РСМ пак ја бранува Бугарија: Едни сакаат отчет, други бараат избори | Северна Македонија | DW | 13.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

РСМ пак ја бранува Бугарија: Едни сакаат отчет, други бараат избори

Шефицата на бугарската дипломатија толкувањето на зборовите на Бербок го опиша како интерпретација на медиумите, дезинформации или шпекулации

Прашањето за интеграцијата на Северна Македонија и можноста за укинување на ветото, предизвикаа нови турбуленции во Софија. Бугарското МНР вчера објасни дека нема никава промена во официјалната позиција на Софија, со што ја демантира изјавата на шефицата на германската дипломатија,  Аналена Бербок,  од која произлезе дека Бугарија презела обврска до средина на годината да дозволи РСМ да ги почне преговoрите.

Шефицата на дипломатијата, Теодора Генчовска, толкувањето на зборовите на Бербок го опиша како интерпретација на медиумите, односно дезинформации или некакви шпекулации. Таа потенцира дека  главните бугарски барања кон PCM  остануваат непроменети и дека инсистираат правата на македонските Бугари да бидат загарантирани во македонскиот Устав.

„Искрено да ви кажам, по линија на политичките прашања нема никаков напредок. Навистина подадовме пријателска рака на македонското МНР, очекуваме конкретни резултати“, изјави Генчовска за БНТ, децидна дека сегашниот тим на бугарското МНР нема да отстапи од ниту едно од тие барања.

Отчет во парламентот

Но, ни оваа изјава, ни објаснувањето на позицијата на МНР, не е доволно за опозицијата. Пратениците од опозициската ГЕРБ побараа шефицата на дипломатијата пред парламентот да одговара на прашања за Северна Македонија. Со вонредно барање на опозицијата оваа точка е ставена на дневен ред во петок.

Во соопштението со кое вчера беше објаснета позицијата на бугарското МНР, се вели дека Бугарија продолжува да се придржува до Рамковната позиција од 9-ти октомври 2019 година, едногласно поддржана од декларацијата на Народното собрание од 10-ти октомври 2019 година, како и од состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност на 10.01.2022 година.

Nordmazedonien | Treffen Bujar Osmani und Teodora Gencovska in Skopje

Бугарската министерка Теодора Генчовска и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Скопје, јануари 2022 година

„Поддршката за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува приоритет на бугарската надворешна политика, и бидејќи е од клучно значење продолжува да биде следен критериумот за сопствените заслуги на секоја земја кандидат и почитувањето на основните вредности на ЕУ, вклучително и почитувањето на човековите права и на принципот на добрососедство. Министерката Генчовска ја препотврди позицијата на Бугарија при нејзиниот разговор со шефот на германската дипломатија во рамките на Советот за надворешни работи во Луксембург“, соопшти бугарското МНР.

Притоа се нагласува дека за бугарската страна водечки се резултатите, а не обврзувањето со конкретни рокови.

„Во однос на почетокот на преговори за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, од клучно значење за Бугарија е постигнувањето на неповратни резултати во поддржувањето добрососедски односи и добивањето јасни гаранции во рамки на процес на преговори на ЕУ за понатамошна исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Очекуваме уставни гаранции за почитување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Радев: На РСМ ѝ треба време

Паралелно со ова, претседателот на Бугарија од посетата на Португалија испрати порака дека е рано да се каже „да“ за Северна Македонија. Во одговор на прашање за европската интеграција на Западен Балкан, Румен Радев на вчерашната средба со неговиот португалски колега Марсело Ребело де Соуза, ја истакна безрезервната  поддршка на Бугарија само за Албанија.

„Република Северна Македонија има потреба од уште време, за да ги исполни критериумите за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, изјави бугарскиот претседател.

Како што е наведено во соопштението од прес службата на Радев, тој му се заблагодарил на португалскиот колега што за време на португалското претседателство со Советот на  ЕУ бил разработен пакетот „1 + 5“, кој се засновал на исполнување на јасните принципи содржани во Копенхашките критериуми за почитување на човековите права, искоренување на јазикот на омразата, меѓусебно почитување и зачувување на бугарското културно и историско наследство во РСМ.

Кристијан Вигенин, заменик-претседател на Националното собрание, заменик-претседател на БСП и поранешен шеф на дипломатијата (2013-2014), за БТВ објасни каков е ставот на социјалистите.

„Работата на целиот пакет мерки продолжува. Ако до крајот на јуни се донесе одлука која ќе ја задоволи бугарската страна, ветото може да биде укинато. Ако не, ви гарантирам дека БСП нема да направи компромис со бугарскиот интерес“, изјави Вигенин.

Тој потсети дека темата за  Северна Македонија  е една од црвените линии, на која левицата укажала уште во разговорите за формирање на  владата.

На избори заради РСМ

Втората црвена линија на владејачката БСП е да не се дава оружје на Украина, со што практично оваа партија дели исти позиции како и националистичката „Преродба“, која, пак, побара оставка од владата поради тие две прашања.

„Повеќе од очигледно е дека оваа влада не работи за бугарскиот национален интерес, затоа бараме нејзина итна оставка. Ајде да одиме на предвремени избори, кои ќе бидат еден вид референдум за тоа дали бугарскиот народ сака Бугарија да се вмешува во војната во Украина, и дали бугарскиот народ сака Бугарија да ја пушти Македонија да преговара за членство во ЕУ“, повика „Преродба".

Од партијата се уверени дека го знаат расположението.

„Ние во ‘Преродба’ сме убедени дека голем дел од гласачите на партиите кои моментално се во власта, не сакаат Бугарија да се вклучи во војната, ниту да ѝ се дадат повеќе отстапки на Македонија и да се укине ветото за преговарачкиот процес“, порачаа од партијата.