1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Ukraine-Krieg | Abkommen über Export von ukrainischem Getreide
Договорот за житото беше потпишан во Истанбул, 22.07.2022Фотографија: OZAN KOSE/AFP

По договорот за житото: Многу пофалби, но и многу скепса

Тагесшау | ЕМФ
23 јули 2022

Договорот за житото одговара на интересите на Украина, оцени украинскиот претседател Зеленски во видео порака. Тој, меѓутоа, не исклучува дека се можни натамошни провокации од страна на Русија.

https://www.dw.com/mk/%D0%BF%D0%BE-%D0%B4%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%BE%D1%82-%D0%B7%D0%B0-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%B6%D0%B8%D1%82%D0%BE-%D0%BC%D0%BD%D0%BE%D0%B3%D1%83-%D0%BF%D0%BE%D1%84%D0%B0%D0%BB%D0%B1%D0%B8-%D0%BD%D0%BE-%D0%B8-%D0%BC%D0%BD%D0%BE%D0%B3%D1%83-%D1%81%D0%BA%D0%B5%D0%BF%D1%81%D0%B0/a-62573318

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави договорот кој треба да овозможи извоз на жито од Украина преку Црното Море. Поединечните точки од потпишаниот документ кореспондираат „целосно со интересите на Украина“, рече Зеленски во видео обраќање. „Сега не само што можеме да ја продолжиме работата на нашите црноморски пристаништа, туку можеме и да ја одржиме потребната заштита за нив.“

Зеленски рече дека Украина сега може да извезе вкупно 20 милиони тони жито од минатогодишната жетва. Се вели дека се складирани залихи во вредност од околу десет милијарди американски долари. Претходно, завојуваните страни, за првпат по речиси пет месеци од почетокот на руската инвазија на Украина, постигнаа голем договор: извозот на жито од Украина преку Црното Море, кое во моментов е блокирано од Русија, би требало повторно да биде возможен.

Хуманитарен коридор во Црното Море

Под раководство на Обединетите Нации, претставниците на двете земји, заедно со Турција, би требало да се вклучат и да го надгледуваат хуманитарниот коридор во Црното Море од контролен центар во Истанбул. Украинската влада, меѓутоа, се сомнева дека Русија ќе се држи до договорот.

„Стискам палци тоа да функционира, бродовите да го однесат житото на светските пазари и цените да се намалат, а луѓето да имаат храна. Но, многу сум претпазлив затоа што немам доверба во Русија“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро КУлеба.

Скепса искажа и претседателот Зеленски: „Секому му е јасно дека може да има провокации од руска страна, обиди да се дискредитираат украинските и меѓународните напори“, рече тој, додавајќи: Но, ние им веруваме на ОН.“

Ukraine Saporischschja-Region | erntereifes Getreidefeld
Украина сега може да извезе вкупно 20 милиони тони жито од минатогодишната жетва, вели ЗеленскиФотографија: Dmytro Smoliyenko/Avalon/Photoshot/picture alliance

ЕУ и САД го поздравуваат договорот

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, исто така го поздрави договорот за извоз на жито. „Овој договор може да биде од полза за милиони луѓе ширум светот“, напиша тој на Твитер.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, зборува за „чекор во вистинската насока“. Истовремено, тој повика на брзо спроведување на договорот. „Милиони луѓе се изложени на ризик од глад како резултат на илегалната инвазија на Русија на Украина.“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го поздрави договорот и во исто време повика на негова брза имплементација. „Гладните во светот не можат да чекаат и очекуваме спроведувањето на денешниот договор да започне експедитивно и без пречки или мешање“, рече тој.

Крајот на блокадата на украинскиот извоз преку Црното Море е еден од многуте чекори кои Русија мора да ги преземе за да обезбеди храната од Украина да стигне на светските пазари, оцени Блинкен, додавајќи: „Сѐ додека Русија ја продолжува својата неоправдана и брутална агресија против Украина, глобалната безбедност на храната ќе остане загрозена.“

„Добредојден развој“ за Африка

Африканската унија (АУ) го поздрави договорот, оценувајќи дека тоа е „добредојден развој“ за Африка. Африканскиот континент е особено тешко погоден од бавните испораки предизвикани од војната во Украина. Многу африкански земји увезуваат повеќе од половина од својата пченица од Русија или Украина. Затоа, Обединетите нации предупредија од опасноста од голем глад.

Infografik Weizenexport Russland, Ukraine EN

Отстапки за Русија

За Русија да даде согласност за договорот од Истанбул, направени се отстапки во нејзина полза. Русија и ОН потпишаа посебна изјава за намери, која, според ОН, треба да помогне за полесен извоз на руски прехранбени намирници и ѓубриво. За таа цел е формиран тим во ОН кој ќе преговара со држави и организации кои воведоа санкции против Русија. Со нив треба да се работи на решенија за подобар извоз на производите, без притоа да се олабавуваат санкциите.

Украина: Нагазни мини по нивите, блокиран извоз на жито од земјата

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница