СЈО: Груевски осомничен за перење пари и местење тендер за патишта | Македонија | DW | 22.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СЈО: Груевски осомничен за перење пари и местење тендер за патишта

Според доказите до кои дошла истрагата,претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата, заради зацврстување на политичката моќ во партијата и државата

По 1.000 процесни дејства, сослушани над 260 сведоци, 230 барања за податоци од правни лица, обезбедени над 11.000 уплатници од деловните банки, како и 300 страници анализиран материјал, Специјалното јавно обвинителство ја отвори првата истрага за кривичното дело „перење пари“. Истрагата под име „Талир“ се однесува на финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а првоосомничен е лидерот на партијата. Во истрагата  се осомничени вкупно 14 лица, а СЈО денеска ќе побара привремена мерка за замрзнување на партискиот имот, но не на целиот, туку само на делот за кој постојат докази дека е предмет на кривичното дело.

Според доказите до кои дошла истрагата,претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата заради лични цели- зацврстување на неговата политичка моќ во партијата и државата.

Осомничените преку месните организации переле пари, внесувајќи ги на жиро- сметката на партијата, со употреба на неточни податоци и со злоупотреба на лични податоци. Во истражуваниот период на партиската сметка биле внесени 4 милиони и 900.000 евра. Средствата потоа биле користени за исплата на редовни обврски, маректинг, хотелски и кетеринг услуги, но и за купување недвижен имот, со околу 70 договори. Истрагата утврдила и дека дел од купениот имот не се користил за партиски цели. Во истрагата влегува и договор за соинвеститорство на Бетон АД - Скопје, во кој бил утврден несразмер на правата и обврските, а со оглед дека Бетон вршел услуги кон партијата, не можел да биде и нејзин донатор. Анализата на податоците за приливите на партиската сметка преку членарини јасно покажала и дека тие се вршат во одредени денови и дека уплатниците биле пополнувани со ист ракопис. 

Местење тендер

Предметот „Траекторија“ е финансиска истрага против четири службени лица, владини функционери, осомничени дека во постапката за избор на компанија изведувач на изградба на патна делница Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ја злопотребиле службената положба и овластување, со што причиниле штета на буџетот од 155 милиони и 117 илјади евра. Станува збор за изборот на кинеска компанија, која беше дел од веќе објавените „бомби“, а истрагата дошла до докази дека осомничените не ги почитувале одредбите на домашното законодавство и при објавата на тендерот и при изборот на изведувач. Во јануари 2013 тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот започнале разговори со првата компанија, иако втората компанија доставила документација за пониска понуда, која не била земена предвид.

На новинарско прашање, дали првосомничениот во „Талир“ е првоосомничен и во „Тракторија“, одговорот на обвинитеката Ленче Ристоска беше потврден.  

Другата финансиската истрага насловена „Тревник“ се темели на незаконски прислушкувани и необјавени телефонски разговори, кои се однесуваат на изградба на три викенд - куќи во населбата Зелениково, без одобрение за градење. Врз основа на сателитски снимки, но и извршеното вештачење, било утврдено дека куќите почнале да се градат во 2011 година, а одобрението за градење го добиле во 2013 година, кога веќе биле завршени. „Законот за градење предвидува обратен редослед“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.  

Продолжување на мандатот

Од СЈО соопштија дека иако Советот на јавни обвинители одлучи да не го даде предметот „Сопот“ во надлежност на ова обвинителство, врз основа на незаконски прислушуван разговор тие отвориле предистражна постапка и сметаат дека добиените докази ќе имаат директни импликации врз постапката за тој случај кој се води во Кривичниот суд.

Обвинителката Катица Јанева денеска изрази очекување од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од законот за СЈО, со кој на 18 месеци се ограничува рокот за поднесување обвиненија, а ја истакна потребата и од имплементација на препораките на Венецијанската комисија и од законот за заштитени сведоци. Таа најави дека во следниот период СЈО интензивно ќе поднесува обвиненија за предметите на кои досега била посветена истрагата.

 

DW.COM

Реклама