СДСМ слави, ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок дебакл  | Македонија | DW | 15.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

СДСМ слави, ВМРО-ДПМНЕ доживеа тежок дебакл 

Според првичните резултати на ДИК, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 43 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 14, а на ДУИ во девет. СДСМ слави победа во првиот круг во 37 општини, ВМРО-ДПМНЕ се жали на нерегуларности 

„Ви ја честитам слободата. Нашиот народ знае што е исправно - заедно да бидеме сплотени во едно општество за сите. Само така ќе одиме напред“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев од платото пред Владата, каде СДСМ и коалицијата ја прославија големата изборна победа во првиот круг од локалните избори. До идните локални власти тој упати апел да бидат чесни, посветени и одговорни пред граѓаните. 
Според првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 43 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 14 општини, а на ДУИ во девет.
Од СДСМ вечерва соопштија дека во триесет и седум општини победиле уште во првиот круг. Меѓу нив се и скопските општини Карпош, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Шуто Оризари... Се чекаат пребројувањето да покаже дали ќе победат и во Бутел, Гази Баба и Кисела Вода. Заев во славеничка атмосфера ги набројуваше и другите општини каде СДСМ победила во првиот круг - Аралчиново, Берово, Битола, Богданци, Босилево, Валандово, Вевчани, Велес, Гевгелија, Градско, Дебарца, Делчево, Дојран, Зелениково, Карбинци, Кочани, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Конче, Куманово, Лозово, Ново Село, Охрид, Радовиш, Ранковце, Ресен, Пехчево, Свети Николе, Старо Нагоричане...

Груевски поразен 
Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва вледееше молк. Водството на партијата во 14 општини е далеку под резултатите од минатите избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи во 56 општини. Во првиот круг партијата победила во општините Сопиште, Илинден и Петровец, а во десетина други е во водство. Лидерот на партијата, Никола Груевски, пред полноќ се појави на прес-конференција. Видно разочаран, обвини дека изборниот ден поминал во недемократска атмосфера, а изборната кампањата во нефер услови. 

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski (Reuters/O. Teofilovski)

Груевски обвини за недемократска атмосфера на изборите.


„Изборниот ден помина со бројни нерегуларности, узурпирање на ресурси, притисок, поткуп на гласачи, организирано превезување на граѓани до гласачки места, и манипулации со гласачки ливчиња, кражба на гласови“, обвини Груевски. Најави жалби за ваквите нерегуларности, но и внатрешна анализа на резултатите. 
„Ќе следи анализа за да се утврди - што друго освен нерегуларностите, беше недоволно добро или погрешно направено од наша страна. Јас имам највисока одговорност за сето тоа, и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но не одговори на новинарско прашање дали ќе поднесе оставка.
Оставка од него вечерва јавно побараа иницијаторите за внатрешни реформи на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се овозможи одржување на демократски конгрес на кој членовите слободно ќе го изберат својот нов лидер. 
„Со иницијативата што ја покренавме пред четири месеци сакавме да го спречиме токму ова, токму овој пораз на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски не ја препозна историската димензија на внатрепартиската иницијатива која ќе придонесеше партијата да биде подобро подготвена за овие избори. Груевски самоволно одлучи да ја однесе партијата во срамен пораз. Но, секој крај е нов почеток. ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде силна политичка партија. Времето на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Република Македонија заврши“, рече Александар Михајловски од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Kommunalwahlen in Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Според набљудувачите и МВР, изборите минале мирно и регуларно

Неизвесно до крај 
Нема целосни податоци за учинокот на албанските партии, каде со интерес се очекуваат резултатите од изборната трка во Гостивар, Струга, Тетово... Според досега обработените податоци на ДИК, во Тетово Теута Арифи од ДУИ води со 29,25 отсто во споредба со Биљаљ Касами од Беса со 23,54. Во Липково, кандидатот од ДУИ, Еркан Арифи води со 56,68 отсто пред Шабан Зендели од БЕСА со 26,61. ДУИ води и во Боговиње каде нејзиниот кандидат Берзах Бејтулаху досега има 39,93 отсто од гласовите пред Минур Асани од Беса кој има 29,99.  Во Студеничани води ДУИ со нивниот кандидат Феми Јунузи кој има 31,21 проценти во однос на Реџеп Мемеди од Беса - 28,87. Во скопската општина Чаир води Висар Ганиу од ДУИ со 58,88 проценти пред Нермин Теловска од ВМРО-ДПМНЕ со 22,43 проценти.
Според набљудувачите, но и според оперативниот штаб на МВР изборниот ден помина мирно, без сериозни нарушувања на јавниот ред и мир и текот на гласање. Како што рече министерот Спасовски, биле примени 46 пријави по разни основи (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, гласање за друг). Според МВР, најголемиот дел од пријавите се расчистени, односно се завршени со соодветни поднесоци. Во текот на денот Одделот за внатрешна контрола на МВР постапувал во случаи во кои било пријавено дека полициски службеници се однесувале незаконито или непрофесионално. Констатирано било дека три пријави се неосновани, а една основана и против полицискиот службеник ќе бидат преземени соодветни мерки.

Реклама