Тригодишнината од Владата дочекана во самоизолација | Северна Македонија | DW | 02.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тригодишнината од Владата дочекана во самоизолација

Што е реализирано, а што не во изминатите три години? Аналитичари со кои разговараше ДВ нотираат и успеси, и неуспеси.

Неколку минути пред полноќ, во пресрет на 1-ви јуни 2017 година, со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“ беше избрана новата македонска Влада, предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев (на насловната фотографија). Заради предвремените избори закажани на 12-ти април годинава, нејзиниот мандат требаше да заврши оваа пролет. Но корона-кризата ги одложи изборите, и тригодишнината ја дочека како техничка Влада, предводена од Оливер Спасовски. Во експозето пред изборот на Владата, Заев најави дека ќе предводи реформска влада во Македонија: „Наши три клучни темели ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите, на силни професионални институции и правда за сите, и почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок".  

Цената на откочените интеграциски процеси

Што од тоа е реализирано три години подоцна? Аналитичари со кои разговараше ДВ нотираат и успеси, и неуспеси.  

„Можеби дојде на власт на бранот на преголеми очекувања за промени по 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Груевски, особено во доменот на нарушените вредности на демократијата, поларизацијата и партизација на општеството, доведувањето до статус на ‘заробена држава', а и немаше можност за целосен четиригодишен мандат. Сега на заминување, пред претстојните избори, кога и да се случат, впечатокот е дека сепак не ги исполни очекувањата“, вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Во однос на исполнетите очекувања, тој ги посочува прашањата од надворешната политика: членството во НАТО и одлуката за почеток на преговори со ЕУ.

„Очигледно тоа беше примарно за оваа Влада и несомнено е добро што се ‘откочија' интеграциските процеси по децениски застој. Прашање е дали сепак цената за тоа е превисока. Моето мислење е ‘да', но тоа времето ќе го покаже. Прво, не се постигна национален консензус пред Договорот за Грција и на последователниот референдум. Второ, практично се прифатија грчките ‘црвени линии', па такво решение, веројатно по принципот ‘попаметниот попушта', можеа да направат и сите претходни наши Влади ама имаше и причини зошто ниедна не го направи тоа. И трето - покрај тоа што требаа речиси две години од ‘Преспа' за да се стигне до првите придобивки од договорот (членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ), сведоци сме на нови очекувања од Бугарија и Грција, па се чини дека договорите ниту се многу ‘добрососедски', уште помалку ‘конечни'. Но, добро е што ги има договорите. и што со тоа се деблокираа евроатлантските интеграции. Дали ќе испадне на добро - допрва ќе видиме“, вели Кржаловски.

Nord-Mazedonien neue Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Техничката влада предводена од премиерот Оливер Спасовски

Успеси во социјалната политика, потфрлање на правдата

Од друга страна, Кржаловски смета дека очекувањата на граѓаните биле помалку за овие прашања, а многу повеќе за враќањето на демократските вредности: „одзаробување“ на државата, департизација, борба против корупцијата, владеење на правото отсликано преку слоганот на „Шарената револуција", „Нема правда- нема мир“.

„ЕУ очекуваше и големи реформи, според пакетот на Прибе. За жал, на тоа поле не се направи многу. Иако имаше значително „ослободување“ од претходните стеги, особено во однос на медиумите и слободата на изразување, како и на процесот на вклучување на граѓанскиот сектор во измените на политиките, тоа не донесе позначителни ефекти, што е видливо со малите напредоци во извештаите на ‘Фридом хаус' и ‘Репортери без граници'“, посочува тој.

Смета дека традиционалната болка на СДСМ е што најголем дел од мандатот го поминала во правење стратегии („Едно општество за сите), темелни анализи за реформа на јавната администрација, и за финансирање на граѓанските организации, но без многу време нешто од тоа и да се спроведе.

„Имаше успеси и на полето на социјалната политика, па дури и во економијата кон крајот на втората година од мандатот, по очекуваниот драстичен пад во годината на преземање на Владата. Но и тие паѓаат во сенка сега на крајот, делумно или и целосно во случајот на економијата, како последица на корона-кризата. Сепак, главен пораз или неуспех (failure) е потфрлањето со ветувањето за правда, отсликано со пропаста на СЈО и за справување со корупцијата, илустрирано со случајот ‘Рекет' и потврдено со катастрофалниот пад на Индексот за перцепција на корупцијата на Transparency International, на која сме под 100-то место, полошо од сите години на власт на Груевски. Конечно, впечатокот за неисполнети очекувања кон крајот на мандатот е засилен со дејства кои многу не се разликуваат од тоа што беше критикувано кај претходната Влада: од енормни буџетски исплати во месецот пред избори, преку хипер-задолжувања: 1,2 милијарди евра со само две евро-обврзници, башка од други аранжмани, до директни уплати за ‘поддршка“ на медиумите’, оценува Кржаловски.  

Најголема храброст за стратегиските цели

Професорот и амбасадор Ѓорѓи Спасов, поранешен функционер од редовите на СДСМ, смета дека Владата на Заев ќе остане запаметена во политичката историја на земјата како влада која од независноста до денес покажала најголема храброст за неколку стратгиски прашања.

„Беше потребна вистинска храброст и решителност да се надмине спорот со Грција околу разликите со името кој за 11 години власт, во време на власта на Груевски, беше доведен до точка на нерешливост. Беше потребна умешност да се постигне Договорот за пријателство со Бугарија и да се добие нејзината поддршка за нашите евроатлански интеграции. И беше потребна голема вештина и способност за преземање политички ризик во обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот и за ратификација на Договорот со Грција, со што се овозможи земјата да стане полноправна членка на НАТО и да добие одлука за започнување преговори за членство во ЕУ", потенцира Спасов.

Смета дека во тие процеси Владата успеала да обезбеди солидна подршка во политички и етнички поделеното општество и да внесе нов елемент за внатрешна политичка, етничка и социјална кохезија, но и нови основи за подобра интеграција и соработка со земјите во регионот.

„Сето тоа не беше едноставна работа во услови на силно противење на опозицијата во земјата за склучување на тие договори со соседите, во услови на силно противење на Русија на македонското членство во НАТО, па и на медиумските и политички притисоци од националистичките сили во соседните земји за тој процес да не успее“, потсетува Спасов.

Наспроти мислења дека Владата со делумна амнестија на учесниците во нападот на Собранието од 27-ми април 2017 година ја жртвувала правдата, и не го исполнила главното барање на ‘Шарената револуција', тој е уверен дека во изминатите три година е направен голем исчекор во обезбедувањето правда и праведност.

„Покрај силната блокада на судството од кадри поставени од претходниот режим, осудени се голем број лица против кои беа покренати постапки од СЈО, а беа осудени и клучни учесници во разни криминални зделки и во настаните од ‘крвавиот четврток'. Како што гледаме деновиве, судството успешно се справува и со аферата ‘Рекет' во која биле инволвирани лица од СЈО и од медиуми блиски до Bладата“, смета професорот.

Во сенка големите реформи

Според него, она што можеби останало незабележано, е големата реформа на системот за социјална заштита, зголемувањето на минималната плата, зголемување на социјалната заштита, помошта на невработените, решавањето на проблемот на стечајците, заштита на ранливите категории во општеството, реформата во домовите за деца без родители, намалувањето на стапката на невработеност, зголемување на просечната плата...

„Не треба да се заборави дека сето тоа се случуваше во услови кога и вкупната стапка на пораст на бруто националниот доход од минус 1 во 2016 година почна да расте со стапки од над 3% во сите минати три години“, потенцира Спасов.

Потсетува дека во изминатите три години не е забележан ниту еден сериозен меѓуетнички инцидент во земјата, како резултат на фактот што СДСМ се трансформира во граѓанска партија која на своите листи за пратеници кандидира и претставници од други етнички заедници, со што испраќа порака дека ниту една од етничките партии нема монопол во заштитата на етничките интереси. Како успех го посочува и фактот дека Владата не дозволила да колабира здравствениот систем во корона-кризата, препуштајќи ја грижата за здравјето на најдобрите здравствени експерти.

Нешто можеше и подобро

Сепак, Спасов смета дека Владата некои прашања можела и поуспешно да ги решава.

„Ќе беше добро ако не им се дозволеше на Груевски и на некои од клучните обвинети за масовното нелегално прислушување, да побегнат од земјата и од правдата. Ќе беше добро судскиот систем да не беше ставен во функција на заштита на криминалот на претходната власт. Ќе беше добро да не се случеше аферата ‘Рекет', која ја разниша довербата во правдата. И ќе беше подобро ако Владата водеше и води поуспешна борба против лажните вести, ако на  време го санкционираше говорот на омраза, ако судството ги завршеше пороцесите во кои се суди за нелегално финансирање на партиите, за криминалот при изградбата на Белата палата, за злоупотреби за време на изборниот процес и процесите во кои се обвинети некои актуелни кандидати за пратеници во Собранието. Проблемот на оваа Влада е што дел од граѓаните сметаат дека немањето завршница на некои од судските процеси против големите злоупотреби на претходната власт, па и бегствата на некои од обвинетите и на клучните виновници од земјата, се резултат на нејзината неспособност да испорача правда, а можеби и на некој договор со нив и со судството“, посочува Спасов.

Неговата оценка за ја завршува со констатацијата: Во изминатите три години, со оваа влада, нашата земја направи значајни исчекори напред и земјата е поставена на стабилен пат од кој, било каква промена на власта, тешко ќе може да ја измести".

Дали и колку мислењата на аналитичарите ќе се совпаднат со ставовите на граѓаните, ќе се знае на денот на изборите. Датумот и натаму е предмет на несогласување меѓу власта и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а во голема мера ќе зависи и од здравствените биланси. Токму овие денови тие се неповолни, со бројки на новозаразени речиси идентични како оние во април, пред очекуваниот пик на епидемијата. Тригодишнината од Владата, дел од министрите, вклучително и премиерот Спасовски, ја дочекаа во самоизолација заради контакти со сопртијци позитивни на Ковид-19.

 

Реклама