Славов: БПЦ има обврска да ѝ помогне на МПЦ | Македонија | DW | 22.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Славов: БПЦ има обврска да ѝ помогне на МПЦ

Бугарскиот професор и теолог, Атанас Славов во анализа за „Бугарија аналитика“ пишува дека Бугарија и Бугарската црква треба активно да ги поддржат македонската државност и независност и автокефалноста на МПЦ

На 9 ноември МПЦ испрати писмо до светиот Синод на БПЦ изразувајќи подготвеност да ја признае Бугарската патријаршија за мајка-црква, кое треба да биде проследено со признавање на нејзиниот автокефален статус. Официјалниот одговор се очекува во текот на зимското заседание на бугарскиот Синод. Без разлика колку е комплициран случајот од канонска гледна точка, Светиот синод на БПЦ треба да има визија и одговорност за да донесе правилно решение.

Во рамките на каноните можни се неколку варијатни со различен степен на веројатност.

Прво, светиот Синод на БПЦ целосно да го прифати барањето на МПЦ и веднаш да ѝ го признае автокефалниот статус. Позитивната страна на тоа дејство е пред сѐ општествената поддршка, која е оправдана со историски и политички аргументи. Признавањето на БПЦ за мајка-црква на МПЦ е целосно достигнување на историскиот идеал за единство во духовната сфера со македонскиот народ, признавање на заедничките духовни, културни и национални корени. Ризикот при тој потфат е подигањето на тензиите со СПЦ и Вселенската патријаршија, кои исто така историски (во различни периоди) можат да претендираат на статусот мајка-црква на МПЦ. Имено, тој статус дава можност, согласно каноните, да се додели автономија или автокефалија на соодветната новосоздадена црковна јурисдикција.

Одбивањето на МПЦ не е решение

Вториот можен потег е БПЦ целосно да одбие да влезе во дијалог, оправдувајќи се со целосно почитување на црковните канони. Овој пристап ќе доведе до отфрлање на подадената рака од МПЦ, ќе провоцира напрегнатост и ќе доведе до трајно влошување на односите меѓу двете цркви. Недостатокот на реакција ќе доведе до поголем ангажман во процесот на други цркви (на пример на Московска патријаршија), кои сакаат да имаат влијание во регионот. Дополнително, бугарското општество нема да прифати таков пристап, имајќи ја предвид историско-романтичната чувствителност кон проблемите со Македонија. Уште поважно, канонските аргументи тешко ќе можат да ѝ бидат објаснети на пошироката публика. Затоа, тоа сценарио е помалку веројатно.

Третото, веројатно најреалистично сценарио, по долга дискусија во Синодот и црковно-дипломатски консултации со други православни цркви (во прв ред со СПЦ, Вселенската патријаршија и Руската православна црква), да се стигне до засилен дијалог и посредништво од страна на БПЦ во поддршка на конечното уредување на автокефалниот статус на МПЦ. На самото испраќање на писмото му претходеле неформални разговори меѓу високи претставници на двете цркви и веројатно е добиена и поширока црковна поддршка за таквиот чекор.

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten (picture-alliance/dpa/G. Licovski)

Mакедонскиот архиепископ Стефан, заедно со неколку епископи, учествуваше на литургијата во катедралата „Св. Александар Невски“ во 2014 година

Како што знаеме и од нашата историја, изградбата на независна и самостојна (автокефална) православна црква е услов и за национална независност и суверенитет. Тоа е така поради историски формираните односи меѓу црквата, државата и нацијата во православниот европски југоисток.

Од црковно-догматска гледна точка, синтезата меѓу националните и православно-христијанските идентитети е многу проблематична, бидејќи води до национална и етничка поделба меѓу православните христијани. Од државно-политичка гледна точка, создавањето и поддршката на независна од надворешни замешателства православна црква е важен атрибут на суверенитетот на државата.

Надминување на шизмата

Проблемот со МПЦ е токму таков црковно-политички и геополитички јазол, чие расплеткување има важно регионално значење. Позитивното решение на тој проблем- враќањето на МПЦ во целосно канонско единство како автокефална црква со останатиот православен свет- ќе доведе до зајакнување на македонската државност и отворање на поактивно регионално партнерство и соработка.

Децениската состојба на шизма и непризнавање на МПЦ, обидите за наметнување на паралелна канонска црковна организација под јурисдикција на СПЦ, ги засилуваат националистичките чувства, од една страна, и ја намалуваат довербата во институциите и создаваат услови за поделби во општеството, од друга. Надворешните фактори кои се мешаат во македонската политика, имаат интерес од ослабнати институции и државност.

Во случајот на МПЦ, канонски правилниот одговор- барањето автокефалност од СПЦ- не е задолжително најправилен и од државнополитичка гледна точка. Во тој процес последниве години активно се обидува да посредува Московската патријаршија- очигледно во обид за зачувување на влијанието во регионот и како инструмент на нео-империјалистичката политика на режимот во Кремљ. Истовремено, доколку МПЦ добие канонско признание со посредство на Москва, тоа би создало односи на доверба и соработка, кое може да прерасне во политичко влијание, чија цел е оттргнување на Македонија од нејзината европска и атлантска интеграција. Да не ја забораваме и отворено проруската политика на поранешниот режим на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Не треба да заборавиме, дека основната цел на руската политика во регионот е тој да остане фрагментиран и неинтегриран целосно во ЕУ и НАТО. Во однос на Западниот Балкан, руските планови досега беа успешни. На прв поглед, некои од дејствата на Русија и нејзиниот црковно-политички инструмент РПЦ можат да изгледаат позитивни- како поддршка за канонското признавање на МПЦ- но целта е да се вовлече Македонија во орбитата на руското влијание. Вклучително и преку постојаното повторување за „духовното братство меѓу двата словенски народи“ како и експлоатирањето на имиџот на Русија како заштитник на сите „православни Словени“. Во Бугарија најдобро знаеме како функционира тој пропаганден механизам веќе повеќе од еден век.

Panorthodoxes Konzil auf Kreta (picture-alliance/AP Photo)

Вселенската патријаршија не се ангажира доволно активно во процесот, пишува Славов. Фото: поглаварите на десет православни цркви на Крит во 2016 година

Природни партнери

Истовремено, најприродниот и историски најоправданиот партнер во тој процес- Бугарската православна црква (не само поради заедничката средновековна историја, туку и заради наследството на Бугарската егзархија)- практично се самоизолира и не учествува. На тој начин ѝ остава простор за вмешување и влијание на РПЦ, а преку неа и на руската држава. Последниве години имаше само еден јавен обид за поддршка на БПЦ кон МПЦ- во 2014 година беше организирано заедничко чествување на празникот на светите браќа Кирил и Методиј, кога македонскиот архиепископ Стефан, заедно со неколку епископи, учествуваше на литургијата во катедралата „Св. Александар Невски“.

Вселенската патријаршија, од друга страна, иако историски и црковно-канонски е мајка-црква на сите православни цркви во регионот, сепак не се ангажира доволно активно во процесот. Претпазливоста ја оправдува со црковно-дипломатски аргументи- СПЦ ја поддржа Вселенската патријаршија на Сеправославниот собор на Крит во 2016 година и Констанинопол не може да ризикува нови поделби на Балканот при веќе влошени односи со БПЦ и РПЦ, кои не учествуваа на соборот.

Проблемот е уште покомплексен, ако се има предвид, дека во самата Српска црква има митрополити, вклучително и патријархот, кои се полиберални и про-западно настроени и го поддржуваат европскиот пат на Србија, и други, кои се свртени кон Москва и споделуваат конзервативно-националистички позиции. Мешањето на РПЦ во регионот и амбицијата да биде арбитер во решавањето на црковните спорови, освен што внесува внатрешни поделби и напрегнатост во одделните православни цркви, следи и една подолгорочна цел: да го ограничи влијанието на Вселенската патријаршија (која добива голема поддршка од силното грчко лоби во САД и од американски политички кругови) и да ја ослабе како симболичен духовен центар на православните христијани низ светот.

Исправање на историската неправда

Вселенската патријаршија, по Соборот на Крит, во православието се прикажува како главен промотор на  отворено демократско општество, меѓународна соработка и заштита на достоинството, слободата и човековите права. Спротивно на неа, РПЦ внимателно ги следи културно-политичките и геополитички доктрини на Кремљ (зиградба на православно-словенско братство, кое треба да прерасне во политички сојуз) и активно го легитимира авторитарниот режим на Путин.

Една историска неправда во односите меѓу двете држави може да биде поправена. За жал, светиот Синод на БПЦ сѐ уште не реагира. Дали овојпат ќе биде на висина на историскиот момент или ќе продолжи да живее во блажен мир, додека Руската православна црква жнее, таму каде што не сеела. Улогата на БПЦ треба да е активна, а не пасивна, базирана не само врз историските врски, туку и на заедничката иднина во демократска и обединета Европа.

Нема лесен црковен и политички одговор на отворените прашања, но едно е сигурно, дека Македонија треба во најскоро време да има признаена автокефална црква од православниот свет. Бугарија и Бугарската црква треба активно да го поддржат тој процес. Поддршката на македонската државност и независност, заедно со интеграцијата на државата во ЕУ и НАТО, е единствениот начин за спротивставување на руските геополитички интереси во регионот и влог во партнерството и благосостојбата на двата блиски народи.

Атанас Славов е професор на Универзитетот Св. Климент Охридски во Софија, доктор е по уставно право и православна политичка теологија. Текстот е објавен на порталот bulgariaanalytica.org

 

DW.COM

Реклама