СДСМ со нов триумф во вториот круг | Македонија | DW | 29.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ со нов триумф во вториот круг

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која освои само 5 градоначалнички места, не ги признава локалните избори и бара парламентарни. Жалби на изборните резултати најави владиниот партнер, Алијанса за Албанците.

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM (Reuters/O. Teofilovski)

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека не смее да има еуфорија и дека чека многу работа

Владејачката СДСМ во вториот круг од локалните избори победи во 19 општини (Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Шуто Оризари, Јегуновце, Росоман, Чешиново-Облешево, Градско, Карбинци, Македонска Каменица, Виница, Могила, Новаци, Старо Нагоричане, Македонски Брод, Демир Капија, Чашка, Пробиштип, Штип). Вклучувајќи ја победата на СДСМ во 37 општини во првиот круг, сега ја има власта во 56 единици на локалната самоуправа.

ДУИ освои 8 градоначалнички места во вториот круг (Тетово, Струга, Чаир, Дебар, Теарце, Сарај, Липково, Долнени,) и со двете победи во Пласница и Кичево од првиот круг сега има градоначалници во 10 општини.

ВМРО-ДПМНЕ не освои ниту една скопска општина во вториот круг од изборите, односно ги изгуби и своите последни бастиони, меѓу кои Гази Баба. Партијата победи само во Кавадарци и Зрновци, а со победата во првиот круг во општините Сопиште, Петровец и Илинден, сега има вкупно 5 градоначалници во целата држава. 

Алијанса за Албанците освои три градоначалнички места (Гостивар, Боговиње и Врапчиште), Беса во Желино и ДПА во Студеничани.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не ги признава локалните избори и постави седум барања, меѓу кои и предвремени парламентарни избори. Владејачките СДСМ и ДУИ оценија дека изборите биле фер и демократски, резултат на слободно изразената волја на граѓаните. Но, нивниот владин партнер, Алијанса за Албанците, партија која во локалната трка влезе во коалиција со Беса и и’ беше опонент на ДУИ, изнесе серија забелешки за нерегуларност на изборниот процес, со поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата на „правната држава".

„Не го признаваме овој резултат", рече Зијадин Села од Алијансата, и најави дека ќе достават жалби до општинската изборна комисија и до Државната изборна комисија.

DW.COM

Реклама