Различни галаксии | Свет | DW | 25.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Различни галаксии

Оние кои ги поддржуваат Трамп и Џонсон во политичкиот наратив за напад кон елитите, не само што ќе застанат во нивна одбрана, тие би сакале, ако може, главите да им ги видат на „аристократите” на колец на плоштад.

Деновиве сме сведоци на два монументални потега, иницијативата за импичмент на Трамп и одлуката на Врховниот суд против Борис Џонсон.  Ова се најверојатно едни од најголемите вести и новини во функционирањето на демократијата и нејзиниот системскиот одговор на стратегиите и тактиките на популистичките политики на Трамп и Џонсон.  И најверојатно, тие монументални вести нема да сменат ама баш ништо.

Одлуката на Врховниот суд на Велика Британија  до скоро беше незамислив потег, правен и историско политички динамит, како што го коментираат аналитичарите. Прв пат судот со така едногласна, силна и недвосмислена одлука, се противи на политичка тактика на премиер, зајакнувајќи ја својата улога на независен арбитер во парламентарната демократија во Велика Британија.  Овој драматичен пример на независно судство сега има сериозни импликации за целото владеење на Џонсон. Парламентот се подготвува за анулирање на постапките од обидот за негово суспендирање, опозицијата веќе бара оставка од премиерот, а судските власти веќе размислуваат дали оваа одлука има и други правни последици, на пример дали Џонсон ја лажел кралицата, и дали ваквите последици можат да претставуваат и правен проблем за премиерот. Каков и да биде исходот на овие правни последици, сепак во политичка смисла, ова изгледа како еден огромен удар кон Џонсон, чија политичка тактика како да се распаѓа пред очите на јавноста и независните институции.

Во сличен потег, вчерашната иницијатива најавена од Ненси Палоси, во која демократите во Конгресот на САД најавија  формална истрага за импичмент на Трамп  е исто така драматичен и многу сериозен потег.  Тоа значи дека во блиска иднина, Конгресот ќе гласа за можноста Трамп да биде под импичмент и истрага.  Единствениот друг претседател кој бил под слична истрага е Бил Клинтон, кому Конгресот му изгласа импичмент, но Сенатот му дозволи да го заврши мандатот. Слично сценарио е веројатно и за Трамп: имајќи предвид дека Демократите имаат мнозинство во Конгресот, најверојатниот исход е дека тој ќе биде под истрага и дека таа иницијатива ќе помине во долниот дом на САД.  Со оглед на фактот дека и иницијативата на судот во Велика Британија, но особено иницијативата за импичмент на Трамп, се поврзани со тврдења дека постапките на премиерот и претседателот, соодветно, не се само извесен вид саботажа на демократскиот процес, туку се прекршување на законот, со можни кривични последици, се поставува прашањето какво влијание ќе имаат овие случувања на политичките процеси во САД и Велика Британија. Најверојатно никакво.

Можно зголемување на рејтингот

Прво, од чисто правна гледна точка, иницијативите немаат сериозен потенцијал.  Иницијативата за отповикување на  Трамп најверојатно ќе помине во Конгресот (каде Демократите имаат мнозинство), но скоро сигурно нема да помине во Сенатот (каде Републиканците имаат мнозинство).   Одлуката на судот во Велика Британија нема да му произведе на Џонсон правни проблеми,  зашто најмногу се однесува на правниот процес, а не на кривична одговорност.  Оттаму, со исклучок на некакви сериозни изненадувања во смисла на импичмент за Трамп или кривична пријава за Џонсон, инцијативите се осудени да останат во полето на политичко, а не правно влијание.  Со други зборови, тие нема да им ги завршат политичките кариери ниту на Џонсон, ниту на Трамп.  Напротив, според мене, ваквите потези имаат сериозен капацитет да им го зголемат рејтингот на овие политичари, а секако ќе остават простор за истите да се кандидираат на наредни избори.

Други колумни од авторот: 

Лошото дете Хуго

Епидемија

Валпургиска година

За расплетот во третиот чин

Сега се поставува прашањето како ќе влијаат овие одлуки и политички тактики кај електоратот.  За таа анализа треба најнапред да се има предвид специфичната психолошка и социолошка состојба на гласачите при изборот на Трамп и Џонсон.  Имено, тие се популисти во својата основа: нивниот политички наратив се состои од оски на поделба помеѓу „стариот и расипан” политички естаблишмент, и „новиот и народен” стил на политика кои тие го промовираат и практикуваат.  Во основа, тие се избрани на анти-естаблишмент принцип.  Нивниот електорат ги избрал токму за да ги срушат, растурат и предизвикаат старите политички елити, па со тоа и воспоставениот систем на овие елити, па и на нивните институции.  Наспроти популарната волја, која во САД е против импичмент, а во Велика Британија за Брегзит, овие потези (од судот и од Конгресот) имаат потенцијал да се доживеат, од страна на гласачите на популистиве, како контра-напад и одговор, на стариот корумпиран систем, како обид за заштита на старите политички елити, токму она против кое гласачите ги бирале и Трамп и Џонсон. 

Trump und Johnson Treffen am Rander der UN Vollversammlung 2019 (Reuters/J. Ernst)

Борис Џонсон и Доналд Трамп

Оттаму, мислам дека наместо отрезнување, кај нивниот електорат ваквите маневри ќе имаат ефект на дополнително збивање и консолидација на анти-естаблишмент базата, на дополнителна мотивација и мобилизација во поддршка на “избраниците” кои треба да го растурат стариот систем.  Во главите на електоратот (оној популистичкиот), Трамп и Џонсон имаат историска мисија да се спротивстават, со сите средства, на естаблишментот.  Нивниот електорат ги перципира постојните политички елити (вклучително и судот и Конгресот), како народен непријател на „новото”, како декадентни „демократурски” аристократи, затворени во своите замоци, без допир со потребите на плебсот.  Оттаму, оние кои ги поддржуваат Трамп и Џонсон во политичкиот наратив за напад кон елитите, не само што ќе застанат во нивна одбрана, тие би сакале, ако може, главите да им ги видат на „аристократите” на колец на плоштад. 

Витези против „декадентната аристократија“

Тие едноставно, живеат во различна галаксија од постојните демократски институции и чинители, на маргините на системот, а нивните избраници ги доживуваат како витези кои треба да се борат против декадентната аристократија. Затоа, пораките за непочитување на системот, за упад во процедурата, за непринципиелно однесување нема да им донесат политичка штета, напротив: тие се избрани токму за да не го почитуваат системот, да упаднат во институциите и процедурата, да ги „раскринкаат” старите начини и актери.  Нивните поддржувачи, доживувајќи дека шампионите се нападнати, поверојатно е дека ќе се мобилизираат во нивна одбрана одошто дека ќе ги осудат.

Затоа, на крајот, иако е забавно да се гледа како „се вадат” од обвиненијата, со една навредена ароганција на политички примадони, мислам дека и тоа како е рано да се проценува дека овие расплети им ја загрозуваат политичката кариера, било на Џонсон, било на Трамп.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама