1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Три илјади луѓе избегале од пеколот во Мариупол

ЖА / агенции
2 април 2022

На неколку илјади луѓе им успеало бегство од опколениот град Мариупол. Стравот и уморот се уште се испишани по нивните лица, сведочи новинар на АФП.

https://p.dw.com/p/49MxD
Ukraine-Krieg - Flüchtlinge aus Mariupol landen in Saporischschja
Фотографија: picture alliance/dpa/AP

3.071 Украинец биле спасени од пеколот на Мариупол преку коридорите за бегалци, како што соопшти ноќеска претседателот на Украина, Володимир Зеленски. По многубројните неуспешни обиди, автобусите со цивили конечно пристигнаа во Запорожје во петокот. Таму се безбедни од артилериските гранати со кои руските војници го гранатираат нивниот роден град - барем засега.

Но, цивили можеле да побегнат и од други делови на завојуваната земја. „Денес имаше хуманитарни коридори во три региони: Доњецк, Луганск и Запорожје“, рече Зеленски во видео обраќањето. „Успеавме да спасиме 6.266 луѓе, меѓу кои 3.071 лице од  Мариупол."

На многумина од нив им бликнале солзи од олеснување по нивното пристигнување. „Плачевме кога видовме војници со украински ознаки на контролниот пункт“, вели Олена, која го напуштила Мариупол со својата мала ќерка, во краток разговор со новинар на АФП. Некои бегалци му изјавиле на новинарот дека морале да пешачат повеќе од 15 километри низ жестоко завојуваниот град пред да можат да избегаат со своите приватни автомобили.

И Олга од Мариупол се расплакала откако конечно успеала да ја земе внуката во раце. „Зборовите не можат да опишат колку сум среќна што видов дека е безбедна.“ Семејството на нејзината снаа се уште е во Мариупол „и не знаеме дали се уште се живи“, вели Олга.

Мариупол умира под руските бомби

160.000 од поранешните 440.000 жители сè уште се блокирани во украинскиот пристанишен град  Мариупол.  Секој ден може да бидат убиени од бомбите на руската војска и од руските снајперисти. Русија е решена да го скрши отпорот на градот. Луѓето таму со денови немаат храна, вода и струја - затоа што руската армија не дозволува влез на камионите со помошта и ги блокира  хуманитарните коридори.

Всушност, Меѓународниот комитет на Црвениот крст  (ИКРК) вчера требаше да пренесе цивили од  Мариупол  во 220 километри оддалеченото Запорожје, но ноќеска организацијата соопшти дека акцијата е невозможна.

Тимот на Црвениот крест од девет соработници и три автомобили денеска ќе направи нов обид, се вели оттаму. „Не можеме веќе да најдеме зборови за да ги опишеме стравотиите на кои се изложени жителите на Мариупол. Ситуацијата е шокирачка и се влошува“, изјави портпаролот на ИКРК, Ивен Вотсон.

Многу луѓе очигледно тргнале во бегство без координирана помош. Заменик-премиерката на Украина Ирина Верешчук во видео на апликацијата Телеграм изјави дека 1431 лице од Бердјанск и Мелитопол избегале во Запорожје на своја рака.

Од нив 771 доаѓаат првично од Мариупол. И за денеска се планирани натамошни евакуирачки акции.