1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Russland - Anti-Kriegs-Demo
Фотографија: picture alliance/dpa/AP
Конфликти

Кога сопствените родители веруваат во пропагандата на Путин

Кира Соколова
10 март 2022

Како младите луѓе ги разубедуваат своите родители кои ја оправдуваат војната на Русија против Украина, подлегнати на државната пропаганда? Русите сведочат за жолчни дискусии во своите семејства.

https://p.dw.com/p/489Qh

Пред Твитер да биде блокиран во Русија, таму се водеа дискусии како да се убедат сопствените родители да не веруваат во пропагандата во Русија и пред сѐ – да не ја поддржуваат војната против Украина.

Многумина Руси ја оправдуваат војната, која во  Русија смее да се  нарекува само како „специјална операција“ – според анкета на државниот Институт за испитување на јавното мислење ВЗИОМ, „за“ се околу 68 %. Во земјата речиси веќе нема критички и независни медиуми, а посебно постарите луѓе гледаат само државна телевизија.

Редица млади Руси, чии имиња ги променивме, за Дојче веле раскажуваат какви жолчни кавги водат со своите родители, делумно уште од анексијата на Крим во 2014 година. Три приказни:

„Мојот татко го вклучи своето критичко размислување, но мајка ми останува поддржувач на Путин“

Јелена, живее во Москва, развива ИТ технологии за невладини организации

Ова е  тотална војна  и јас сум дефинитивно против неа. Првиот ден бев целосно шокирана и плачев кога ги читав вестите. Се срамам, тажна сум и чувствувам одговорност за болеста на нашата земја, во форма на еден претседател, која не само нас, туку ги погодува и луѓето во други земји. Јас не гласав за оваа влада и учествував на протестите. 

И сега повторно излегов да демонстрирам, потпишав сѐ што можев против  војната.  Дискутирам со луѓе, разменуваме мислења како некако да повлијаеме на ситуацијата. Деновиве со моите пријатели отидовме во метро-станица во Москва и делевме зелени ленти како симбол на мирот. Имаше различни реакции: еден постар маж ни пријде со солзи во очите и нѐ замоли за уште една лента за неговата жена. Но, имаше и една постара жена, врескаше низ целата улица дека сме фашисти и треба да бидеме убиени. 

И моите родители живеат во Москва. Татко ми има 59 години и работи во фирма за транспорт на пари, мајка ми има 63 години и е пензионерка. Порано пишуваше сценарија за детски емисии. Кога почна ова сето во Украина, водевме расправии. Моите родители веруваа во сѐ што гледаа на телевизија. Утрото на 26 февруари му се јавив на брат ми, кој го дели моето мислење. Му предложив да се собереме сите и да разговараме. Успеавме да постигнеме половична победа – 50 спрема 50. 

Го доведовме татко ми до сознание дека ова што се случува е страшно, во меѓувреме тој го вклучи критичкиот разум. Уште претходно почна да сфаќа дека не е сѐ точно што се објавува на државната телевизија. Но, сегашните нови сознанија беа катастрофални за него, доживеа напад и гушење. Целиот негов мисловен свет за  Русија и неговиот народ се скрши. 

Russland, Moskau | Proteste
Уапсени демонстранти во Москва поради протест против војната на Русија во УкраинаФотографија: Sefa Karacan/picture alliance

Мајка ми, откако замина во пензија, гледа само телевизија и стана Путин – фанатик. Се обидовме да ја убедиме да чита алтернативни извори, но не сака ни да чуе. Само што ќе ѝ речеме дека нејзината идеологја може да е погрешна, се лути и станува агресивна, како постарата жена на улица која нѐ нарече фашисти. Кога беше објавено дека Кадиров (претседател на Чеченија, н.з.) ќе ја прати својата единица од ладнокрвни убијци во Украина, од радост речиси аплаудираше. Тоа ме боли. 

Со мајка ми веќе немам контакт, можеби некогаш ќе разговарам со неа, кога ќе ги почувствува сите последици и кога ќе почнат да се кршат нејзините розови очила. Но татко ми е на наша страна. Тој секогаш се противеше на моето учество на протести, ама едноставно зашто се плашеше за мене. По нашиот разговор, на мое чудење, ми рече – кога следниот пат ќе одам на протести ќе дојде и тој со мене.

„Мојата мајка кажува само пропагандни пароли, но ние двајцата сметаме дека Борис Немцов е добар"

Антон, дизајнер, живее во околината на Москва

Јас израснав во Моросовск, во регионот на Ростов, околу 200 километри оддалечен од украинскиот град Луганск. Украинци познавам од моето детство, меѓу нас секогаш беше сѐ во ред. Утрото на 24 февруари, кога почна војната, го спакував мојото ранец  - за случај на мобилизација, да можам да се скријам в шума.  Мајка ми веднаш праша каде ќе одам. Таа ми рече дека ја поддржува војната во Украина, уште во 2014 година требаше да биде цела окупирана, а Путин прави сѐ исправно. Бев запрепастен. Мајка ми има 52 години и верува во сите можни чудни нешта, како тарот-карти и заговори. За политиката зборува само во форма на пропагандни пароли. Но, не очекував дека ќе го оправда убивањето на луѓе во соседната земја. Важно ми е да ја убедам дека убиствата со ништо не се оправдуваат.

Сметам дека војната е неприфатлива. Служев во војска и ми стана јасно дека во нашата земја нешто оди наопаку: не смеевме да фотографираме некој расипан апарат, а офицерите крадеа бензин. Кога се вратив од армијата, почнав да одам на протестни собири. Војната е производ на овој систем, затоа се обидувам да ја убедам мајка ми во тоа дека она што се случува во Русија, не е нормално.

Russlands Präsident Putin bei TV-Show Direkter Draht
Директна пропаганда во секој дом - претседателот Путин на државната телевизијаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Golovkin

На вториот ден од војната, 25 февруари, разговаравме за сѐ без кавги и изливи на бес. Понудив логични објаснувања, аргументи, ѝ препорачав да го прочита Орвел. Следниот ден разговаравме мирно. Но, не верувам дека можам да ја убедам. Во главата ѝ владее збрка, ама сепак се обидувам. На пример, двајцата бевме согласни дека Борис Немцов  е добар (руски политичар, критичар на Путин, беше убиен во 2015 година во центарот на Москва, н.з.). 

„Ако луѓето ја оправдуваат оваа машина за мелење луѓе, што уште сѐ ќе оправдаат?“

Алена, економист од Санкт Петербург

Мајка ми има 47 години и работи во управата на една болница. Татко ми има 56 години и работи во Руската железница. Двајцата живеат во Перм и уште во 2014 година ја поддржуваа руската влада и како папагали го повторуваа она што го слушаа на  државната телевизија.

Но, во меѓувреме нивните сфаќања се променија. Почна со тоа што по забраната за увоз во 2014 година веќе не купувавме секој ден сирење, зашто не можевме да си го дозволиме тоа, а она што го имаше не ни беше вкусно. 

Русите во очајна потрага по странски валути

Тогаш одев во 11 клас и добро се сеќавам на тоа. Во истото време татко ми почна да добива помала плата, зашто многу пари се одвојуваа за Крим. Јас студирав економија и им објаснив дека по инвазијата врз Крим, почнавме да живееме полошо, зашто се одделуваат наши пари за Крим. Дали тоа вреди? Ова секогаш беше добар аргумент: „Вие тешко работевте за мене и за мојата сестра, а на крајот, поради тоа што владата, која ние не ја избравме, си откина и присвои парче од туѓа земја, нашиот животен стандард тотално се влоши.“

Признавам дека различни генерации можеби можат да имаат различни погледи на одредени работи, но не и кон оние кои сега се случуваат. Се радувам што се чини дека моите родители го делат моето мислење за војната. Не знам како човек би можел да има поинакво мислење, а истовремено да биде добар човек. Секогаш размислувам: ако луѓето ја оправдуваат оваа машина за мелење луѓе, што уште сѐ би можеле да оправдаат? Такви родители не би сакала да имам. Но, ние децата можеме да им бидеме од помош, можеме на пример да им понудиме ориентација при сиве овие информации.

Адаптација од руски: Маркиан Остапчук

 

Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

загадување Скопје

Стотина граѓани сакаат да „посвојат“ мерна станица во Скопје

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница