1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамазан Бајрам: Пораки за сплотеност и заедничка иднина

20 март 2026

Државниот врв упати честитки за Рамазан Бајрам со пораки за сплотеност, соживот и заедничка иднина кон верниците од исламска вероисповед.

https://p.dw.com/p/5AluO
Рамазан Бајрам во Мустафа- пашината џамија во Скопје, 10 март 2024
Рамазан Бајрам: Пораки за сплотеност и заедничка иднинаФотографија: Furkan Abdula/Anadolu/picture alliance

Верниците од исламската вероисповед во Македонија, како и ширум светот, денес го одбележуваат Рамазан Бајрам – празник кој претставува духовно и телесно прочистување и е еден од петте столбови на  исламот.  По тој повод, државниот врв упати пораки за сплотеност, соживот и заедничка иднина.

Во време на конфликти - потребна е сплотеност

„Големиот празник е повеќе од традиционална прослава и од придржување до норми и правила. Рамазан Бајрам е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во честитката таа истакна дека духовната енергија на светиот месец се чувствува не само во верските објекти и домовите на верниците, туку и во целата заедница.

„Во време кога човештвото се соочува со конфликти, кризи и климатски промени, потребни ни се мир и стабилност. Само со сплотеност, почит и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина“, наведува таа.

Почит, солидарност, хуманост и грижа

Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека Рамазан Бајрам го означува крајот на месецот посветен на пост, трпение и духовност.

„Овој празник нè учи на вистинските вредности што нè обединуваат: почит, солидарност, хуманост и грижа за другиот. Силата на едно општество се мери преку нашата подготвеност да помогнеме и да покажеме разбирање“, порача тој.

Мицкоски додаде дека народот отсекогаш знаел да биде обединет во најважните моменти и дека денес е поважно од кога било да се негува соживотот и довербата за стабилна и заедничка иднина.

Заедништво како темел на општеството

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својата честитка упати желби за здравје, мир и благосостојба.

„По деновите на пост, молитва и духовна посветеност, Рамазан Бајрам нè потсетува на вредностите на хуманоста, меѓусебната почит и помагањето“, се наведува во честитката. Тој порача дека празникот носи силна порака за љубов, милосрдие и заедништво – вредности неопходни за изградба на хармонично и праведно општество.

И Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитки до граѓаните од исламската вероисповед со желби за мир, здравје и радост.

„Рамазан Бајрам е празник на хуманоста, меѓусебната почит и разбирање, празник кога најсилно се чувствува вредноста на заедништвото. Различностите се наша сила, а заедништвото наша најголема вредност“, истакна тој.

 

Муслиманите слават Рамазан Бајрам