1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина од Нато бара „оружје, оружје и оружје“

ЕМФ | агенции
7 април 2022

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба од НАТО бара „оружје, оружје и оружје“. Тој присуствува на средбата на алијансата во Брисел.

https://p.dw.com/p/49ZZ0
Nato-Außenministertreffen in Brüssel
Дмитро Кулеба и Јенс Столтенберг во Брисел (7.04.2022)Фотографија: FRANCOIS WALSCHAERTS/AFP

На средбата на министрите за надворешн и работи на земјите членки на НАТО, шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба побара доставување повеќе оружје. При пристигнувањето во седиштето на НАТО во Брисел, Кулеба рече дека на Украина ѝ е потребно „оружје, оружје и оружје“. „Ние знаеме како се водат борби, знаеме како се победува“, рече Кулеба, додавајќи дека без тешко вооружување, страдањата на Украина само ќе се продолжуваат.

Тој нагласи и дека е „јасно“ оти „Германија може да направи повеќе“. Буча не смее да се повтори, рече Кулеба. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска исто така се заложи за повеќе оружје за Украина: „На Украина ѝ е потребно оружје за да се брани земјата“, рече Столтенберг, потенцирајќи дека од земјите членки на алијансата очекува повеќе ветувања за Киев.

Зеленски: Се подготвуваме за руска офанзива на исток

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди од нова офанзива на руските сили на истокот на Украина. Во видео објавено ноќеска, Зеленски вели дека Русија ги подготвува своите воени сили за офанзива и додава дека Украина се подготвува за борба: „Ќе се бориме и нема да се повлечеме.“ Според Зеленски, Украина ќе се бори со сите сили „сѐ додека Русија не почне сериозно да бара мир“. „Ова е наша земја, ова е наша иднина и нема да се откажеме“, рече украинскиот претседател.

Украинските власти од луѓето во регионот Донбас побараа веднаш да се евакуираат. „Подоцна ќе се најдат под оган и нема да можеме да сториме ништо за да им помогнеме“, рече украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.