Трагедијата на мигрантите во Ламанш е европска срамота | Свет | DW | 26.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Трагедијата на мигрантите во Ламанш е европска срамота

За трагедијата, во која во обидот со гумен чамец да го преминат Ламанш од Франција кон Велика Британија, се удавија 27 мигранти, има повеќе виновници, смета Барбара Везел.

Тешко е мерлив степенот на очај на луѓе кои во ладно ноемвриско утро се качуваат во гумен чамец,  кој не е наменет за немирни морски води и тргнуваат кон британскиот брег. Посебно кога мајка треба да ги убеди своите деца дека патувањето не е опасно и наскоро ќе стигнат безбедно на целта. А кога патувањето ќе тргне наопаку, како во средата (24.11.2021), тогаш политичарите леат крокодилски солзи. Борис Џонсон и Емануел Макрон звучат небаре трогнати и ветуваат некако да ги сопрат смртоносните патувања.

„Зошто Франција не ги задржала?“ Тоа еден ден подоцна се праша еден високотиражен британски весник. Лондон го вперува прстот во соседот и целосно ја игнорира својата одговорност. Меѓутоа, Велика Британија по Брегзит е сама одговорна за своите граници, а тоа е многу потешка задача отколку што пропагандата ги наведе граѓаните да поверуваат. Нема веќе право на помош од Франција и Белгија, а изгубено е и правото мигрантите да се враќаат таму.

Велика Британија меѓу „кооперација и провокација“

Строгата министерка за внатрешни работи Прити Пател ѝ наложи на британската крајбрежна стража малите чамци на Ламанш да ги враќа во француски води. Таа меѓутоа одбива да ја спроведе оваа наредба, зашто за мигрантите е опасна по живот, што секако ѝ служи на чест. Потоа владата на народот му продава бајки дека бегалците сака да ги смести некаде екстериторијално, на пример во Албанија. Тирана тоа веднаш го одби. Таа фантазија додуша ја предлагаше и Европската унија.

Сега Борис Џонсон се колне дека ќе го преврти секое камче за на шверцерите да им стави крај. Само што тоа, како што кај него е чест случај, се само празни блаботења. Криумчарите се на континентот и тој би морал, ако навистина сака нешто да постигне, да соработува со соседите. Францускиот претседател со право се жали дека Британците се колебаат меѓу „кооперација и провокација“. Не можете да започнете детинска герилска војна поради лов на риби, а истовремено од Париз да барате соработка базирана на доверба.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел, автор на коментарот

И конечно, бегалците сакаат да стигнат во Велика Британија, зашто таму имаат роднини. Или очекуваат почеток на нов, подобар живот, поради зборувањето на англискиот јазик и големата тамошна меѓународна емигрантска заедница. Но, целта на владата во Лондон е нулта степен на прием на бегалци. Речиси воопшто не постојат веќе легални патишта за доѓање во таа земја. Воените бегалци и политички дисиденти азил треба да бараат на некое друго место – Велика Британија ги подигна подвижните мостови.

Бегалците цврсто се придржуваат на својот план

Француската влада пак ја врти главата или спроведува полициски акции. Така, минатата недела повторно е растурен камп на брегот кај Гран Синт. Бегалците ги собраа своите шатори и се преселија стотина метри понатаму. Но, најголем дел од нив се придржуваат кон својот план: да стигнат до Велика Британија на било кој начин. Француските граничари во текот на оваа година спречиле илјадници обиди за премин преку Ламанш, но од друга страна не чувствуваат обврска луѓето кои по секоја цена сакаат да одат натаму, да ги задржуваат во Франција.

Притоа шансите да се добие азил или заштита во Франција воопшто не се лоши. Меѓутоа, во многу глави е цврсто всаден мит за ветената земја – Велика Британија. Можеби француската влада би требало да соработува со локални хуманитарни организации на едукција на бегалците за опасностите од премин на Ламанш и сѐ околу тоа да објавува на социјалните мрежи.

Никој не сака бегалци непосредно пред избори

Ако пак бегалците останат, тоа значи дека Париз треба да прими дополнително уште неколку илјади луѓе, да ги згрижи, да ги провери нивните барања за азил и можеби да ги врати во татковините, што се знае колку е компликувано. Затоа околу тоа никој не се претргнува, посебно не пред избори. Многумина размислуваат вака: ако бегалците Франција ја гледаат како транзитна земја, нека биде така.

Брзите апсења на некои криумчари покажува дека полицијата добро ја познава таа сцена. Затоа и се неопходни и полицијата и правосудството за да се застане на патот на несовесните трговци со луѓе.

Вечно потфрлување на ЕУ

На крај, зад смртта на луѓето во Ламанш, исто како и зад сите 1500 давеници оваа година во Средоземно Море, стои и  потфрлувањето на ЕУ.  Поединечни земји членки спречуваат секаков вид договор за разумен прием и механизам на распределба. Истовремено, поради сѐвкупното свртување кон десно, границите сѐ повеќе се милитаризираат и затвораат. Затоа случувањето трагедии како оваа во средата се неминовни.

Тука можеме да ги вброиме и луѓето кои умреа низ  полските шуми,  нивната смрт се прифаќа, зашто гласачите наводно сакаат цврста одбрана од бегалци. Формулациите кои можеа да се чујат во Европскиот парламент во текот на најновата дебата за  бегалската криза  на границата меѓу  Белорусија и Полска, покажуваат дека времињата во ЕУ не се пресвртени. Сега се зборува само за „хибридни закани и војна“, а луѓето кои се смрзнуваат во полските шуми, речиси и да не играат никаква улога. Од гледиште на хуманоста, таа нова бегалска политика на Европската унија е едноставно срамна.