Убиството на Политковскаја - налогодавачот непознат и неказнет | Свет | DW | 07.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Убиството на Политковскаја - налогодавачот непознат и неказнет

Пред 15 години, на 7 октомври 2006, Ана Политковскаја, повеќекратно наградувана руска новинарка и поборник за човекови права, беше застрелана среде бел ден во Москва.

Налогодавачите никогаш не беа фатени и ако некогаш бидат откриени може да останат неказнети. Дали воопшто имало истрага против нив? Тоа се обидува да го открие Димитриј Муратов, главен и одговорен уредник на реномираниот весник „Новаја Газета” за кој работеше и  Политковскаја.  Комитетот задолжен за истрагата не одговорил на неговите прашања, изјави Муратов за приватната телевизија РТВИ. 

Пред само неколку години во јули 2018, Европскиот суд за човекови права ја казни Русија поради недоволна истрага во случајот Политковскаја. На фамилијата ѝ беше досудена отштета. Тужители беа членови на семејството, меѓу кои и мајката Раиза Мазепа која почина летоска во Москва на 92 годишна возраст.

Четири куршума во лифт  

Нарачаното убиство на Политковскаја се случи во една сабота, нешто по 16 часот. Новинарката тукушто со автомобилот се вратила дома и носела неколку ќеси од маркет во станот во центарот на Москва. Беше застрелана во лифтот од непосредна близина. Еден од четирите куршуми завршил во нејзината глава.

Во Русија, но и во странство, убиството предизвика големо внимание. Кога рускиот претседател неколку дена по настанот беше во посета на Дрезден демонстранти му довикуваа „убиец!”. Фактот дека беше убиена токму на роденденот на Путин беше основа за шпекулации. Некои сметаа дека сторителите сакале на претседателот да му направат морбиден „подарок”. Директна поврзаност никогаш не беше утврдена. 

Воен хроничар и критичар на Путин

Ана Политковскаја е родена во 1958 година во Њујорк како ќерка на еден советска дипломатска двојка од Украина. Студирала новинарство во Москва, пишувала за различни печатени медиуми и на крајот на деведесеттите години од изминатиот век стана позната во целата земја како репортерка на „Новаја Газета“. Нејзина животна тема беше долгата војна во сепаратистичката руска република Чеченија.

Russland Nowaja Gazeta Zeitung

Работното место на Политковскаја во „Новаја газета“

Политковскаја често патуваше во регионот на Северен Кавказ и пишуваше репортажи со кои освојуваше бројни награди. Меѓу другото, тоа беа приказни за убиства, мачење и киднапирања и тоа на двете страни. Во своите извештаи, Политковскаја го обвинуваше и актуелниот чеченски водач Расман Кадиров. Политковскаја објави и неколку научнопопуларни дела како книгата „За Путинова Русија“ – во кои новинарката јавно го осуди Кремљ и неговото авторитарно владеење.

Австриската новинарка и поранешна дописничка од Русија Сузане Шол, дописничка на Австриското радио, која и лично се познаваше со Политковскаја, за ДВ вели дека убиената колешка „беше водена од желбата за правда, сите овие работи да се објават во јавноста, ја прогонуваше чувството дека не смее да се дозволи оваа нова Русија вака да пропаѓа.“ Политковскаја им помагаше и на чеченските семејства и мајки на убиените или исчезнати руски војници. Овој ангажман ѝ донесе многу награди.

Долга потрага по убијците

Потрагата по  убиецот и неговите помагачи беше тешка. Иако релативно брзо се дојде до првите осомничени лица, беа потребни неколку судски процеси и вкупно осум години додека тие да бидат осудени.

Бргу стана јасно дека трагите водат до Чеченија. Првиот процес започна во 2008 година и е завршен за само неколку месеци со ослободителна пресуда, поради недостаток на докази. Тогаш властите претставија тројца осомничени – двајца браќа, Ибрагим и Џабраил Махмудови, како и поранешниот полицаец Сергеј Хаџикурбанов. Врховниот суд во 2009 ја поништи пресудата по што постапката е повторно покрената.

По новите истражни дејствија кругот на осомничените е проширен. Во 2011 е уапсен и Рустам, третиот брат од семејството Махмудови. Во одвоено судење во 2012, Димитриј Пављученков е осуден на единаесет години затвор. Поранешниот полковник на московската полиција беше крунски сведок во „случајот Политковскаја“. Тој призна дека ја следел убиената новинарка и дека токму тој го набавил оружјето со кое е таа убиена.

Anna Politkowskaja Prozess

Процес против убијците на Политковскаја во 2014 година

Најважната и досега последна судска постапка започна во јануари 2014 година, а заврши со изрекување на пет ослободителни пресуди во мај истата година. Убиецот на руската новинарка, Рустам Махмудов е осуден на доживотна казна затвор. Неговите браќа Џабраил и Ибрагим добија казни од 14, односно 12 години затвор во казнениот работнички логор. И Сергеј Хаџикурбанов е осуден на 20- годишна затворска казна. Зад решетки заврши и организаторот на убиството, чеченскиот бизнисмен, но и криминалец и вујко на браќата Махмудови, Лом-Али Гајтукајев. И тој доби доживотен затвор. Почина во 2017 година. Сите петтмина негираа било каква поврзаност со случајот.

„Мислам дека таа со своето истражување дошла до точка која веќе не им била пријатна на руското раководство, а особено не на чеченското,“ вели Сузане Шол. „Мислам дека токму поради тоа е и убиена.“

„Либертанго“ за роденден

Поранешните колеги и членови на семејството на убиената новинарка сметаат дека ова злосторство сѐ уште не е разјаснето. „Новаја Газета“ бара понатамошна истражна постапка за оние кои го нарачале убиството. Слични барања имаат и сега веќе пораснатите деца на ликвидираната новинарка, Илија Политковскиј и Вера Политковскаја.

„Новаја Газета“ неуморно се обидува да го одржи во живот споменот на Ана Политковскаја. Годинава организираа и таканаречен „flashmob". На роденденот на Ана, кон крајот на август луѓе од целиот свет испратија во редакцијата видео снимки со омилената музика на убиената новинарка, „Либертанго“ на Астор Пјацола. „За нас никогаш нема да има застареност на делото“, напиша главниот уредник на весникот, Димитриј Муратов. Во дворот пред седиштето на редакцијата во 2018 година се посадени низа цвеќиња. И мајката на Ана Политковскаја таму насади стотина љубичици. Тоа цвеќе во Русија инаку се вика „Очите на Ана“.