1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Тестирање во Германија: Што се менува за повратниците?

Немања Рујевиќ
15 септември 2020

Од вторник, 15.09, се менуваат правилата за тестирање на повратници при влез во Германија, но тоа не ги засега патниците од Северна Македонија. За нив до крајот на месецот важи бесплатното тестирање, но потоа- карантин.

https://p.dw.com/p/3iWEN
Deutschland Corona-Testzentrum Flughafen München
Корона-тестирање на аеродромот во МинхенФотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Во екот на сезоната на годишни одмори Германија воведе тестирање на аеродромите, железничките станици и автопати за да го пресретне „увозот“ на коронавирусот во земјата. Од вторник (15.09) важат поинакви правила, но за оние кои доаѓаат од Северна Македонија и земјите од регионот уште две недели ништо не се менува.

Што се смени од вторникот?

За разлика од повратниците од ризичните земји- за каква што се сметаат Северна Македонија и остатокот од Западниот Балкан, како и уште 130 земји во светот- кои се обврзани да се тестираат при влезот во Германија, доколку немаат негативен тест со себе, или да минат 14 дена во карантин, повратниците од земји кои не се сметаат за ризични досега можеа да се тестираат доброволно и бесплатно. 

- повеќе на темата: Патување во Германија

Од 15.09. повратниците од земји кои не се ризични повеќе нема да се тестираат кога ќе посакаат, туку само доколку имаат симптоми или постои сомнеж за зараза.

Зошто се менува правилото?

Последните недели германските лаборатории работат речиси на границите на своите можности- неделно се вршат околу 1,1 милиони тестови. Критичарите му префрлаа на Министерството за здравство дека толку широкото тестирање чини многу работа и пари, и дека е подобро целно да се тестира.

Какво е правилото за повратниците од Северна Македонија?

За оние кои од Северна Македонија доаѓаат во Германија, без оглед на државјанството, и натаму важи правилото за обврзувачко и бесплатно тестирање при влез во земјата.
Досега тоа течеше на следниот начин: кога ќе се допатува со авион, се застанува во ред пред мобилната станица за тестирање каде се зема брис. Патникот потоа треба да инсталира бесплатна корона- апликација на својот мобилен телефон на која, вообичаено во рок од 48 часа, ќе го добие резултатот од тестот. Доколку е позитивен, Заводот за јавно здравје ќе го контактира телефонски. Додека чека на резултати од тестот, патникот е должен да биде во самоизолација. 

Deutschland Corona-Testzentrum am Flughafen Köln Bonn
Земање брис на аеродромот Келн-БонФотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress

- повеќе на темата: Задолжителни корона-тестови во Германија: Прашања и одговори

Доколку патникот доаѓа со автомобил и одлучи да не се тестира на некоја од станиците за тестирање на автопат, тоа подоцна може да го стори бесплатно и во следните 10 дена во некоја лабораторија или кај својот матичен лекар.
Во спротивно, мора да мине 14 дена во карантин. Тоа важи дури и тогаш кога патникот на влезот нема да добие никаков документ или известување. Казните за непочитување на овие правила во некои покраини се огромни.

Што се менува од 1 октомври?

Иако се уште не е формално потврдено, планот е од почетокот на октомври да се укине тестирањето на повратниците од ризичните земји при влез во земјата. Тие ќе мораат да минат 14 дена во самоизолација, или пет дена по враќањето да се тестираат на сопствен трошок и, откако ќе добијат негативен тест, да излезат од карантин.

Кој смее да влезе во Германија?

Влез од ризичните земји и натаму им е дозволен само на германските државјани и на странци кои живеат и работат во Германија. Отстапки се прават и за оние кои доаѓаат по работа како возачи на камиони или сезонски работници, за оние кои мораат на суд, на закажано лечење, или во посета на брачен другар. Туристичките посети се забранети.

Што доби Германија од масовното тестирање?

Од една страна, во некои покраини последните недели речиси една третина од регистрираните случаи на заразени со коронавирус се повратници во земјата. Тие веројатно не ќе беа откриени без масовно тестирање. Најголем удел во таа бројка имаат повратниците од Косово, Турција, а потоа и Хрватска и Србија.
Од друга страна, по милиони тестови при влез во земјата, вирусот е потврден кај само еден процент од тестираните. Институтот Роберт Кох не сака да оценува дали е тоа успех или не. Критичарите веруваат дека состојбата може да се контролира со помало трошење на ресурси и со целно тестирање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема