Степан Бандера - украински херој или соработник на нацистите? | Свет | DW | 21.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Степан Бандера - украински херој или соработник на нацистите?

Борците од Мариупол го чествуваат, руски војници ги прогонуваат неговите приврзаници - Степан Бандера, најпрочуениот украински националист, за некои и денес е симбол на украинскиот отпор. Кој е Бандера?

Ukraine Portait des ehemaligen Politikers Stepan Bandera

Слика на Бандера на пазар во Лавов (архивска фотографија)

„Нашиот татко е Бандера, мајка ни е Украина. Ќе се бориме за Украина!“ Млада жена во војничка униформа со пушкомитралез ја пее оваа песна во еден видео клип кој украинските бранители од Мариупол на почетокот на мај го проширија на социјалните мрежи. Изгледа дека клипот е снимен во бункер челичарницата Азовстал, последното место на украински отпор против руските сили во градот. Таму имаше и борци на полкот Азов, основан од радикални националисти, кој подоцна беше ставен под команда на украинското Министерство за внатрешни работи.

Степан Бандера, убиен пред повеќе од 60 години во СР Германија од страна на советските тајни служби, е веројатно најпознатиот украински националист. Неговото име стана симбол долго пред отворената војна која Русија од 24.февруари ја води против Украина.

Бандера е херој и идол за дел од украинското општество. Руската пропаганда го претставува како непријател против чии приврзаници се бори со децении. За руската војска неговото име е еден вид знак за да спроведуваат вистински прогон на Украинци во запоседнатите области. Украинските медиуми се полни со сведоштва на очевидци за тоа како Русите барале приврзаници на Бандера меѓу украинските воени заробеници и цивили. Ако ги обележат како такви, тие мора да сметаат на малтретирање или смрт. Кога рускиот претседател Владимир Путин во неговиот говор на 9 мај на Црвениот плоштад ја бранеше војната против Украина, зборуваше и за неизбежна конфронтација со „неонацисти, Бандеристи”.

Ostukraine Krise Soldat bei Mariupol 05.09.2014

Борец на Азов, 2014 година

Бандера – животот и смртта на еден радикелн борец

Животот на Бандера е тесно поврзан со западна Украина, која во тоа време била дел од Полска и Австро-Унгарија. Роден е во 1909 година, како син на свештеник во селото Стариј Уринив во денешната област Ивано-Франковск. Студирал во Лавов и подоцна се приклучил кон Организацијата на украинските националисти (ОУН) кои од илегала се бореа за независност. Во 1930-те, Бандера е осуден во Полска како коорганизатор на политички убиства. Ослободен е дури по почетокот на Втората светска војна. Кратко потоа дошло до поделба во организацијата, при што Бандера го повел порадикалното крило (ОУН-Б). Додека нацистичка Германија се подготвувала за напад на Советскиот Сојуз, соборците на Бандера се приклучиле кон германското водство со два украински баталјона: „Славеј“ и „Роланд“.

Клучен настан во животот на Бандера е оној од 30 јуни 1941. Неговите соборци во Лавов, кој бил окупиран од нацистите, прогласуваат независна украинска држава. Бандера во тоа време се наоѓа во окупираната Полска, Германците не му дозволиле да отпатува во Украина. Хитлер ја отфрла идејата за украинска независност, Бандера е уапсен и речиси цела војна, до 1944 година, ја поминува во концентрациониот логор Заксенхаузен.

Неговата организација ОУН-Б и натаму се борела во Украина за независност - со помош на военото крило, Украинската востаничка армија (УПА). Борците на ОУН-Б биле прогонувани и убивани како од советските борци, така и од нацистите. Бандера по војната живееше во Минхен, каде во 1959 година беше затруен од агент на КГБ со калиум цијанид.

Zweiter Weltkrieg Hitler-Deutschland überfällt die Sowjetunion

Нацистички трупи при нападот врз СССР во 1941 година

Бандера - култ во денешна Украина

По атентатот, Бандера е обожаван од украинските емигранти на Запад. Култот околу неговата личност настана во западна Украина, по распадот на Советскиот Сојуз, каде неговото име го носат музеи, споменици и улици. Граѓани во други делови на Украина, посебно на истокот, се држат до советскиот начин на пишување на историјата, која Бандера го третира исклучиво како соработник на нацистите. Нивниот став спрема Бандера бил негативен. Во мандатот на прозападниот украински политичар Виктор Јушченко, кој стана претседател во 2005-тата, на Бандера му беше доделена титулата „Херој на Украина”. Неговиот наследник, прорускиот украински претседател Виктор Јанукович, повторно му ја одзеде оваа титула.

- повеќе: Расте влијанието на националистите во Украина

Приврзаниците на Бандера секоја година на неговиот роденден прават парада низ главниот град. Во 2016-тата, името на улицата „Москва-Проспект” во Киев беше заменето со „Бандера-Проспект”. Ставот спрема историската личност стануваше сѐ попозитивен, но пред војната општеството беше поделено. Анкета на фондацијата „Демократска иницијатива” во април 2021-вата утврди дека третина од Украинците (32%) активностите на Бандера ги оцениле позитивно, но исто толку луѓе ги оцениле негативно.

Ukraine Kiew Nationalisten-Umzug

Приврзаници на Бандера во Киев, јануари 2021 година

Каква Украина сакал Бандера

Андреас Умланд, експерт во Стокхолмскиот центар за источноевропски студии, култот кон Бандера го опишува како „одраз на селективна меморија и политика на паметење“. Се потсетува дека Бандера бил радикален борец за независност, затворен во Полска, ставен во германски концентрационен логор и убиен од КГБ. „Се игнорира фактот дека и на почетокот и на крајот на војната (Втората светска војна) движењето што го водеше Бандера, соработуваше со Третиот Рајх од различни причини“, вели Умланд за ДВ.

Според Умланд, во научните кругови има две објаснувања за ова. Едни велат дека оваа соработка била изнудена, додека други зборуваат за идеолошка блискост. И двете се вистинити, вели германско-полскиот историчар од Слободниот универзитет во Берлин и биограф на Бандера, Гжегорж Росолински-Либе. „Секако дека Бандера сакал украинска држава, но сакал фашистичка, авторитарна држава во која тој ќе биде лидер“, вели Росолински-Либе за ДВ.

И двајцата експерти укажуваат на уште една темна страница во историјата на движењето на Бандера - вмешаноста на соборците во убиства на цивили во Галиција и Волињ, Евреи и Полјаци. Сепак, самиот Бандера не бил вклучен во ова. „Организацијата ОУН се приклучи на украинската полиција во 1941 година и им помогна на Германците да убиваат Евреи во западна Украина“, вели Росолински-Либе. Тој не нашол докази дека Бандера го поддржал, но ни дека го осудил „етничкото чистење“ или убиствата на Евреите и другите малцинства. Она што е сепак важно е дека луѓето од ОУН и УПА „се идентификувале со него“.

Urkaine Denkmal für Stepan Bandera

Споменик на Бандера во Лавов

Омилен и покрај нагризаниот имиџ

За Умланд, Бандера не е „нацист“, туку „украински ултранационалист“. Украинскиот национализам од тоа време не била „копија на нацизмот“, вели Умланд. Росолински-Либе е со поинаков став: „Бандера може да се нарече радикален националист, фашист.“ Германско-полскиот историчар не се согласува со украинските колеги кои велат дека приврзаниците на Бандера се бореле против нацистите исто како и против Советите. „СССР беше најважниот непријател на ОУН“, вели Росолински-Либе. Тој нагласува дека советскиот Народен комесаријат за внатрешни работи (НКВД) водел брутална борба против украинските националисти. Убиени се околу 150.000 луѓе, а повеќе од се 200.000 депортирани.

Кога зборува за „политиката на селективна меморија“ во Украина, Андреас Умланд пак аргументира дека тоа се случува и во други земји. Како најистакнат пример во Германија го наведува Мартин Лутер, по кој се именувани цркви и улици, иако е познато дека „ги мразел Евреите“.

Воспевањето на Бандера го нарушува имиџот на Украина затоа што ги оптоварува односите со Полска и Израел, вели Умланд. Една од последиците на тоа е воздржаноста на Израел во актуелната војна помеѓу Русија и Украина. За Украинците, војната се чини дека донесе радикална промена во однос на Бандера. Испитувањето на јавното мислење на групата „Рејтинг“ во април 2022 година покажа дека 74% од Украинците позитивно гледаат на оваа историска личност.

Поврзана содржина