Се заканува расцеп во православието | Македонија | DW | 17.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Се заканува расцеп во православието

Опасност од ескалација во православието: во судирот околу украинската црква, Москва остро постапува со вселенскиот патријарх Вартоломеј, пишува германската агенција КНА.

На православната црква ѝ се заканува расцеп поради судирот меѓу најголемите центри на моќ - Константинопол и Москва, пишува Католичката новинска агенција (КНА). Во текстот, меѓу другото, се вели:

„Вонредната седница на Светиот синод на Руската православна црква во петокот во Москва заврши со неочекувана ерупција: во знак на протест против иницијативата за создавање самостојна православна црква во Украина, руската црква ја суспендира соработката со вселенскиот патријарх од Константинопол. 

Освен тоа, руската црква првпат во поновата црковна истприја се заканува со целосен прекин на односите со Константинопол. 'Во случај патријархот од Константинопол да продолжи со своите противправни активности на територија на украинската православна црква, ќе бидеме принудени целосно да ја прекинеме евхаристичката заедница со патријархот од Константинопол', се вели во долгото објаснување на Светиот синод.

Актуелната суспензија на соработката одговара 'отприлика на прекин на дипломатските односи' меѓу две држави, вели митрополитот Иларион. Тој го обвинува почесниот поглавар на светското православие, вселенскиот патријарх Вартоломеј, дека си зема овластувања како римскиот папа. Во православната црква, меѓутоа, поглаварите на 14 помесни цркви носат заеднички одлуки.

Московскиот патријарх Кирил и 13-те други членови на Светиот синод радикално ја прекинуваат заедницата со Константинопол. Тие ја суспендираат концелебрацијата со свештени лица околу вселенскиот патријарх, значи заедничките богослужби. Исто така се запира и какво било учество во црковните структури кои се раководени од Константинопол: 'Собири на свештеници, теолошкиот дијалог и мултилатералните комисии'.“

Агенцијата КНА потсетува дека  Вартоломеј Први има намера да работи во насока на давање автокефалност на украинската црква и дека Руската православна црква сака да ја задржи надлежноста над православната црква во Украина. На крајот на текстот се вели:

„Московскиот патријарх ја смета источноевропската земја за своја канонска територија. Голема тежина има мислењето на свештениците и верниците во Украина. Дали тие сакаат да бидат под патријархат на Москва, или сакаат самостојна украинска црква? За создавање автокефална црква во Украина во едно истражување на независниот центар Расумков во август се изјаснија 35% од Украинците, додека 19% беа против. На останатиот дел од испитаниците тоа им беше сеедно или не дадоа одговор.

Ungarn Patriarch Bartholomaios I in Budapest (Getty Images/AFP//A. Kisbenedek)

Москва остро постапува со вселенскиот патријарх Вартоломеј

Веќе сега е јасно дека поддршката за Вартоломеј рапидно се намалува во повеќе православни цркви. Меѓу другото, Српската православна црква застана јасно зад Москва. Од лесно разбирлива причина: таа стравува дека Константинопол ќе се изјасни за независност на црквата во Македонија, која досега е под јурисдикција на Белград“, се вели во текстот на Католичката новинска агенција (КНА).

 

DW.COM

Реклама