Празните ветувања на Путин | Свет | DW | 21.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Празните ветувања на Путин

Во својот говор за состојбата на нацијата, рускиот претседател се обиде да го запре падот на популарноста со кој се соочува. Но ветувањата на Владимир Путин бледнеат соочени со реалноста, смета Инго Мантојфел

Петнаесет години не се некоја специјална годишнина. Сепак, кога претседателот на една држава по 15 пат го одржува својот говор за состојбата на нацијата, тогаш тоа речиси да има карактер на јубилеј. Од друга страна, тоа со себе носи и нешто од здодевната рутина. Веројатно така му беше и на рускиот претседател Владимир Путин при неговиот вчерашен (20.02) говор во рускиот парламент: тој рутински и без голем ентузијазам, го изврте своето излагање.
За разлика од претходните години, Путин не успеа да ја одушеви публиката дури ни со компјутерски симулации на новото руско чудесно оружје. Руската политичка, економска и религиозна елита на стоички начин ја поднесе и оваа изведба на својот претседател и, исто така, во вистинските моменти, рутински аплаудираше.

Ветувања и горчлива реалност

Суштината на говорот кој траеше околу 90 минути беше- како и многупати досега во говорите на Путин- ветувањето дека ќе се подобри социјалната и економската состојба на луѓето. Притоа, тој ја играше добро познатата улога на грижлив татко на нацијата: овде зголемување на социјалните издатоци, таму нови поволности.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App

Инго Мантојфел


Сепак, по бројните години економска стагнација и намалување на реалниот приход, новите социјални ветувања нема да го поправат расположението во земјата. Дури и Институтот за истражување на јавното мислење кој е под контрола на државата, во јануари заклучи дека довербата во Путин се намалува: му веруваат само уште една третина од Русите. Тоа е историски најнизок рејтинг од 2005 година. Причината за тоа е минатогодишната одлука на Путин да се зголеми старосната граница за заминување во пензија. А последиците од таа одлука беа, за руски прилики, големи протести.
Новите отстапки кои сега ги вети нема да придонесат кон тоа да се заборави одлуката за пензиите.
Но, руската реалност не му ги мати сметките на Путин само во социјалната сфера. Додека рускиот претседател ветува подобра бизнис клима и подобар правосуден систем, американскиот топ-инвеститор Мајкл Келви од пред неколку дена се наоѓа во затвор во Москва. Тоа што тој политички необоен американски инвеститор, кој речиси 25 години преку приватниот фонд Баринг Восток инвестира милијарди во Русија, сега доживува таква судбина, силно ја потресе московската претприемачка заедница. Значи: само уште мал број претприемачи смеат да им веруваат на зборовите на Путин.

Karikatur von Sergey Elkin zu Putins Rede vor dem Parlament

Карикатура на Сергеј Елкин за говорот на Путин

Путиновата реалност

На тој начин, реалноста за која Путин со години е одговорен, ги распрскува неговите ветувања. И затоа има одредена иронија во тоа што тој во својот последен говор мораше да заклучи дека минатите години предупредувал на огромни нерегуларности, но дека досега не е постигнато подобрување.
И во надворешно-политичка смисла говорот не Путин не донесе поважни изненадувања. Тоа дека претседателот го смета масивното руско вооружување за одбранбена мерка беше познато и порано, но тоа на тој начин не станува поверодостојно. На Западот владее консензус дека Кремљ е одговорен за кампањите на дезинформирање, за употреба на нервен гас во случајот на бившиот руски агент Скрипаљ, за анексијата на Крим, уривањето на патничкиот авион МХ17, скриената воена интервенција во Украина и кршењето на договорот ИНФ за ракетите со среден дострел. Новите закани на Путин со вооружување против Западот затоа се за жалење, но тие се одамна пресметани во политичките калкулации. И доволно се ужасни за да не мора да се гледаат нови компјутерски симулации.

DW.COM

Реклама