Трамп и популистите: омразата е во воздухот | Свет | DW | 24.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп и популистите: омразата е во воздухот

Во Вашингтон, Трамп ги критикува демонстрантите и медиумите; во Германија, неговите европски истомисленици слават. Оружјето сега навистина е насочено кон стариот светски поредок, смета Фолкер Вагенер.

Стариот светски поредок од 20. век е засекогаш завршен - Франк Валтер Штајнмајер, актуелниот шеф на германската дипломатија и веројатниот иден претседател на државата, не е личност која тукутака ќе тресне нешто без размислување, а во овој случај погоди точно во целта. И од сите луѓе, токму Марин Ле Пен, лидерот на францускиот Национален фронт, се согласува со него.

„Сведочиме на крајот на светот и раѓање на нов“, изјави таа пред околу 800 десничарски популисти, на собирот во саботата во германскиот град Кобленц.

Околу фактите може да се спори, но тоа не ја менува состојбата: плачењето никогаш не решило ништо. Брегзит е реалност, исто како и Трамп. На Западот се случува политичка метаморфоза. Популизмот е „ин“ и ништо нема да остане исто. Наскоро, и други западноевропски држави ќе одржат избори: Франција, Холандија и Германија.

Во меѓувреме, САД се поздравуваат со својата улога на одржувач на светскиот поредок. Во Сирија, САД веќе ѝ го препуштија теренот на Русија. Сега повеќе се фокусираат на Израел. Преселбата на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, како што вети Трамп во кампањата, нема да биде само организациска одлука, туку и политички став - и тоа каков!Таквиот чекор ќе биде де факто признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Шетање со факел низ бензинска станица е побезбедно од тоа.

Wagener Volker Kommentarbild App

Фолкер Вагенер

Новиот американски претседател не мора да се грижи за Европа. Ле Пен, лидерот на АФД Фрауке Петри, холандскиот десничар Герт Вилдерс и други слични - негови минијатурни копии - ќе се погрижат за сѐ. Целта на европските десничари е да изградат егоистични, егоцентрични национални држави, по примерот на „Трамповата Америка на прво место“. Не е изненадување што британската премиерка Тереза Меј ќе биде првиот лидер од стариот континент која ќе се сретне со Трамп. Тој и европските популисти едвај го дочекаа заминувањето на Британија од ЕУ за да ја ослободат својата злоба кон наднационалните сојузништва.

Кога неправдата станува закон, отпорот станува обврска

Се чини дека сите лекции кои Западот ги научи по крајот на Втората светска војна да се исмеваат: политиката на сојузништва, принципот на солидарност, економската помош. За волја на вистината, гласањето за Брегзит беше тесно; противниците на ЕУ успеаја да се мобилизираат, додека другите останаа дома, убедени дека нивната помош не е потребна.

Трамп, од друга страна, профитираше од делегатскиот систем; во апсолутни бројки тој претставува помалку од половина од Американците. Германската АФД и францускиот Фронт Насионал сѐ уште се во опозиција. Но она што ги прави екстремно опасни политичкото вртење кон десно, отфрлањето на вредностите и севкупната атмосфера е латентната омраза на популистите кон државата, демократијата, социјалните елити, секојдневната мултиетничност и медиумите.

Сепак, од Вашингтон до Њујорк, Бостон, Сиднеј, Париз и, да, и Кобленц, минатиот викенд беше емитувана и поинаква реалност: онаа на протест - масовни протести против простоумието, поедноставените погледи на светот и злобните хушкачи. Доколку демократијата сака да остане повеќе од академски израз во училишните лекции, ќе мора веднаш да се докаже, насекаде: во парламентите, во медиумите и на улиците.

DW.COM

Реклама