Потребна е итна помош за Грција | Свет | DW | 29.04.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Потребна е итна помош за Грција

Напорите за финансиска помош за Атина се одвиваат под полна пареа. По разговорите со шефовите на ММФ и на ЕЦБ, германската канцеларка Ангела Меркел по телефон разговораше и со американскиот претседател Барак Обама.

default

Во грчката каса до 19 мај мора да има 9 милијарди евра

Пакетот финансиска помош од ЕУ и ММФ за сопирање на, како што ја нарече „убиствената спирала“ во Грција, ќе биде готов во следните неколку дена, соопшти денеска Оли Рен, комесар за економски и монетарни прашања на ЕУ. Грција така ќе може „да земе здив“, да ги стави под контрола јавните финансии и да гарантира стабилен пораст на стопанството, вели Рен. Еврокомесарот оцени дека заедничката финансиска помош од ЕУ и ММФ е нужна за „заштита на финансиската стабилност во ЕУ, но и глобално.“ Тој не откри детали од планот оти уште се доработува, но нагласи дека Грција ќе биде под строг надзор на Брисел „во секој чекор“ од спроведувањето на економските и буџетските реформи.

Ова е еден од главните услови за добивањето на помошта од ЕУ што ги постави и германската канцеларка Ангела Меркел. И натаму е нејасно колкав е вкупниот обем на неопходните кредити за Грција.

Според германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, токму се преговара околу тоа. Шојбле смета на тоа дека Грција ќе може да ги врати средствата што ќе и’ бидат позајмени и дека нема да падне никаков товар врз германските даночни обврзници. Германија нема да даде буџетски пари, туку ќе земе кредит со пониски камати, што ќе и’ го стави на располагање на Грција со повисоки камати. Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле, пак, проценува дека на Грција во наредните три години ќе и` бидат потребни околу 135 милијарди евра, а уделот на Германија би бил 25 до 30 милијарди. Германската влада, Бундестагот и Бундесратот се очекува следната недела по брза постапка да донесат решение за помошта за Грција. Земјата веќе на 19 мај мора да отплати достасан долг од девет милијарди евра.

Шефот на социјалдемократската фракција Франк Валтер Штајнмаер денеска истакна дека СПД, како најголема опозициска партија во Бундестагот, ќе го поддржи решението за пакетот-помош за Грција. Штајнмаер истовремено ја обвини германската влада дека предоцна делувала во овој случај. И Партијата на левицата соопшти дека ќе даде зелено светло за помошта за Грција, бидејќи во прашање била стабилноста на еврото. Меѓутоа, Левицата се залага за тоа и банките да бидат вклучени во помошта за Атина.

Загриженост околу грчката криза изрази и германскиот претседател, Хорст Келер. Финансиската индустрија, според него, со неодговорно однесување остварува високи профити за себе, но продуцира ризици за сите други.

Автор: ТТ/ЗЈ/дпа/афп/ројтерс/дв

Редактор: Александра Трајковска

Реклама