Трамп за НАТО зборува едно, неговиот министер за одбрана - друго | Свет | DW | 24.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Трамп за НАТО зборува едно, неговиот министер за одбрана - друго

Американскиот претседател Трамп се сомнева во смислата на НАТО, а неговиот министер за одбрана Матис ги смирува сојузниците, велејќи дека односите со воениот сојуз се „цврсти“.

Новиот американски министер за одбрана Џејмс Матис во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја нагласи својата поврзаност со воената алијанса. Матис јасно стави до знаење дека САД во потрагата по сојузници секогаш прво ќе гледаат кон Европа, соопшти портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис. Министерот за одбрана, како што се вели, свесно го водел телефонскиот разговор уште во текот на својот прв работен ден за да го потенцира значењето кое му го придава на НАТО.

Со ова, 66-годишниот Матис уште еднаш се дистанцираше од изјавите на Доналд Трамп. Новиот американски претседател, пред да биде инаугуриран, во едно интервју оцени дека НАТО е „застарен“ и ја повтори критиката дека европските НАТО-партнери преземаат премал дел од финансискиот товар на алијансата. Дејвис потврди дека шефот на Пентагон Матис ќе учествува на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во февруари.

Обиди за пеглање на „стутканото“

По кавгата со претставниците на медиумите околу бројот на гледачи на инаугурацијата на Трамп, портпаролот на американскиот претседател Шон Спајсер исто така прави обиди за пеглање на работите. На втората средба со новинарите во Белата куќа тој рече дека посакува „здрав однос“ со претставниците на седмата сила.

„Нашата намера никогаш не била да лажеме“, подвлече Спајсер. Тој изјави дека на новинарите ќе им ги презентира фактите онака како „што му се познати“. Два дена претходно, Спајсер во настап пред новинарите кој беше многу критикуван рече дека дел од медиумите „намерно погрешно известуваат“ за инаугурацијата на Трамп и дека притоа манипулираат со погрешни тврдења и бројки. Тој уште и се закани дека овие медиуми „ќе одговараат“.

DW.COM

Реклама