметка“, вели професор Положани.

Многу непознати

Дел од аналитичарите пишуваат дека од решенијата на законодавниот дом дали ќе продолжи со работа и без опозицијата или дали ќе се изгласаат уставни промени само од владејачкото мнозинство на ДПМНЕ-ДУИ, ќе зависи и идниот расплет на се‘ подлабоката политичка криза. Ако тоа се стори, тогаш вонредни парлементарни избори не може да се организираат пред јуни, а можеби и подоцна. Доколку опозицијата не се врати во парламентот за измени и прочистување на изборниот закон и избирачките списоци преку бараната анкетна собраниска комисија, тогаш не се исклучено вонредни избори да има во текот на април со најверојатно одложен попис.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Нема јавна дебата во која не се конфронтирани провладините и опозиционерските погледи за тоа кој и со што ја предизвикува моменталната криза.

„Владата не кажа дека ние ќе ја гони опозицијата на недемократски начин, но затоа пак таа се закани дека со недемократски средства ќе ја урива власта“, кажа Слободан Чашуле. Наспрои него, Ѓунер Исмаил со став: „Премиерот Груевски е тој што треба да ги направи чекорите што ќе го овозможат враќањето на опозицијата. Топката е во неговиот двор“. Двајцата полемизираа, најпрвин во тв дебата, а потоа секој одделно со различни тези и на отворени панел дискусии со граѓаните.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска