1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев се жали на голем притисок за С. Македонија

ДТЗ
24 јуни 2021

Шефот на бугарската држава во Брисел изјави дека не попуштиле на силниот притисок од европските партнери. Порача дека европската перспектива на Скопје зависи само од Софија.

https://p.dw.com/p/3vVzi
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

„Бугарија се спротивстави на ’неверојатниот притисок’ од европските партнери да се одобри почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Брисел, откако пред неколку дена земјата повторно ги блокираше македонските обиди за влез во Унијата. По пристигнувањето на дводневниот Европски совет во Брисел, бугарскиот претседател рече дека Бугарија успеала во инсистирањето прашањето за започнување преговори со Скопје и Тирана да се отстрани од денешната агенда на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ. 

„Време е сите да разберат дека забрзувањето на европската перспектива за нашата најблиска земја зависи само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија“, порача Радев, додавајќи дека темата за започнување преговори меѓу Скопје и ЕУ биле отфрлени од европските лидери на бугарско инсистирање. 

„Нема да дозволиме да ни ги свиткаат рацете“

Како што пренесува бугарски „Медиапул“, Радев се пожалил дека последните месец и половина, Бугарија била под огромен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да се започнат преговори за членство на РСМ. „Притисокот ќе продолжи, но ние докажавме овој месец и половина дека можеме да бидеме отворени за конструктивен дијалог и да го иницираме дијалогот на највисоко ниво. Нема да дозволиме да ни ги свиткаат рацете со лобирање, ниту пак со медиумски и политички притисок“, додаде Радев. 

-повеќе на темата: Пораки на поддршка и охрабрување по бугарското вето: „Не се откажувајте“

Тој рече дека на самитот на ЕУ во мај Бугарија била во изолација, соочена со прст на обвинувања за блокирањето на преговорите со РСМ и со Албанија. „Привремената влада вложи големи напори за да ги надополни сите години во кои нашите партнери никогаш не биле во можност да слушнат значајна, аргументирана бугарска позиција на високо ниво. Затоа одржав многу лични состаноци и разговори со лидерите на европските институции“, рече тој. Оваа порака на Радев индиректно е упатена кон поранешниот премиер Бојко Борисов кој пред една недела го обвини шефот на државата и привремената влада дека „ги лажат Македонците дека сакаат нивна евроинтеграција“. 

Критики

„Верувам дека разбраа дека критиките кон Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции и долгорочни резултати во билатералните односи. За овој месец и половина Бугарија докажа дека и покрај притисокот врз нас, дека е одговорна членка на ЕУ и нема да дозволи нови проблеми да се внесуваат во Унијата“, вели бугарскиот шеф на државата во изјавата од Брисел која што ја пренесуваат бугарските медиуми.  

-повеќе на темата: Германски пратеници за бугарското вето: Критики за Софија и Вархеји

„Покажавме дека се придржуваме до Копенхашките критериуми за членство и не можеме да ја игнорираме дискриминацијата на граѓаните на нашиот сосед, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности и принципи. Не можеме да кажеме ‘да’ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме ‘да’ додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, рече бугарскиот претседател пред самитот во Брисел. 

Пред два дена Бугарија потврди дека нема да ја поддржи преговарачката рамка на Северна Македонија за преговори со ЕУ. Бугарската страна инсистира на гаранции дека Македонците ќе го спроведат договорот за добрососедство од 2017 година, обидувајќи се да ја донесат неговата контрола на европско ниво. Сепак, земјите членки на ЕУ не го прифаќаат овој пристап, бидејќи не сакаат билатералните прашања да се решаваат на европско ниво. 

Резигнираност

Премиерот Зоран Заев, во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, на прашањето за надминување на долготрајното бугарско вето и за остварувањето евроинтеграциите на земјата и регионот, посочи дека и покрај искажаното трпение, понуден дијалог и пријателство, по повеќе од 16 години се чувствува резигнираност и кај политичарите во земјата, но и кај европските претставници заради недонесување одлука за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. 

-повеќе на темата: Македонскиот јазик во вителот на шпекулации и предупредувања

„Дефинитивно да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака. Проблемот е никаков“, истакна премиерот. Тој повтори дека не се откажува од својата намера, која како што подвлече е негова задача како премиер на државата, да го отвори патот на земјата кон Европската Унија, да се направи исчекор на овој пат, за да се надмине неправдата. 

„Ќе постигнеме решение и ако сме Европејци и ако гледаме кон иднината. Можат да се решат и идентитетските прашања бидејќи тие велат дека ја прифаќаат реалноста дека сме Македонци со македонски јазик, признаени во светот, ратификувани во Обединетите нации“, порача Заев.