По извештајот на ЕК: Берлин бара брз почеток на пристапните преговори на ЕУ со Скопје | Северна Македонија | DW | 02.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

По извештајот на ЕК: Берлин бара брз почеток на пристапните преговори на ЕУ со Скопје

По најновиот позитивен извештај на Европската комисија и препораката да започнат пристапните преговори, сега одлуката е во рацете на земјите-членки да ги отворат портите. Германија бара тоа да се случи набрзо.

Европската комисија уште еднаш даде позитивно мислење за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Во комбинација со ревидираната преговарачка методологија која ја бараа некои земји-членки, тоа би требало да биде доволно за конечно Скопје да добие зелено светло за посакуваните преговори. Неименуван ЕУ дипломат за агенцијата Ројтерс вели дека очекува, не само Франција, туку и Холандија и Данска да прифатат почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Одлуката ќе биде позната на самитот на ЕУ закажан за 26 март годинава, откако два дена претходно на таа тема ќе расправаат и министрите за надворешни работи на ЕУ. 

„Она што беше наша задача ние го завршивме и тоа за нас беше клучно, и веќе нема никакви изговори и причини зошто не би се донела одлуката побрзо“, коментираше денеска на прес-конференција националниот координатор за интеграција во ЕУ, Бојан Маричиќ.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека и Северна Македонија и Албанија ги исполниле бараните услови и изрази „надеж дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во следните недели“. 

Добри оценки

Германија експресно го поздрави Извештајот на Европската комисија и порача дека очекува наскоро да започнат и преговорите.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас изјави дека двете балкански земји одново „добиле добри оценки“.
„Постои јасен напредок, пред се во реформата на судскиот систем и борбата против организираниот криминал и корупција“, соопшти Мас.
Германија ја споделува „позитивната оценка на Европската комисија“ и се залага за „брз почеток на преговорите за членство“.

Во денеска објавениот мини-извештај на шест страници, Европската комисија оценува дека Северна Македонија постигна „значителен напредок“ и ги исполни условите кои и беа наметнати од Советот на ЕУ за почеток на преговорите.

Генералната оценка на Брисел е дека „Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“. Во тој контекст наведени судските реформи, случаите на висока корупција, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација.

 

DW.COM

Поврзана содржина