САД нападнаа позиции на Исламска држава во Нигерија
26 декември 2025
Според претседателот Доналд Трамп, американската војска извршила смртоносни напади врз борци на терористичката група Исламска држава (ИД) во Нигерија на Божиќ. Тој тврди дека тие убивале христијани. Воените напади се случиле во северозападниот дел на земјата, напиша Трамп на- неговата социјална мрежа Трут Соушл. Тој не наведе дали во нападите имало загинати. Трамп се закани дека ќе бидат убиени многу повеќе терористи доколку бидат убиени повеќе христијани. Тој исто така напиша со големи букви: „Среќен Божиќ на сите, вклучувајќи ги и убиените терористи“.
Божиќ традиционално се слави на 25 декември во Соединетите Американски Држави.
Нигерија ги потврди нападите
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет напиша на платформата X дека убивањето невини христијани во Нигерија и на други места мора да престане. Тој ѝ се заблагодари на нигериската влада за нејзината поддршка и соработка.
Министерството за надворешни работи на Нигерија ги потврди „прецизните напади врз терористичките цели“, додавајќи дека владата се води од својата намера да го заштити животот на сите граѓани, без оглед на верата.
Според соопштението објавено на социјалните мрежи, тероризмот против која било од религиозните заедници во земјата „останува навреда за вредностите на Нигерија и за меѓународниот мир и безбедност“.
Трамп се закани со воени напади пред неколку недели
Уште на почетокот на ноември, американскиот претседател се закани со воени напади во западноафриканската земја. Уште тогаш, тој како причина го наведе убивањето христијани од страна на исламистичките терористи. Трамп експлицитно се обрати до нигериската влада, предупредувајќи дека доколку дозволи натамошно крвопролевање, САД веднаш ќе ја запрат целата помош и ќе интервенираат.