Србија како лош џез музичар | Свет | DW | 14.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Србија како лош џез музичар

Официјалните претставници на Србија се трудеа на посетата на шефот на руската дипломатија да ѝ дадат пред сѐ економско значење, но состојбата во светот е премногу интересна за разговорите да бидат само економски.

По Брегзит и победата на Доналд Трамп, некои теми кои беа присутни и порано, само што дополнително добија на значење: односот на Србија и НАТО, статусот на рускиот хуманитарен центар во Ниш, односите во регионот, поддршката на Русија за одредени политички сили во Србија... Тоа е само дел од спектарот потенцијални теми кои можеа да бидат на дневен ред за време на разговорите меѓу руската и српската страна.

„Ако се фокусираме на билатералните односи, можеме да кажеме дека тука не слушнавме ништо ново“, оценува за ДВ Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи. Сергеј Лавров, би се рекло, штуро изјави дека Русија ќе поддржи сѐ она што бара Србија, и како што објаснува Јањиќ, тој став е идентичен на оној на Владимир Путин уште од Минхенската конференција во 2007. година. „Тоа е всушност генерален став на Москва кон малите држави- да го поддржи она што тие земји го сакаат. Во овој случај тоа значи поддршка за влез на Србија во ЕУ, но со почитување на воена неутралност што го исклучува членството на Србија во НАТО.“

Србија-Русија-НАТО

Судејќи според извештаите на српската дипломатија на Ивица Дачиќ, би можело да се каже дека геополитичките теми биле во преден план, истакнува за ДВ, Владимир Трапара, научен соработник во Институтот за меѓународна политика и економија. „Тука е истакнато значењето на руската поддршка кога станува збор за Косово и Метохија и Република Српска, а Дачиќ рече оти Србија нема да се класифицира во каков било антируски фронт, значи нема да воведе санкции кон Русија и да ја осудува за разни потези како некои други европски земји“. А тие теми сега некако се истакнаа повторно во преден план, бидејќи се случија разни работи во светската политика, вели Трапара. „Очигледно е дека Русија и Србија очекуваат некои промени во американската надворешна политика по победата на Доналд Трамп. Ивица Дачиќ очигледно очекува некои позитивни промени во тој смисол и затоа можеби нешто погласно од порано е нагласена руската поддршка за Србија кога станува збор за Косово и за Република Српска.“

Душан Јањиќ вели ото бил преголем оптимист, бидејќи се надевал дека во оваа пригода ќе биде донекаде разрешена дилемата околу статусот на рускиот хуманитарен центар во Ниш. „Тоа е очигледно оставено за некој друг пат - и за посетата на рускиот премиер Дмитри Медведев.“ Лавров, од друга страна, за време на посетата на Белград, изјави дека ЕУ бара од Србија да го затвори тој центар, бидејќи смета оти станува збор за руска шпионска база. Јањиќ забележува дека нејзиното значење е целосно поинакво и оти нема многу врска со шпионажа. „Оваа база се наоѓа на неколку часа лет од блискоисточната криза. Секоја војска, па и американската, би сакала да има на располагање еден таков аеродром. Во тој смисол, Србија значи има што да понуди кога станува збор за безбедносна соработка“, вели Јањиќ и додава дека Дачиќ се фали со некаква воена донација од Русија, но се знае оти во меѓународните односи нема донации, туку само поволни кредити за вооружување.

Србија засега не покажува дека сака членство во НАТО, забележува Владимир Трапара, но исто така вели оти зад затворени врати во Белград можеби се зборувало за прием на Црна Гора во НАТО. „Русија се противи на тоа, а мислам дека не се согласува ни Србија, но во некоја поблага форма. Мислам оти и во тој смисол се чека да се види каков ќе биде американскиот став за тоа по 20. јануари. Лично мислам дека членството на Црна Гора во НАТО ќе биде лошо за Србија и ако е тоа ставот и на Србија, изгледа оти за таков став би требало да се бара поддршка од Вашингтон и новата американска администрација.“

Србија без долгорочна програма

Ако се погледне на тоа што бараат од Србија од една страна ЕУ и САД, а од друга Русија, видливо е оти тие барања никако не можат да се исполнат, а да можат да се задоволат сите страни. Владимир Трапара вели дека Србија мора да тргне од сопствените интереси, кои мора да ги дефинира. „А тоа што бараме Русија да ни помогне кога се нашите интереси во прашање, тоа не значи дека сме на страната на Русија против Запад. Мислам оти дури и Запад досега го толерираше таквиот став на Србија, а мислам и дека тоа дури ќе биде случај по изборот на новата американска администрација. Ќе видиме дали и Европа ќе ја следи таа промена на американската надворешна политика.“

Душан Јањиќ додава оти појдовна точка мораат да бидат пред сѐ интересите на Србија. „Бидејќи, како да се поставите ако одите во преговори со Косово, а не знаете што добивате и што можете да жртвувате. Или ако зборувате за воена неутралност, а немате пари ни да ја подзкрпите и оваа војска. Србија нема догорочна програма за развој, програма за безбедносни структури, дури сега нешто работи за создавање сериозна дипломатија, и поради тоа е во ситуација да слуша и да се снаоѓа. Да импровизира, како некој лош џез музичар.“

 

DW.COM

Реклама