Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!
Суд во јужна Русија нареди 30-дневен престанок на работата на терминал во Црно Море, преку кој се одвива извозот на нафта од Казахстан кон Запад, со проѕирни образложенија.
Одлуката на рускиот суд за прекин на работата на терминалот е донесена поради предизвикување можни еколошки штети, јави синоќа новинската агенција Интерфакс.
Инаку, во последно време меѓу Русија и соседната централноазиска поранешна советска република Казахстан постојат несогласувања во поглед на војната во Украина.
Фирмата која управува со нафтоводот, Касписки нафтоводен конзорциум соопшти дека е „принудена на спроведување на судската одлука“, но ќе ја обжали. Според официјални наводи, документацијата за отстранување на евентуални хаварии со нафтата во итен случај е некомплетна. Првично, руските власти на фирмата ѝ одредиле рок за отстранување на недостатоците во документацијата до 30 ноември, но во судска постапка, регионалното надзорно тело за транспорт вчера неочекувано побарало и издејствувало затворање на терминалот.
Преку терминалот во јужниот руски пристанишен град Новоросијск поминуваат преку 80 проценти од нафтата која ја извезува Казахстан-зашто Казахстан нема сопствен пристап кон морето. Капацитетот на протокот на нафта изнесува 67 милиони тони годишно.
Претседателот на Казахстан Касим-Шомарт Токајев неодамна ѝ понуди на ЕУ лиферување зголемени количества на нафта и гас кон Европа, заради задржување на енергетската безбедност на континентот и покрај војната во Украина и со неа поврзаните санкции против Русија. Казахстан не ја признава независноста на сепаратистичките републики во источниот дел од Украина, протежирани од страна на Русија.