Сизиф е аматер | Северна Македонија | DW | 09.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Сизиф е аматер

И покрај најдобрите желби, можно е да нѐ чека реална сизифовска година, пишува Петар Арсовски.

Во остатокот од годинава која поминува, и онаа која доаѓа, мислам дека ќе се соочиме со толку предизвици, што ќе изгледа дека Сизиф е аматер, со споредба со она што очекувам да ни се случува. Владата, државниот апарат, како и партиите, заедно со политичките и општествени процеси, ќе се соочат со толку тежок и комплициран амбиент, што мислам дека голем дел од нашите надежи (секоја чест на исклучоците), се во ризик сепак да останат неостварени. 

Најнапред, проценката дека владата ќе нема 100 дена гратис период на почеток на мандатот, се покажа погрешна. Немаа ни 10 дена. Амбиентот на тензии, страв, негативен популизам, како и брзиот политички опортунитет, го направија своето.  Дополнително, фактот дека оваа власт се позиционираше како влада на континуитет, споено со наративот на брзо рестартирање на институциите, драстично ја намали трпеливоста кај електоратот и политичките чинители. На овој амбиент додајте ја растечката потреба од неодржлив популизам, која вирее подолго време во овој регион, и имате власт која е постојано нападната со барања за интервенции, субвенции, помош, и слично. Денес се лозарите, утре граѓани за електрична енергија, задутре некој трет. Сите сакаат субвенции, никој не сака сметки. Имам дури впечаток дека секоја целна група сега си го чека редот да им „опне“ по една заушка, протест, или скандализирана прес-конференција. И така, власта брзо ќе заглави, ако не го смени ритамот на дејствување и динамиката на комуникација со јавноста, во целосно дефанзивен режим, во кој постојано ќе трчаат зад кризата на денот, и тоа токму во годината во која тие би требало да ја диктираат агендата. За волја на вистината, дел од овие проблеми потекнуваат и од наративот кој еманира од самата власт: логореичен манир од премногу најави, премалку заклучници, премногу планови, премалку резултати. Притисокот од јавноста за брз популизам, предизвикаа премногу ветувања, дадени пребрзо, со премалку проценка за веројатноста за нивно остварување. Ваквите високи очекувања, кои власта - непотребно на почетокот на мандатот - ги подгрева, неизбежно ќе дојдат со политичка цена подоцна. Така, тука предизвиците само ќе се зголемуваат, а дискрепанцијата помеѓу апетитите на целните групи и можностите на државната каса само ќе расте.

Други колумни од авторот:

Танго на македонски начин

Победнички лузери

Власта е дополнително хендикепирана во капацитетот за проактивно поставување на агендата со сопствениот јарем за забрана на политичко рекламирање. Иако е разбирлив стравот на критичката јавност од можноста за злоупотреба на таа алатка, ваквиот драконски пристап не е добар. Можности за злоупотреба на владините алатки и средства постои секаде, но тоа не значи дека самите алатки се проблемот, напротив, проблемот е нивната злоупотреба. Владините функционери можат да ги злоупотребуваат и службените автомобили, и патувањата, и сметките во кафеани, на крајот, можеби некој по министерствата краде и тоалетна хартија, но тоа не значи дека, заради тоа, треба да се забрани одење во тоалет. Останува нејасно како владата ќе ја одржи, на пример, поддршката од јавноста за неопходните реформи од ЕУ процесот без медиумско артикулирање на јавниот интерес? Како ќе иницира промена на јавна свест и менталитет, ако нема можност за активна комуникација? На крајот, потребата од комуникација со јавноста нема во 21 век да ја снема, и затворањето на еден канал ќе произведе пропорционално метастазирање на другите канали, што е веќе евидентно во порастот на средства кои се користат на социјални медиуми.

Постизборни кризи во партиите

Дополнително на овие предизвици, пред очи ни се остваруваат предвидувањата за неминовната постизборна криза во поголемите партии. Кај СДСМ, таа се одразува во брзото трошење на кадри, поттикнато од притисокот на владеење и високите очекувања. Оттаму, потребата за прочистување и постојано внесување на нови кадри, ќе се зголемува. Тоа неминовно ќе внесе тензии и политички превирања врзани за овие промени. Доказ за овој притисок е нетрпеливоста со која јавноста ја дочека и првата операција „метла“. 

Кај ВМРО-ДПМНЕ, постизборната криза е во полн ек. Таму развојот на настаните во моментов прејудицира пролонгиран конфликт.  Барањата за оставка се веќе етаблирани и од нив повлекување нема. Од друга страна, Мицкоски веќе најави дека за таков потег не размислува. Ова ги носи двете страни во извесен конфронтациски еквилибриум, што е рецепт за криза која трае. Сепак, не се ова неколкумина непослушници кои партијата може да ги исклучи, туку сериозна иницијатива. Затоа, сметам дека во опозициската партија кризата само ќе се зголемува. 

Дури и кај ДУИ, партија која отсекогаш била позната по монолитноста, имавме прилика да гледаме отворен конфликт, што е индиција дека и таму разногласијата ќе продолжат, а барањата за реформи само ќе се зголемуваат.

Ако на овие предизвици ги додадеме и општите проблеми кои нѐ очекуваат, сликата станува уште поматна. Пандемијата нема да си замине, а вакцина тешко ќе добиеме во брзо време. Дури и ако се остварат најоптимистичките проценки за продукција на вакцината, нејзината набавка и дистрибуција ќе трае, па не треба да се надеваме на имунизација наскоро. Бројките на новозаразени ќе го следат општото ниво на еманципација, значи и таму не треба да очекуваме премногу оптимистички изненадувања.  Во економијата допрва следува криза, веднаш штом сите ќе ги потрошат залихите и заштедите. Проблемот со Бугарија и очекувањата за почеток на преговори треба допрва да се сработат, и таа работа ни оддалеку не е готова. На крајот, и регионот е во превирање: состојбата во Црна Гора, проблемот со Косово, следните предизвици како Србија и Босна и Херцеговина, гарантираат дека и соседството нема да биде мирно. 

Во ваква ситуација, и покрај најдобрите желби, можно е да нѐ чека реална сизифовска година.

Реклама