Романија по стапките на Виктор Орбан? | Свет | DW | 21.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Романија по стапките на Виктор Орбан?

Десноориентираните партии во Романија планираат донесување закон против „хомо пропаганда“ според унгарски урнек. Критичарите во намерата гледаат обид за носење на земјата на антиевропски курс.

До пред кратко време, на многу луѓе во Романија им беше непознато значењето на буквите ЛГБТИ. Не е и ни чудо: во јавните дебати во членката на ЕУ во изминатите години прашањата за половиот идентитет не играа истакната улога. Во есента 2018 година беше одржан референдум против хомосексуални бракови, инициран од Романската православна црква, но иако таа има големо влијание кај народот, изјаснувањето беше неуспешно поради немањето интерес: без оглед на масивните обиди за мобилизација, учествуваа само 21 % од граѓаните со право на глас.

Но, сега неколку десноориентирани романски партии се обидуваат темата ЛГБТИ да ја стават високо на јавната агенда, поточно, наводната нужност од борба против т.н. „ЛГБТИ идеологија“ и „хомо пропаганда“. Како средство се предлага увоз на неодамна стапениот во сила закон на Виктор Орбан против ЛГБТИ пропаганда, во кој се врши мешање на педофилија и хомосексуалност, односно транссексуалност.

И Романија мора законски да ги штити своите малолетници од ЛГБТИ пропаганда, гласи образложението на оние романски партии кои ја покренаа иницијативата. За таа цел до Парламентот ќе биде доставен предлог закон, сличен на унгарскиот. 

Иницијативата има разорна моќ од повеќе аспекти и ја надминува романската внатрешнополитичка сцена. „Злото е направено“, напиша публицистот Дан Тапалага од порталот G4Media, „субверзивниот анти ЕУ наратив и кај нас премина во мејнстрим“.

Адвокатот и либерален политичар од унгарското малцинство Петер Екштајн-Ковач за Дојче веле изјави: „Станува збор за обид Романија, која досега е недвосмислено проевропска, да се врзе во една антиевропска, блиска на Кремљ алијанса.“

Поддршка за референдумот на Орбан

Иницијативата за анти-ЛГБТК закон според унгарски урнек стигна на крајот на јули, првично од две вонпарламентарни десно-националистички партии на унгарското малцинство во Романија, Трансилванско-унгарската народна партија (ППМТ) и Унгарската граѓанска партија (МПП). ППМТ е застапена во Парламентот во Букурешт со еден пратеник, Золтан Закариас, но тој таму беше избран преку листата на најголемата унгарско-романска малцинска партија, Демократскиот сојуз на Унгарци и Романци, УДМР.

повеќе: 

Победа на резигнацијата во Романија

Орбан: Опасен извоз на идеологија

Новиот главен непријател на Орбан - ЛГБТИ

Самата УДМР не се произнесе за иницијативата на двете помали партии, тоа ќе го направи наесен, кога предлог законот ќе стигне во Парламентот, изјави партиска портпаролка. Но, УДМР експлицитно го поддржува референдумот кој Виктор Орбан го планира во Унгарија за анти-ЛГБТК законот, а кој треба да се одржи во јануари идната година. УМРД ги повика сите Унгарци од Трансилванија (германски: Зибенбирген) со двојно државјанство да учествуваат на референдумот во соседната земја, а тоа е можно, зашто малцинските Унгарци во Романија со унгарски пасош имаат право да учествуваат на избори во Унгарија.

Романски Орбан"

Неколку дена по првичната иницијатива, и десноекстремната партија Алијанса за обединување на Романија, АУР, која во парламентот е застапена со десет проценти, најави дека и таа ќе поднесе предлог за анти-ЛГБТК закон според унгарскиот пример. Парадоксот е што АУР е експлицитно антиунгарски настроена и редовно контрира на унгарското малцинство во Романија.

Копретседателот на АУР, Георг Симион меѓутоа е деклариран симпатизер на Виктор Орбан и неодамна во едно интервју за унгарски портал самиот себеси се нарече „Романски Орбан“. Неговата партија стреми кон тоа да стане членка на новата европска алијанса на десничарско-популистички и екстремно-десничарски партии, на чие создавање моментно работат унгарскиот премиер и италијанските и полски сојузници. 

Експлозивна тема за романската влада

Засега нема поднесено ниеден законски предлог, но експлозивноста на темата уште сега е јасна. УДМР е дел од либералната, проевропска трипартиска владина коалиција во Романија, која е на власт од крајот на минатата година. Но, УДМР во изминатите години постојано играше улога на гласноговорник на политиката на Орбан и се разви во еден вид приврзок на неговата партија Фидес.

Со својата поддршка за унгарскиот референдум и евентуално и романски анти-ЛГБТК закон, УДМР ја вовлекува романската влада и своите коалициони партнери во конфликтите со кои Виктор Орбан со години ја провоцира ЕУ.

Trianon | an Rumänien verlorene Gebiete Ungarns

Припадник на унгарското малцинство во Романија, кое брои 1,2 милиони луѓе, на фолклорна манифестација

Трансилванските изборни гласови за Орбан

Букурешкиот политиколог Кристиан Пирвулеску за Дојче веле изјави дека „неформалниот сојуз меѓу УДМР и АУР“ на либералната влада во либерално ориентирана Романија ѝ предизвикува големи проблеми. „Тоа оди и во прилог на Орбан“, вели Пирвулеску. Тој истовремено во Трансилванија ги гледа првите знаци на унгарска изборна борба пред парламентарните избори во Унгарија кои се планирани за идната година напролет. „За Орбан е исклучително важно да ги добие гласовите на трансилванските Унгарци. Тие се навистина конзервативни, но не се антиевропски настроени, затоа сега тој се обидува да ги мобилизира преку темата ЛГБТИ, да предизвика расцеп во општеството и со тоа може полесно да освои гласови“, вели политикологот.

Адвокатот Петер Екштајн-Ковач, кој и самиот долго бил член на УДМР и таму го репрезентирал во меѓувреме непостоечкото либерално крило, со голема загриженост гледа на денешната политика на Унгарскиот сојуз и повлекува историска паралела. „Германците од Трансилванија своевремено имаа многу силен регионален идентитет. Но, нивното изборно мото ‘Зибенбирген, слатка татковина' во 1930-те години се промени во ‘Германија, Германија, над сѐ'. Сметам дека Унгарците од Трансилванија сега се стигнати исто така на оваа точка. Чувствота за транссилванската татковина ќе се претвори во чувство за заедничка унгарска крв, а Унгарија во татковина. Тоа го сметам за многу опасно.“

Етничка и културолошка Голема Унгарија

Политикологот Кристиан Пирвулеску ја потврдува оваа дијагноза. Порано УДМР се залагаше за интеграција на Унгарците од Трансилванија во мултикултурен и мултиетнички регион, сега застапува идеја за етничка и културолошка Голема Унгарија, вели тој.

Во меѓувреме, во Романија станува јасно во каква непријатна положба е ставена владата поради дебатите околу половата припадност. Во новите лични карти, кои неодамна ги претстави Министерството за внатрешни работи, под графата „пол“ наместо досегашната ознака „SEX" беше воведена ознака „GEN". Националистите, црковните претставници, но и одделни коалициони политичари се запенавија од гнев и во тоа гледаа продор на наводни џендер-идеологии. Министерството за внатрешни работи итно го повлече предлогот.