1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Данајски подароци“

Катерина Блажевска25 август 2016

Подобрување на односите меѓу Македонија и Грција преку создавање посилни врски во повеќе области, е формулата преку која ќе се гради соседската доверба. Тоа ќе биде тема и на денешната средба Попоски - Коѕијас.

https://p.dw.com/p/1JpFM
Фотографија: MIA

Иднината на Европа и на Балканот во неа, ќе биде темата на која ќе зборува грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, кој денеска во Скопје ќе присуствува на работниот состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на македонското Министерство за надворшни работи. Тој ќе има средба и со неговиот домаќин, вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, на која не се очекува да биде отворено прашањето за спорот за името.

„Не верувам оти во оваа прилика би се зафатиле со решавање на толку крупно прашање, како што е спорот за името. Впрочем во изминатиот период рековме дека тоа што ни е приоритет е подобрување на односите на двете земји создавање на посилни врски во што е можно поголем број на области и мислам дека во ова изминатиот период направивме сериозен исчекор“, изјави Попоски во пресрет на средбата.

Коѕијас за првпат ја посети Македонија минатата година во јуни, во рамките на неговата балканска турнеја, на која беа договорени мерки за соработка и градење доврба во повеќе сфери. Во декември следеше и прва официјална посета на Попоски на Атина, по која изјави дека „во однос на спорот со името, меѓу двете земји остануваат планини“.

Од тој аспект, не е изненадувачка последната најава дека крупното прашање е оставено настрана, а односите меѓу двете земји во изминатава година се фокусирани на зацврстување, пред се, на довербата.

Pressekonferenz Deutschland Griechenland Außenminister Frank-Walter Steinmeister Nikos Kotzias
Фотографија: AFP/Getty Images/O. Andersen

Иста слика 25 години

Дипломатите кои ги следат односите меѓу двете земји, веќе се заморени од анализи на нијансите и ситни поместувања во меѓудржавните односи, со оглед дека на тој план работите се уште се одвиваат бавно и покрај зголемената политичката комуникација. Политички аналитичари, пак, засега препознаваат само „најава на најава за идно релаксирање на односите“. Има ли очекувања дека тие наскоро ќе дадат конкретни резултати во градењето доверба и добрососедски односи?

„Дваесет и пет години (исто колку што постои и интернетот!) Македонија и Грција градат 'мерки за градење доверба'“, вели Зоран Андоновски, главен уредник на новинската агенција „Мета“ и поранешен долгогодишен дописник од Атина.
„Во тој четврт век видовме и доживеавме сешто: блокада на границата, Лисабонска декларација со која ЕУ практично ни налагаше да го смениме името, прием со смешна референца во ООН, која останува како споменик на државата која не постои, односно постои само во БЈРМ, преговори со посредници, вето за НАТО во Букурешт, пресуда на Меѓународниот суд во Хаг, споменици, преименувања (и во Македонија, но исто така масовно и во Грција)... И самото набројување е доволно да се види дека односите во овие две и пол децении се движеа по стрмни надолни и нагорни линии“, потсетува Андоновски.

Следејќи ја темата одблизу 30 години, со директно присуство во Атина, Њујорк или Скопје, или преку разговори со актерите кои биле вклучени во процесот, тој укажува дека треба да се направи разлика меѓу „состојбата на односите“ и „довербата“.

„Првото (односите) оделе и горе и долу, но довербата, практично, никогаш и ја немало. Ние, со право, не можеме да сфатиме како некој бара да го смениме името и како не може да види нема закана за елинизамот од малата држава на северот, а тие никогаш не можат да преминат преку чувството дека нешто сакаме да им присвоиме и одземеме. Едноставно е: ние на Данајците не им веруваме поучени од претходното искуство и со нив и со други поголеми, а тие, одат по линија на посилниот и одбираат да не ни веруваат. Се разбира, делумно сме и самите виновни: спомениците, именувањата, преименувањата и иконографијата не помагаат партнерот да стекне доверба, а делумно станува збор за грчката политика, неинформираност, ароганција, ксенофобија, па и расизам. Поблагите тонови кои ги слушаме сега се само дел од истата таа мелодија. Вистинска желба од грчка страна да се види македонската 'вистина' никогаш немало, а, за жал, и ние често самите сме одмагале“, констатира Андоновски.

Griechenland Außenminister Kotzias Poposki FYROM
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pantzartzi

Бизнис релациите - главна локомотива

Додека со години белег не односите меѓу политичките елити во двете земји беше силно подигнат гард кон другиот, сосема поинакви слика рефлектираа бизнис-релациите, кои всушност станаа најсилниот релаксатор на односите. Мите Филков, македонски бизнисмен, објаснува колку таа соработка е значаен агенс во топењето на бариерите.

„Мојата соработка со грчките партнери датира уште од далечната 1991 година па се до денес, период во кои не сум имал никаков инциндент околу политичката ситуација помеѓу двете земји. За сето време на траење на грчко-македонскиот спор околу името на нашата земја, бизнис односите меѓу мојата фирма и фирмите и бизнис партнерите од Грција се одвиваат непречено. Може да се рече дека бизнис релациите се оние кои всушност ги одржуваат вкупните односи на едно понормално ниво. Да се оставеше сè и да зависеше сè само од политичките односи, досега веројатно ќе имавме некоја друга, поинаква и значително полоша реална состојба“, вели Филков.

Тој е уверен дека токму бизнисот и бизнисмените се оние кои што ги надминаа бариерите од 90-ите години и почнаа да соработуваат онака како што им доликува за соседни земји, приридно упатени една на друга, но за жал, никогаш не биле доволно консултирани за мислење околу севкупните односи меѓу двете земји, како да се подобрат и во која насока да се развиваат.

„Секако дека и во оваа соработка има уште многу неискористен потенцијал кој би имал услови да се развие во својот целосен капацитет кога спорот ќе се реши и кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, односно кога ќе се избрише географската и царинската граница меѓу Македонија и Грција. Дотогаш останува ние бизнисмените да го пробиваме мразот што го создава или барем не го расчистува политиката. Се надевам дека во скора иднина кога политичарите нема да можат да собираат поени заведувајки го народот на двете земји, особено во Грција, бизнис соработката значително ќе ја подобри економијата во двете земји, која, како мала држава, ќе биде поизразена кај нас. Бидејќи, според онаа народната, ако мечката игра во дворот кај соседот таа ќе заигра и кај вас. За да не дојде до тоа, мој совет до политичарите е да ги тргнат рацете од национализмот кои го проповедаат на двете страни“, вели Филков.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Зголемена комуникација

Не се знае дали зад затворени врати Попоски и Коѕијас, сепак, ќе допрат и други теми освен најавените. Според македонскиот шеф на дипломатијата засега се најважни добрососедските односи.
„Ние немаме побитни односи од оние со нашите соседи и во овој контекст природно е најголемата енергија да ја посветиме токму на најблиското опкружување. Македонија била и ќе биде посакуван сосед и во добро и во зло. Тековните предизвици со кој се соочува нашиот регион веројатно ќе ја засилат таа македонска неопходност и извор на стабилност за целиот регион. Воедно членството во ЕУ и НАТО остануваат наша стратешка насока и во согласност со неа ги влечеме сите наши надворешнополитички чекори“, изјави Поповски.

Коѕијас се очекува да има средба и со претседателот Ѓорге Иванов, кој пак од вчера исто така е домаќин на гостин од Грција. Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, е еден од предавачите на меѓународната Школата за млади лидери, што се одржува во Охрид под покровителство на претседателот. Иванов и Бутарис вечера заедно го посетија Крушево.

Според аналитичарите, видливо е зголемувањето на политичката комуникација, но очекуваат тоа да биде почеток на суштински напредок, а не само покритие за исполнување на одредена графа во досието „добрососедски односи со Грција“, кое досега беше прилично празно. Односно, соработката да го топи стравот од „данајски подароци“ меѓу Скопје и Атина, а културата, туризмот, стопанството и енрегетиката, се само дел од сферите во кои се очекуваат поконкретни резултати.