1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски најавува скорешна посета кај Трамп

СН/агенции | дпа
26 декември 2025

САД и Украина долго време разговараат за мировен договор. Сега одлуките би можеле брзо да се донесат. Останува прашањето дали Москва ќе соучествува.

https://p.dw.com/p/55z7y
Американскиот претседател Доналд Трамп го пречекува претседателот на Украина Володимир Зеленски пред Западното крило на Белата куќа во Вашингтон
Наскоро нова средба: Трамп и Зеленски ќе разговараат за актуелната состојба околу мировниот план за УкраинаФотографија: Bonnie Cash/UPI Photo/newscom/picture alliance

Во обид да се најде мировно решение за Украина, претседателот Володимир Зеленски објави дека ќе го посети американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови. „Многу работи може да се одлучат до Нова Година“, напиша Зеленски на социјалните мрежи Телеграм и X. Тој не го прецизираше точниот датум.

Неговиот главен преговарач, Рустем Умеров, го информирал за најновите контакти со САД. „Не губиме ниту еден ден. Договоривме состанок на највисоко ниво со претседателот Трамп во блиска иднина“, напиша Зеленски.

Киевскиот весник Киев пост објави, повикувајќи се на дипломатски извори, дека состанокот би можел да се одржи на 28 декември во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида.

Интензивни дипломатски напори

Дипломатските напори за ставање крај на речиси четиригодишниот руски напад на Украина се интензивираа во последните недели. Трамп сака да постигне крај на војната. Неговиот преговарачки тим, кој го сочинуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер, интензивно разговараше со украинските преговарачи. Зеленски, исто така, во четвртокот (25 декември, 2025) разговараше телефонскисо Виткоф и со Кушнер. 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф во разговор.
Украинскиот претседател Зеленски(лево) изрази задоволство по последниот телефонскиот разговор со американските посредници Виткоф (десно) и Кушнер.Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Два дена во декември, дипломатијата се пресели во Берлин, со што беа вклучени и Европејците. Москва беше вклучена преку руско-американски контакти.

Зеленски го објави планот од 20 точки

Откако мировниот план беше чуван во тајност долго време, Зеленски на Бадник излезе во јавноста со документот кој содржи 20 точки. Тој предвидува, меѓу другото, безбедносни гаранции за неговата земја, слични на клаузулата за взаемна помош од Членот 5 од договорот на НАТО.

Руските реакции на разговорите на различни места беа воздржани. Главна точка на спорот остануваат аспирациите на Русија кон регионите Доњецк и Луганск во Донбас, кои не се целосно освоени. Украинската армија таму се брани и не сака да ги напушти тие територии.