САД повторно го нападнаа Иран - Техеран се одмаздил
28 мај 2026
Американската војска нападна воен објект во Иран. Ова го објавија неколку американски медиуми, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана на САД. Заканата за американските сили и комерцијалниот бродски сообраќај во Ормускиот теснец наводно потекнувала од тој воен објект, изјави владин претставник за Ројтерс. Исто така, биле соборени четири дронови што претставувале закана за САД, додаде американскиот претставник. Нападнатата позиција во местото Бандар Абас штотуку се подготвувала да лансира петти дрон. „Овие мерки биле воздржани, исклучиво одбранбени и насочени кон одржување на примирјето“, се наведува понатаму. Тврдењата на американската војска за инцидентот не можат независно да се потврдат во овој момент.
Иранските медиуми претходно известија за звуци од експлозии во близина на Бандар Абас, кој се смета за еден од најважните воени центри на Иран во регионот на Персискиот Залив и во близина на Ормускиот теснец.
Иран одговарил со контранапади
Според иранските медиуми, Иран одговорил со одмазднички напади: Револуционерната гарда, како што се наведува, нападнала база на воздухопловните сили на САД и предупредила дека секоја „натамошна агресија“ ќе предизвика „уште порешителен“ одговор. Нападнатата американска база, според иранските тврдења, е онаа од која американската војска започна напади врз Бандар Абас.
Наводно е нападнат и заливскиот емират Кувајт. „Противвоздушната одбрана на Кувајт во моментов се бори против непријателски ракетни и напади од дронови“, соопштија вооружените сили на земјата утрово на платформата X. Американски војници се стационирани во Кувајт.
Преговорите во застој
Прекин на огнот во војната на САД и на Израел против Иран е во сила од 8 април, додека преговорите за прекин на конфликтот сè уште се во тек. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не чувствува временски притисок поради меѓуизборите во САД во ноември. Иранското раководство, рече тој, се излажало ако мисли дека изборите ќе го принудат на договор. „Не ме интересираат меѓуизборите“, рече тој.
Една од најголемите спорни точки во преговорите, покрај нуклеарната програма на Иран, е Ормускиот теснец, кој Иран во голема мерка го блокира. САД, пак, ги блокираат иранските пристаништа. Во текот на ноќта, иранските сили наводно повторно испукале предупредувачки истрели кон четири брода кои се обиделе да поминат низ теснецот.
Иран планира во иднина да наплаќа патарини за минување низ теснецот и неодамна формираше посебна агенција која треба да биде задолжена за контрола на Ормускиот теснец. САД го гледаат ова како „обид на иранската војска да ја уценува глобалната поморска трговија“, рече министерот за финансии Скот Бесант. Американската влада воведе санкции за таа нова иранска агенција, а казнени мерки им се закануваат и на оние кои ќе плаќаат такси на Иран.