1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Не, Украина не ја почна оваа војна

Катрин Весоловски
6 март 2022

Војната не ја почна Русија, туку Украина, тврди Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи и посочува на конфликтот кој трае од 2014. Неколку аргументи зошто нејзиното тврдење е погрешно.

https://p.dw.com/p/47wYR
Руски тенкови се движат кон границата со Украина
Руски тенкови се движат кон границата со УкраинаФотографија: Konstantin Mihalchevskiy/SNA/imago images

Тврдење: „Русија не ја почна војната, туку ја завршува", пишува Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи во објава на Фејсбук. Тековната руска инвазија во Украина притоа ја става во контекст на конфликтот кој со години трае во Донбас. Слична аргументација имаше и Владимир Путин на почетокот на рускиот напад, кога офанзивата погрешно ја опиша како случај на одбрана според Член 51 од меѓународното право на ООН. Захарова тврди и дека Украина „планирала систематско уништување на населението во Донбас”. Тврдењата на Захарова ги ширеше меѓу другото и државната руска телевизија „Раша тудеј” на германски јазик.

ДВ проверка на факти: Погрешно.

Двете тврдења се погрешни. Актуелниот вооружен конфликт започна со инвазијата на руските сили во Украина на 24 февруари, кратко по телевизиското обраќање на Путин во кое најави „специјална воена операција” во Украина. Русија ги започна борбените дејствија и со преминувањето на украинската граница предизвика воена ескалација која сѐ уште трае. И второто тврдење на портпаролката е погрешно; за  „систематско уништување на населението” во Донбас нема никаков доказ, покажува проверката на факти на ДВ.

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

Русите го почнаа оружeниот конфликт уште во 2014

Де факто е спорно меѓу Русија и Украина кој во 2014 го провоцираше почетокот на конфликтот. Исходот од него беше Мајдан револуцијата 2014 во која тогашниот украински претседател Виктор Јанукович одби да потпише Договор за асоцијација со ЕУ. Прозападни демонстрации го присилија Јанукович да оди во бегство по што преодна влада ги презеде работите во свои раце.

Истовремено војници без државни обележја го окупираа Крим и поставија руски знамиња. Според руски извори, тие не делувале по налог на Кремљ, за што западните набљудувачи имаат големи сомнежи. По референдумот, кој не беше признат од меѓународната заедница, Руската федерација го анектираше полуостровот. Истовремено Русија поддржуваше сепаратистички движења на источниот дел од украинскиот регион Донбас против кои владата во Киев презеде борбени дејствија.

Повеќе: Украина ќе преживее, но Западот треба да се срами

Од кој момент конфликтот прерасна во војна, и меѓу учесниците и во научниот свет е спорно. Но, најдоцна на 24.02.2022 кога руските сили ја пречекорија границата кон источна Украина и навлегоа на украинска територија, конфликтот прерасна во војна меѓу две држави. Претходно регионите во Донбас, Доњецк и Луханск, прогласија еднострано независност и се отцепија од централната власт во Киев. Москва за само неколку часа ги призна.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Нема докази за планиран геноцид на населението во источна Украина

Марија Захарова експлицитно посочува на наводно „планирано уништување на населението во Донбас” и најмалку 13 илјади жртви од конфликтот до сега. За систематско истребување на цивилното население нема докази. Мисијата на ОБСЕ активна во регионот од 2014 нема забележано масовно убивање на цивилното население во Донбас. За планиран геноцид врз населението на истокот на Украина руското Министерство за надворешни работи до сега нема приложено никакви докази.

Дополнително на ова, ООН на двете страни им префрла повреди на човековите права како измачување и силување на затвореници, особено во првите години по конфликтот. Исто така и примирјето во рамки на Договорот 2 од Минск од двете страни било повеќе пати нарушено. Точно е дека во оружаниот конфликт се убиени најмалку 13.000 лица. Според последните бројки од ООН, до почетокот на 2020 се загинати до 13.200 лица, од кои 3.350 се цивили и 5.650 бунтовници. 4.100 лица според ООН биле членови на украинската армија. Портпаролката Захарова аргументира дека жртвите во рамки на украинската армија исто така го оправдуваат воениот чин спрема земјата.

Заклучок: Тврдењата на Марија Захарова дека Украина ја почнала војната, се погрешни. Руската федерација противправно го анектираше полуостровот Крим во 2014 што не наиде на меѓународно признавање. На 24 февруари 2022 Русија на северот и североистокот и на југот преку Крим ја нападна Украина и така иницираше војна меѓу Русија и Украина.