Седница за Македонија во Бундестагот | Македонија | DW | 28.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Седница за Македонија во Бундестагот

Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг утре (29.03.2017) ќе расправа за актуелната ситуација во Македонија.

Седницата на Комисијата за прашања на Европската Унија ќе биде затворена за јавност. Според најавата, од страна на германската влада ќе биде дадена информација за актуелната ситуација на Западен Балкан, со акцент на состојбата во Македонија и во Босна и Херцеговина.

Германската влада ја анализираше состојбата во Македонија во ноември минатата година, на отприлика еден месец пред изборите. Одговарајќи на прашања на група пратеници во Бундестагот, владата во Берлин оцени дека Македонија е во внатрешнополитичка криза, за која „има различни причини, но не станува збор за етнички конфликт".

„Една од причините за кризата е заострената конфронтација меѓу владејачките и опозиционите партии, натамошно засилена со еклатантното погрешно однесување на Владата и тајната служба, кое опозицијата го обелодени со објавување снимки од телефонски разговори. Притоа, од снимките се создава впечаток дека највисоките владини кругови во најмала рака имале сознанија за активностите на тајните служби", стоеше меѓу другото во одговорот.

Потсетувајќи дека во Македонија пролетта 2015 и една година подоцна избија граѓански протести ширум земјата, германската влада наведе дека Специјалното јавно обвинителство, основано врз основа на Пржинскиот договор, би требало да ги анализира снимките и да утврди дали има основа за обвиненија за корупција, непотизам и злоупотреби. Според германската влада, „од извонредно значење за натамошниот развој на земјата е Специјалното јавно обвинителство да може да ја продолжи својата работа без ограничувања".

Германската влада смета дека Извештајот на Прибе содржи клучни реформски мерки за одржлив развој на Македонија. Владата во Берлин „е единствена во ставот со европските партнери и САД дека спроведувањето на реформите е основа за нова динамика во евроатлантското приближување на земјата... Германската влада е уверена дека ситуацијата со човековите права во земјата може значително да се подобри со одржлива примена на препораките во т.н. 'Извештај на Прибе'", оцени владата во Берлин во ноември 2016-та.

Gernot Erler SPD (picture-alliance/dpa/P. Seeger)

Гернот Ерлер

За Македонија пред неколу дена за ДВ зборуваше членот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Гернот Ерлер, кој изрази „екстремна загриженост" поради развојот на ситуацијата. „Се надевавме дека по изборите ќе дојде до стабилизирање на ситуацијата, а сега сме сведоци на тоа претседателот Ѓорге Иванов да не го дава мандатот за влада, иако опозицијата е во состојба да состави мнозинска влада. Тоа е државна и уставна криза од највисок ранг", рече добриот познавач на работите во Македонија и на Балканот, Гернот Ерлер.

Тој оцени дека „Груевски со својата власт стравува дека ако дојде до промена на власта, ќе се најде пред суд, па со помош на Претседателот спречува промена на власта“. „Тоа е неприфатливо. Тоа многу ќе влијае на напорите на Македонија да стане признат член на ЕУ-семејството. Најлошо е што Груевски и неговите луѓе во моментов се обидуваат да предизвикаат етнички тензии, со тоа што се полемизира против платформата на Албанците, за која има барања да стане дел од владината програма, при што главна точка е признавање на албанскиот јазик како државен. Се разбира дека може да се биде против такво нешто, тоа е нормално во една демократија - да се имаат различни ставови. Но, апсолутно е недозволиво, и неразбирливо што се организираат демонстрации против Албанците. Тоа што се создаваат етнички тензии, кои се засилуваат, е неприфатливо и напорите на ЕУ сега се насочени против тоа. Ме радува што ЕУ сега стана многу активна во овој случај, зашто тоа може да доведе до регионална дестабилизација", рече Ерлер за Дојче Веле.

 

DW.COM

Реклама