САД ја нападнаа Сирија, Русија бесна | Свет | DW | 07.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

САД ја нападнаа Сирија, Русија бесна

САД нападнаа сириска воена база со крстосувачки проектили, во првата голема ескалација на улогата на Вашингтон во војната во таа земја, која веднаш предизвика остри реакции од Русија и Иран.

Два американски воени бродови испалија 59 крстосувачки проектили од Средоземното море кон сириската база контролирана од претседателот Башар ал-Асад како одговор на нападот со хемиско оружје врз територијата на бунтовниците.

Соочувајќи се со најголемата надворешнополитичка криза откако дојде на функцијата, претседателот на САД Доналд Трамп ја донесе најострата одлука на американската администрација во шестгодишната сириска војна, истовремено зголемувајќи ја опасноста од конфронтација со Русија и Иран, двата најголеми поддржувачи на Асад.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека воените напади врз Сирија се прекршување на меѓународното право и сериозно ги нарушуваат американско-руските односи. Рускиот претседател ја смета американската акција за „агресија против суверена држава“ со „измислен изговор“ и циничен обид да се одвлече вниманието од цивилните жртви во Ирак, рече портпаролот на Путин, Дмитри Песков.

Гледај видео 00:55

САД нападнаа сириска воена база

Претставници на САД соопштија дека предвреме ги информирале руските сили за опасноста со која се соочуваат нивните трупи во базата, објаснувајќи дека при нападот бил избегнат дел од базата каде се сместени Русите.

„Повеќегодишните претходни обиди да се промени однесувањето на Асад беа неуспешни, и драматично пропаднаа“, изјави Трамп најавувајќи го нападот од својето одморалиште во Мар-а-Лаго на Флорида, каде се среќава со кинескиот претседател Си Џинпинг. Трамп го нареди нападот само еден ден откако го обвини Асад дека е виновен за нападот со хемиско оружје во градот Хан Шејкун во кој загинаа најмалку 70 луѓе. Сириската влада демантираше дека е виновна за нападот.

Големо уништување

Проектилите Томахавк беа лансирани од воените бродови УСС Портер и УСС Рос кусо по полноќ во петокот, а целеа кон сириската воена база Шајрат, каде според Пентагон, било чувано хемиското оружје.

Syrien Idlib Giftgasangriff (picture-alliance/ZUMA Wire/Syria Civil Defence)

САД соопштија дека воздушниот напад е директен одговор на нападот со хемиско оружје за кој ја обвинуваат сириската влада

„Првичните индикации се дека нападот тешко оштетил или уништил сириски летала и придружна инфраструктура и опрема на аеродромот, со што се намалува способноста на сириската влада да користи хемиско оружје“, изјави портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис. Најмалку пет сириски војници, меѓу нив и еден високо рангиран офицер, загинале во нападот, кој речиси целосно ја уништил базата, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Според американски претставници, нападот бил единечен и нема план за натамошни акции против Сирија.

Релативно брзиот одговор на хемискиот напад се случува во период кога Трамп е соочен со растечка листа на глобални проблеми, од Северна Кореја и Кина до Иран и Исламската држава, и веројатно е замислен како порака и за сојузниците и за непријателите за подготвеноста на САД да користат воена сила доколку оценат дека е тоа неопходно. Освен Русија, и Иран остро го осуди нападот на САД.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама