1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сребро за Арнт во велосипедизам

15 август 2004
https://p.dw.com/p/Aema

Работите полека тргнуват напред за германските претставници на олимпијадата во Атина: освоен е и вториот медал – и тоа сребрен. По вчерашната бронза на Јулија Матијас во џудо, денеска Јудит Арнт се закити со сребрен медал во велосипедизам – друмско возење за жени. Во финишот на трката Австралијката Сара Кариген имаше повеќе сили од Арнт. Трета е Русинката Олга Шљусарева.

Денеска во натпреварите во стрелаштво со воздушен пиштол победа и златен медал за Украинката Олена Костевич, сребрен за Јасна Шекариќ од Србија и Црна Гора, додека борнзениот медал и‘ припадна на Марија Гроздева од Бугарија. Германските претставнички како да се претплатија на шестото место: по Пфајлшифтер вчера во дисциплината воздушна пушка, денеска и Мункбахјар Дорсјурен со пиштол го повтори истиот пласман.

Ни во машка конкуренција натпреварите во стрелање глинени гулаби не дадоа причина за задоволство на Германците: Олаф Кирхштајн беше седмопласиран и така не влезе во финалниот круг. Златниот медал во оваа дисциплина му припадна на Алексеј Алипов од Русија, сребрениот на Италијанецот Џовани Пелиело, а бронзениот на Адам Вела од Австралија.

Пливачките натпревари досега донесоа разочарувања за германските претставници: светската првенка Хана Штокбауер денеска потфрли во квалификациите на 400 метри слободно – го освои четвртото место во својата група со дури 12-то вкупно време и е елиминирана. Неуспешен настап имаше и германската првенка Јанин Пич, која не успеа да ги мине квалификациите на 100 метри грбно.

Други досегашни носители на медали од денешната олимписка програма: светската првенка Удомпорн Полсак го освои првиот златен олимписки медал за Тајланд воопшто. Таа победи во кревање тегови во категоријата до 53 килограми, подигнувајќи во двата стила вкупно 222,5 килограми. Рема Лиза Румбевас од Индонезија е втора, а Колумбијката Мабел Москера и‘ донесе бронзен медал на својата земја.
Во џудо во категоријата до 66 килограми победи Јапонецот Масато Учишиба, сребрен медал за Јозеф Крнац од Словачка, а бронза за Георги Георгиев од Бугарија и за Кубанецот Јорданис Аренсибиа.

Кај џудистките категоријата до 52 килограма златен олимписки трофеј за Џиан Донгмеи од Кина, сребрен за Јапонката Јуки Јокосава, а бронзени за Амарилис Савон од Куба и за Илзе Хајлен од Белгија.

Светскиот првак во џудо, Иранецот Араш Миресмаили, кој најави дека не сака од политички причини да настапи против израелскиот претставник Ехуд Вакс, најде начин како неказнет да го стори тоа: на мерењето покажа преголема тежина за својата категорија, па не му беше дозволен настап.

Веслачките натпревари од утрешната програма се откажани поради прогнозите за силен ветер во Шиниас, каде е патеката за веслачките регати. Минатата година таму се одржа светското јуниорско првенство во недозволени услови, при што повеќе чамци се превртеа. По тоа искуство, сега е донесено вакво решение, а се разгледуваат различни сценарија, како на пример преполовување на должината на патеката на 1000 метри, само за да се дојде до фер-услови за борбата за медали.

Од македонските претставници денеска Александар Маленко беше прв во квалификациона група на 200 метри слободно со свое најдобро време годинава и второ најдобро воопшто во таа дисциплина, а вкупно 35-то меѓу 59 конкуренти на олимпијадата. Значајно е да се спомне дека Александар Маленко, европски младински првак од Копенхаген ‘96-та, се врати во пливачкиот спорт по 4 годишна пауза. Весна Стојановска не успеа да ја мине првата елиминација на 400 метри слободно, остварувајќи и слаб резултат. Но, тоа не е нејзината најсилна дисциплина.