Трамп - спасител на слободната трговија? | Економија | DW | 29.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Трамп - спасител на слободната трговија?

Ако се прави споредба со мрачното сценарио за светска трговска војна, тогаш американско-мексиканскиот договор повторно ја расветли иднината. Надеж има и за нови договори, оценува Хенрик Беме.

Се разбира дека е ова извонреден дил. Тоа е најмалку што може да се очекува од сампрогласениот најголем „дилмејкер“ на сите времиња. „Ги направивме работите многу поедноставни и многу подобри за двете земји“, рече американскиот претседател Доналд Трамп кога го соопштуваше пробивот за нов трговски договор со Мексико. Јасно е дека овој дил е подобар, зашто стариот договор со име НАФТА, според Трамп, бил „катастрофа“ и „најлош договор што некогаш бил направен“. Добро, од аспект на Трамп такви беа всушност и сите други договори кои не носат негов потпис, но нема врска.

Повисоки плати за Мексиканците?

Толку за фалбите. Да ги погледнеме фактите. Прво в очи паѓаат позитивните реакции на финансиските пазари, зашто таму ништо не се смета за поконтрапродуктивно од спречувањето на светската трговија. Прекинот на економските ланци создава несигурност кај инвеститорите. Тоа на инвеститорите воопшто не им е потребно. Оттука, можеше да се забележи големо олеснување. Дали ноќта кон вторникот можевме да ја видиме подобрата страна на Доналд Трамп, односно бевме сведоци на неговите вистински напори за конструктивен резултат? Дали тоа ги зголеми шансите за натамошни договори со други страни со кои човекот од Вашингтон е во клинч, како на пример Кина или ЕУ?

Со оглед на тоа што Доналд Трамп особено ги има во визир автомобилите од странство, кои можеби ја загрозуваат националната безбедност на САД, да фрлиме поглед врз досега познатите детали од, како што Трамп го нарече, американско-мексиканскиот трговски договор. Едно од обвинувањата, меѓу другите и на сметка на американските автопроизводители, беше дека тие заради пониски придонеси на плати го префрлаат производството во Мексико. На ова нема што да му се спротивстави. Оттука, сега од дилот профитира дури и мексиканскиот работник, зашто 45% од деловите на еден автомобил кој се извезува во друга земја, би требало да бидат произведени за плата од најмалку 16 долари за работен час. Тоа за САД не е тема, зашто просечната плата за работен час таму изнесува 22 долари. Меѓутоа, во Мексико работниот час на еден индустриски работник се плаќа отприлика 2,30 долари.

Канаѓаните мора да се приклучат

Тоа може да има различни последици. Или различни делови би се произведувале во земји со повисоки плати, а потоа би се составувале во Мексико, или деловите би се произведувале директно во САД. Или пак би имало драстично зголемување на платите во Мексико. „Ги поедноставивме работите“, рече Трамп.

Boehme Henrik Kommentarbild App

Хенрик Беме

Ако тоа е едноставно, тогаш што е компликувано? На пример еден друг аспект од договорот. Во иднина регионалниот удел во производствениот процес во автоиндустријата треба да изнесува 75%. Досега тој удел изнесуваше 62%. Поради тоа ќе зовријат главите и на германските производители. Фолксваген и Ауди веќе имаат фабрики во Мексико кои лиферуваат и во САД, а БМВ треба да се приклучи наредната година.

Она што уште боде очи, а не е поврзано со автомобилите, е што во иднина нема да има царини за земјоделски производи за двете страни. И, Мексико се обврзува во иднина да се придржува до меѓународните работнички стандарди во аграрната сфера. И ова би можело да доведе до повисоки плати кај јужниот американски сосед. Планот е рафиниран, затоа што или ќе го направи Мексико понетрактивно како земја на производство, поради повисоките трошоци за плати, или навистина ќе доведе до повисоки плати и поголема благосостојба, што пак може да ја намали миграцијата на работници од Мексико во САД.

Добро, сето тоа сѐ уште не е готово. Зашто прво треба да се испитаат можностите за приклучување на Канаѓаните, со што северноамериканската зона на слободна трговија (Екс-НАФТА) би продолжила да постои и натаму. Од Белата куќа оптимистички се вели дека и во овој дел е можен договор до крајот на неделата. Доколку не се успее, работите може да се усложнат и за договорот со Мексико, зашто за билатерален договор претседателот во моментов воопшто нема мандат.

Но, ако сето ова се остави настрана, на прв поглед се чини дека опасноста од голема трговска војна засега е спречена. Екипата на Трамп во моментов преговара и со Европејците за деескалација на конфликтот, а нишката за разговор се чини не е прекината ниту со Кинезите. За разговори со Пекинг „сѐ уште не е време, но тоа ќе се случи“, вели Трамп.

Денот не би требало да се фали пред да настапи вечерта. Но, изгледите за светската трговија пред неколку месеци беа значително помрачни. Тоа што перспективите сега се подобри, се должи во еден дел и на Доналд Трамп. Кој можеше да верува?

DW.COM

Реклама