Путин и новата лага за Октомвриската револуција | Свет | DW | 07.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин и новата лага за Октомвриската револуција

Октомвриската револуција никогаш не се одиграла онака како што е претставувана, од почеток тоа било голема лага. Но и новите властодржци во Кремљ бегаат од вистината и додаваат нова лага, смета Миодраг Шориќ.

Една позната изрека од средновековниот христијански филозоф Аурелие Августин вели: подобро пораз поради вистината, отколку победа со помош на лага. Лениновата лага за комунизмот, за наводниот подобар живот на селаните, работниците и интелектуалците доживеа победа во есента 1917. година. Но, сите негови ветувања во крајна линија се испоставија како лажни. Марксизмот-Ленинизмот стана „опиум за народот“, во името на идеологијата беа извршени бројни убиства, грабежи и други злосторства. Комунистичкте водачи го уништија нормалниот живот на бројни генерации, убија милиони луѓе, ги организираа најголемите прогони на христијаните забележани во историјата. Т.н. Октомвриска револуција претставува катастрофа која стави печат на целиот 20 век.

Легенди создадени од болшевистичките историографи

Болшевистичките историографи имаа многу време за да ја декорираат и претстават Октомвриската револуција во непостоечки настан: во наводен бунт на масите против провизорната влада. Во суштина, на 7. ноември 1917. година добро ситуираните граѓани на Санкт Петербург одеа во театар за да го чујат пејачот Фјодор Шнаљапин. Други пак стоеја во редици пред продавниците, каде се продаваше брашно и шеќер по превисоки цени. Во крајната фаза на Првата светска војна, обичните Руси беа презафатени со секојдневното преживување. Што и да правеа на овој ден, мнозинството беше уморно од војна, разочарано од политиката, и не сакаше да чуе за болшевиците. Троцки и Ленин пак имаа безусловна желба за власт. Истовремено, никој не застана во одбрана на провизорната влада - демократијата беше беспомошна! И така, злото го почна својот поход.

Денес се поставува прашањето: каков е односот на сегашната руска влада кон оваа историска катастрофа? Кремљ се чини беспомошен, иритиран, влече контроверзни потези. Што не е за чудење. Зашто,  владиниот апарат во Москва, исто како и оние во Киев или Минск, до денешен ден носи жиг на советското време.  Тамошните носители на одлуки се луѓе воспитани во ерата на комунизмот. Тие израснале со митовите и лагите на црвената пропаганда.

За жал, во Русија денес недостига морален авторитет од рангот на еден Александар Солжењицин или Андреј Сахаров. Некој, кој без заобиколувања лениновите професионални револуционери ќе ги нарече со нивното вистинско име: фанатици, одмаздољубиви криминалци, разбојници, убијци. Наместо тоа, се врши минимизирање на нивните злодела.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Сто години подоцна - нова лага

За одбележување е една манифестација планирана за 7.11.2017 во Санкт Петерберг: читање песни на „црвените“ и монархистичките „бели“. Желбата на организаторите е крајна констатација: на двете страни во руската граѓанска војна (со пет милиони мртви) се бореле „патриоти“. Значи, претседателот Владимир Путин треба да се претстави во улога на голем помирувач на рускиот народ. Политички, тоа е можеби логично. Зашто, мантрата на Путин гласи: стабилност. Но, Кремљ, 100 години подоцна, со тоа придонесува за  лансирање во светот на една нова лага за Октомвриската револуција: имено - Ленин, Троцки и Сталин не беа никакви патриоти.

Уште пред 500 години, на реформаторот Мартин Лутер му беше познато: лагата е како топка снег - колку подолго се тркала, таа станува толку поголема. Да додадеме малку патос:  единствено „сонцето на вистината“ може да ја стопи „комунистичката топка снег“.  Поинаку и појасно кажано: да се надеваме дека идните генерации во Русија ќе покажат поголема храброст во однос на историската вистина од денешните. Тогаш и во Русија ќе постои адекватен однос кон ужасниот настан од пред точно 100 години.

 

DW.COM

Реклама