Трамп - силеџија од школскиот двор | Свет | DW | 22.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трамп - силеџија од школскиот двор

Добар знак е тоа што мнозинството членки на ОН не дозволија Трамп да ги уценува, пишува германскиот печат за гласањето во ОН. Со тоа меѓународната заедница покажува дека нема да ѝ дозволи баш сѐ на Белата куќа.

USA - Präsident Trump - Jahresrückblick (Reuters/J. Ernst)

„Автократските склоности на Трамп се исконски, опасни и трајни“

Генералното собрание на ОН со убедливо мнозинство изгласа резолуција со која американската администрација индиректно се повикува да ја повлече одлуката за признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Меѓу 128 држави кои беа „за“ се најдоа и четири постојани членки на Советот за безбедност: Кина, Русија, Франција и Велика Британија, но контра политиката на Трамп гласаа и Германија, Србија, Словенија, Македонија, Црна Гора, Албанија... Против, освен САД и Израел, гласаа уште седум земји, 35 беа воздржани, а 21 не учествуваа.

Во резолуцијата се изразува „длабоко жалење“ поради „најновата одлука во поглед на статусот на Ерусалим“, но не се споменуваат експлицитно Вашингтон или Доналд Трамп. Конечниот статус на градот треба да се одреди во согласност со досегашните резолуции на ОН, се наведува натаму. Одлуката на Белата куќа предизвика немири на Блискиот исток и нови судири меѓу Палестинците и израелските сили за безбедност.
Пред гласањето Трамп се послужи со „отворена уцена“- пишува во коментарот магазинот Шпигел - им се закануваше на сите држави кои би гласале за резолуцијата со укинување на финансиската помош од САД поради „неблагодарност“. „Веројатно Трамп, како и многупати досега, нема да премине од зборови на дела. Да се надеваме... Конечно, на Трамп му треба поддршка од Конгресот за трајно да ја намали помошта за странство. Барем во Сенатот се уште седат доволно искусни експерти за надворешна политика кои знаат дека тие пари не се милостина, туку политичка алатка“.

USA UN-Generalversammlung Abstimmung zu Jerusalem-Resolution (Getty Images/S. Platt)

Тежок пораз за политиката на САД на гласањето во ОН

Добар знак е тоа што мнозинството членки на ОН не дозволија Трамп да ги уценува, коментира Франкфуртер рундшау. „Со тоа меѓународната заедница покажува дека нема да му дозволи сѐ на националистот во Белата куќа“.

„Трамп како пркосно дете бара освета за резолуцијата во Генералното собрание на ОН“, пишува Ноје ознабрикер цајтунг. „Можно е дека како тајкун на пазарот на недвижности Трамп постигнувал успех со закани и заплашување. Но таквиот настап е недостоен за еден шеф на западна држава, особено кога е насочен против сојузниците на САД. Оној кој без договор солира во дипломатијата не треба подоцна да се чуди што дури ни пријателите не ги поддржуваат неговите одлуки“.

Минхенскиот Зиддојче цајтунг наведува: „Можно е ова заканување да остава впечаток на владите на неколку држави. Но, по која цена? Прво Трамп донесе спорна одлука, а сега им се заканува на своите критичари, наместо да бара сојузници, можеби и ќе придобие уште некој со дополнителна финансиска помош. САД делуваат како силеџија од осмо одделение во основно училиште кој во школскиот двор им држи тупаница под нос на првачињата“.

 Остар е и Келнер штатајнцајгер: „Автократските склоности на Трамп се исконски, опасни и трајни. Тие се огромна опасност за либералната демократија во САД. Нивните институции сѐ уште опстојуваат, но перманентните напади веќе оставија трага. Трамп верува во она што го зборува. Го прави она што им го вети на своите конзервативни приврзаници. Секој кој затвора очи пред тоа, тоа го прави на сопствена одговорност. Не е прашање дали на крај претседателот ќе пропадне со таа политика. Прашањето е колку штета ќе предизвика додека да му заврши мандатот?“

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама