Револуција? Која револуција?! | Свет | DW | 11.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Револуција? Која револуција?!

Во Русија, каде сега е инсталирана пост-вистината, стогодишнината од Октомвриската револуција беше тргната на маргините. Путин сака да зборува за еволуција на силната држава со силен лидер, а не да потсетува на револуции

Во вторникот, на 7 ноември, 5.000 војници маршираа на Црвениот плоштад во Москва како сеќавање на парадата одржана на 7 ноември 1941 година, кога Советскиот Сојуз веќе пет месеци беше во војна со нацистичка Германија. Истиот ден се навршија 100 години од Октомвриската револуција, но сегашното руско раководство на чело со Владимир Путин направи сѐ оваа годишнина да биде минимизирана, оставена на маргините на научни конференции, на некој начин како да се срами од настаните кои го шокираа и променија светот. Во сегашнава Русија нема место за „Големиот октомври“. Како што портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјавувајќи минатата недела дека Кремљ нема никакви планови за настани поврзани со револуцијата, едноставно додаде: „Која е поентата за прослава?“

Да не биде денот целосно фрлен во заборав (и покрај тоа што балсамираното тело на Ленин и понатаму стои во мавзолејот кај Кремљ) Путин се реши да го слави истиот датум, но од Големата татковинска војна, кога 28.000 војници пред Сталин се заколнаа во одбрана на Советскиот Сојуз и од Црвениот плоштад заминаа директно на фронтот. На годинашнава скромна парада немаше никакво потсетување од настаните од 1917 година, туку некои од учесниците беа облечени во униформи од Втората светска војна и од војната со Наполеон од 1812 година.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

Русија се менува, ја засилува наклонетоста кон Романови и покрај големото комунистичко наследство што е во срцата на милиони луѓе, но во исто време сака да повторно да биде империјална. Владимир Путин на секаков начин сака да го избегне споменувањето или поврзувањето на поимот револуција (кој денес значи независен јавен активизам, незадоволство во опозициските оази и предизвик за неговото лидерство со царски атрибути) за да ја зачува стабилноста да државата. Што значи - стабилноста на неговата власт. Сеќавањето за револуцијата не е корисен историски извор за Путин. На рускиот претседател му треба широк консензус во општеството и сака во него да ги вклучи и луѓето кои сметаат дека револуцијата беше трагедија и оние кои имаат симпатија за комунистичките идеи и се носталгични за Советскиот Сојуз. Затоа кон оваа значајна годишнина, за која имаше повеќе текстови, историски сеќавања и компарации со сегашноста во западните медиуми отколку во Русија, каде што е во сила пост-вистината.

Бизарна расправа за еден филм

Иронично е што најголемата политичка дискусија за револуцијата беше околу филмот „Матилда“, во кој се раскажува за љубовната афера на младиот принц Николај Втори пред да стапи на престолот и балерината Матилда Кшесинска. Филмот на режисерот Алексеј Учител се претвори во културен скандал, па неговото прикажување во кината е под зголемено обезбедување. Пред кината протестираа православни активисти, црквата побара забрана на филмот, киното во Екатеринбург беше запалено, историчарите обвинуваа за неточности, колегите режисери му дадоа поддршка на Учител, а Михалина Олшанска, полска актерка која ја игра Кшесинска, и Германецот Ларс Ајдингер, кој го глуми Николај Втори, не допатуваа на премиерата наведувајќи безбедносни стравувања.

Der letzte Zar Nikolaus II Russland (picture-alliance/dpa)

Последниот руски цар Николај Втори

Николај Втори најпосле се откажа од својата љубовница (која подоцна му стана сопруга на неговиот братучед, големиот војвода Андреј Владимирович), се ожени со германската принцеза Александра, внука на британската кралица Викторија, и ја водеше земјата со апсолутистички манир, за најпосле да абдицира.  

Пропаганадата на Путиновата Русија се фокусира на воените победи во историјата за да ја обнови претставата на неосвоива тврдина од непријателскиот Запад. Властите наметнуваат и своја контраисторија, во која Путин се перцепира во личноста на Пјотр Столипин, најспособниот од сите премиери на царот. Кога беше премиер Путин му подигна споменик на Столипин пред зградата на владата. Властите повремено потсетуваат на зборовите на Столипин до опозицијата: „Вие сакате голем пресврт, ние сакаме голема Русија“ што е посредна порака да се замолчат сите денешни протести.

Столипин дојде на власт во 1906, една година по револуцијата од 1905, кога различни групи во руското општество бараа државата да се трансформира од автократија во уставна монархија. Овие протести кулминираа со масакрот на мирните демонстранти пред Зимскиот дворец во Санкт Петерсбург и со понижувачкиот пораз од Јапонците во војната на Далечниот Исток. Столипин сакаше да стане авторитарен модернизатор, кој сака еволуција наместо револуција – во два збора: силна држава. Токму онака како што Путин сака да изгледа денешна Русија.

Но малкумина го сакаа Столипин, иако ги почна аграрните реформи, тој беше омразен од либералите поради тоа што сакаше да ја зајакне монархијата, но царот не му беше наклонет. Столипин беше убиен во 1911 година од терорист во операта во Киев. Три години подоцна почна Првата светска војна, а по уште три години царството на династијата Романови се распадна речиси преку ноќ, како да не постоело 300 години.

Екстремизмот на болшевиците

Колумнистката на „Вашингтон пост“ и добитничка на Пулицер, Ен Еплбаум, во еден извонреден текст пред неколку дена напиша дека „на почетокот од 1917 година, спроти револуцијата, поголемиот дел од луѓето кои подоцна станаа славни болшевици, беа или во затвор или под постојан полициски надзор. Владимир Ленин поголемиот дел од деценијата пред револуцијата ја помина како емигрант во Краков, Цирих и Лондон. Сталин ги помина тие години на Кавказ ограбувајќи банки. Троцки побегна од сибирското прогонство и го најдоа во виенските кафетерии. Троцки играше мала улога во неуспешната револуција од 1905 година – крвав и спонтан бунт кој беше предвесник на она што ќе се случи 12 години подоцна. Ниту еден од нив немаше главна улога во Февруарската револуција во 1917 (Ленин беше во Цирих, Троцки во Њујорк, а Сталин во Сибир), кога гладните работници и побунетите војници ги окупираа улиците на Петроград (така тогаш беше сменето името на Санкт Петерсбург поради војната со Германија) и го присилија царот да абдицира. Александар Шлјапников, еден од ретките болшевици кој беше во тоа време во руската престолнина, на почетокот ги отфрли февруарските улични протести како неосоновани“.

Stalin und Trotzki (picture alliance/Mary Evans Picture Library)

Сталин (во средина) и Троцки (лево од Сталин) во 1930-тите

Русија имаше доволно храна, но заради неорганизираноста на властите не знаеше како да ја дистрибуира. На земјата во која тогаш 80 отсто од населението живееше во селата и требаше организација како на модерните индустријализирани земји. Гласините зборуваа дека германската сопруга на царот била во сојузништво со Германците, а одлуките на дворот ги носел исцелувачот Распутин. Војската му ја откажа послушноста на царот и го натера да абдицира. „Спиев долго и длабоко“ напиша Николај Втори во својот дневник утрото по абдикацијата. Како и нему да му олеснило исто онака како на народот.

Додека луѓето славеа на улиците на Петроград и ги кршеа царските симболи, новиот кабинет на чело со Александар Керенски ја презеде власта и себеси се нарече Привремена влада. Неа никој не ја сакаше и речиси од никого немаше поддршка. Ленин, кој се наоѓаше неколку илјади километри далеку, во Цирих, во своите познати априлски тези го покажа својот презир кон демократијата, отфрлајќи ја идејата за парламентарна република како „ретрогаден чекор“. Тој повика на укинување на полицијата, војската и бирократијата, како и национализација на земјата и сите банки. „Многумина мислеа дека тој е луд“, пишува Еплбаум, но тој подоцна успеа да им ја наметне својата екстремистичката болшевичка визија на сите луѓе од левицата. Тој, исто така, повикуваше на моментално повлекување од „империјалистичката војна“, па подоцна стана разбирлив потегот на германските власти зошто тој помина низ цела Германија во пломбиран воз без да биде легитимиран. Германските генерали во него најдоа неочекувана помош за запирање на војната на истокот за да може да ги префралт трупите на западниот фронт.

Кога пристигна на Финската железничка станица во Петроград, Ленин отиде директно на митинг, но неговите огнени говори не успеваа да придвижат поголеми маси луѓе. Во јули 1917 болшевиците се обидоа да направат преврат, но тоа не им успеа, партијата беше забранета, Ленин пак отиде во прогонство, овој пат во Финска. Болшевиците се вратија во игра по неуспешниот десничарски државен удар. На 7 ноември 1917 (23 октомври по стариот календар) Привремената влада колабираше и во тој хаос болшевиците ја презедоа власта.

Schweiz 100 Jahre Lenins Zugfahrt (picture alliance / Tass/dpa)

Ленин во Санкт Петербург по симнувањето до возот од Цирих (09.04.1917)

Пуч без крв, а не револуција

Сликите од заземањето на Зимскиот дворец изгледаат неверојатно драматично. Но тоа се само филмски сцени, кои ги направи неколку години подоцна, во 1920, прочуениот режисер Сергеј Ејзенштајн за потребите на пропагандата на режимот. Реално, немаше никаква драматика во падот на владата и преземањето на власта со револуција. Системот кој едвај стоеше на нозе, едноставно колабираше. Тоа беше пуч без крв, а не револуција. Американскиот новинар Џон Рид во својата возбудлива книга „Десетте дена што го потресоа светот“ го објаснува преземањето на власта од страна на болшевиците како директен сведок. Ноќта претходно болшевиците веќе ја окупирале телеграфската станица и неколку раскрсници. Попладнето на 7 ноември Џон Рид регуларно влегол во Зимскиот дворец покажувајќи го американскиот пасош. Рид пишува дека само неколку часа пред да падне во дворецот ливреисани луѓе сѐ уште ги земале капутите во гардеробите, во салите имало збунети кадети со добро однесување, валкани душеци и празни шишиња од вино. Од владата ни трага.

Подоцна во ноќта Рид и неговите колеги се вратиле во Зимскиот дворец да го видат одблиску заземањето. Кадетите се предале, пушките биле собрани на неколку купчиња, немало истрели а Рид и другите слободно влегле низ отворените порти. Но на еден голем преврат му треба да личи на Француската револуција, па затоа беше потребен филмот на Ејзеншатајн. Но за разлика од Франција, царот веќе беше абдициран и беше во егзил во Сибир заедно со сопругата и децата. Целото семејство беше егзекутирано наредната година кај Екатеринбург од тајната болшевичка полиција, чекистите.

Револуцијата беше без крв, но „црвениот терор" што го објави Ленин како метод за пресметка со противниците, дојде подоцна. Прво беше граѓанската војна со белогардејците, укинувањето на сите партии, а потоа масовните убиства и пресметката внатре во владејачката партија за времето на Сталин. Во неколкуте бранови на теророт умреа милиони луѓе. Сталин го елиминираше секој во кој се сомневаше дека може да има какви било поинакви ставови. Сталин не веруваше дека воопшто може да постои некаква форма на конструктивна опозиција затоа што тој ја дефинираше вистината. Секој кој ќе му се спротивставеше на лидерот или на институциите под негова власт беше окарактеризиран како „непријател на народот“. Таа фраза Ленин ја позајми од Француската револуција, а денес Доналд Трамп ја употребува да ги оцрни слободните медиуми во САД.

Roter Oktober - Russland Okotberrevolution (picture-alliance/akg)

Напад на Зимскиот дворец во Петроград ноќта меѓу 7 и 8 ноември 1917 година

Ен Еплбаум, пишувајќи дека болшевизмот не е мртов наведува дека денес главните необолшевици се Трамп, Виктор Орбан, Марин Лепен и Јарослав Качињски и заклучува: „Запаметете, на почетокот на 1917 година, спроти руската револуција, повеќето луѓе кои подоцна му станаа познати на светот како болшевици беа заговорници и фанатисти на маргините на општеството. На крајот на годината веќе ја водеа Русија. Ако системот стане доволно слаб и опозицијата доволно поделена, ако владејачката елита е доволно корумпирана а луѓето доволно лути, екстремистите можат ненадејно да влезат во центарот, каде што никој не ги очекува. А после ќе бидат потребни децении за да се санира штетата“.

Владимир Путин во опозицијата која бара поголема демократија во Русија гледа такви екстремисти. Алексеј Навални и другите борци за човекови права и поголеми слободи се екстремисти за овие власти. Затоа тој сака по секоја цена да ја задржи империјалната големина на државата, а не да се залага за демократија. Иако беше агент на КГБ Путин не жали за Советскиот Сојуз, туку за царството кое таа го претставуваше. Без оглед што било комунистичко. Путин верува дека Русија секогаш била голема само кога била водена од големи национални лидери. Тој е убеден дека ја вратил големина на Русија. Во своето годишно обраќање во парламентот Путин изјави: „ Лекциите од историјата ни се потребни пред се за помирување“. Во оваа Русија „помирувањето“ значи лојалност кон режимот, контролирана опозиција и замолкната јавност. Така државата ќе може да биде „голема“. 

Реклама